Онака како што Груевски го криеше својот грабеж зад лажните антички столбови, така и Орбан ја штити својата олигархиска економија со тврдење дека таа им служи на националните интереси, пишува печатот на германски јазик.
Реклама
Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг во денешното издание предупредува дека давањето азил на експремиерот Груевски од страна на Унгарија е шамар за ЕУ, но и за Швајцарија која исто така долги години се залага за владеење на правото во Македонија.
„Да се добие азил во Унгарија е всушност невозможно. Стапката на успешност е три проценти, а барателите за тоа чекаат со години во транзитните зони. Тоа е речиси безнадежен обид - освен ако оној што помага не се вика Виктор Орбан. Во таков случај шансите се зголемуваат на 100 проценти, а постапката трае една недела. Поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој е правосилно осуден на двегодишна затворска казна поради корупција го знае тоа: тој му е пријател на Виктор Орбан. Унгарските дипломати го развезуваа низ балканската рута преку три држави и четири граници до Будимпешта. Во понеделникот тој таму доби статус на бегалец. Аферата е многу повеќе од пријателска услуга од Орбан за еден криминален духовен брат. Тоа е една дрска провокација на адресата на ЕУ и на сите земји- меѓу нив и Швајцарија- кои со години се залагаат за владеење на правото во Македонија“, констатира НЦЦ.
„Орбан молчи за причините поради кои неговиот пријател смее да остане во Унгарија. Но неговиот гласноговорник, весникот „Маѓар Идок“, дава сугестии. Во Македонија, пишува весникот, на власт е влада која свесно ја запоставува одбраната на националниот и културниот идентитет. И зад неа стои 'некој' кој сака да создаде 'хибридна Македонија'. Искусниот унгарски читател треба да се сети дека се работи за Сорос, големиот манипулатор. Намерата на Орбан е јасна: криминалниот случај на Груевски зад кулисите треба да се претвори во наводна културна битка. Но тука не се работи за вредности или за иднината на христијанството. Онака како што Груевски го криеше својот грабеж зад лажните антички столбови, така и Орбан ја штити својата олигархиска економија со тврдење дека таа им служи на националните интереси. Со азилот за еден криминален политичар Орбан ги турка своите провокации еден чекор натаму. Но, тоа е веќе еден чекор премногу. Европската Комисија и земјите-членки конечно мораат тоа без заобиколување да му го објаснат. Европската народна партија мора веднаш да реагира: Орбановата Фидес конечно го загуби своето место таму“, пишува НЦЦ.
Кралот Орбан
Весникот Велт се прашува кој е мотивот на Орбан да го заштитува бегалецот Груевски?
„Официјално (унгарската, н.з.) владата немала ништо со бегството на Груевски. Но никој ни во Унгарија не верува дека Груевски на своја рака и без конкретна надеж во успех си ја пробал среќата. Но, доколку Орбан се вмешал во играта, зошто го заштитува Македонецот?“
„Во минатото Орбан често му помагаше на Груевски, па дури и за него се вмешуваше во изборните кампањи во Македонија. Бизнисмени од опкружувањето на Орбан му помагаат на Груевски да си изгради мрежа на десно-популистички медиуми. Но сега, откако е правосилно осуден, Груевски е токсичен. Да се заштитува Груевски во овој момент носи само загуба и никаква корист.
Едно можно објаснување е долгорочната стратегија на Орбан на Балканот. 'Тој размислува како поранешните унгарски кралеви, кои во Балканот гледаа сфера на интерес', вели еден аналитичар. 'Тој гради долгорочни позиции и мрежи, а еден елемент е и пораката дека во тешки времиња можат да се потпрат на него'.
Досега, аферата Груевски го чинеше Орбан политички капитал на Западот. САД веќе побараа Груевски да биде екстрадиран на македонското правосудство. Но, на Балканот некои политичари- во Србија и Бугарија, меѓудругите- со внимание ќе регистрираат дека можат да се потпрат на Орбан“, пишува Велт.
Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Ilic
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Фотографија: AP
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
Фотографија: AP
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: AP
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Фотографија: Innenministerium der Republik Mazedonien
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.