1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Навални: Меркел го дисциплинира Путин

4 септември 2020

Трпението кон Москва е исцрпено, и идните односи помеѓу Берлин и Москва во многу нешта ќе зависат од тоа како Путин ќе изреагира на бесот на германската канцеларка. Пишува Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Ако воопшто постоеше некаков сомнеж за Германија дека опозицискиот лидер Алексеј Навални бил отруен со нервниот отров Новичок, тој сомнеж исчезна неделава откако германските воени експерти ја потврдија „без трунка сомнеж“ вистината.

Ангела Меркел во кратко, но остро соопштение, обвини за „обид за убиство со труење”, додека министерот за надворешни Хајко Мас и министерката за одбрана Анегрет Крамп Каренбауер излегоа пред медиумите, а рускиот амбасадор беше поканет на „итен разговор”.

За соработниците на Навални исто така не постои никаков сомнеж. „Само руската држава, тајните служби, било поранешното КГБ или военото крило ГРУ, можат да го употребат Новичок во судир со своите политички противници“, изјави Иван Жданов, директор на Антикорупциската фондација на опозиционерот кој се уште се наоѓа во кома. Главниот стратег пак на Навални, Леонид Волков, вели дека Навални бил отруен со Новичок, што води до директна врска со руското лидерство: „Труењето на Навални со Новичок во 2020 година, е како Путин да оставил автограм на местото на злосторот“.

Веќе видено

Невозможно е да се игнорира силното чувство на „дежа ву“ кога се говори за нервниот отров Новичок развиен во Советска Русија за воени потреби, и да не се присетиме на случајот од пред само 2 години кога во Англија со истата супстанца беше отруен поранешниот таен агент на Москва, Сергеј Скрипал и неговата ќерка. Во тој случај како одговорни за обидот за убиство беа идентификувани двајца агенти на ГРУ.

Но, обидот за убиство на Навални, како што Меркел го нарече случајот, е нешто сосема поинакво и далеку пострашно. Скрипал важеше за двоен агент, и колку и нападот врз него да беше дрзок и надвор од сите правила и закони, тоа сепак припаѓа на вообичаените војни во рамките на тајните служби. Путин и во тој случај ја негираше одговорноста, но не се воздржа да не прокоментира дека: „Предавниците на државата мора да бидат казнети“.

Навални не може да се третира како предавник на државата и обидот за убиство на лидерот на опозицијата е гест кој не смее да си го дозволи ни една автократска и деспотска Русија. Тоа што е далеку пострашно е што противникот број 1 на Путин беше нападнат во рамки на границите на Русија, а не надвор во странство, и тоа во ситуација кога опозиционерот бил детално контролиран и постојано следен од полицијата во секое негово движење во Сибир, како што помалку наивно ќе признае официјална Москва, уште пред да биде пренесен во Германија.

Трпението на Меркел е потрошено

Сега Германија на Меркел, која воедно го држи претседателството со ЕУ, делува дека овој пат нема намера да попушти пред Путин и побара итно објаснување и истрага од лидерот на Кремљ. Со други зборови, најважниот лидер во Европа го презема водството со Унијата и континентот со цел да ѝ објасни на Москва дека оваа криза, последна во серијата кризи и деструктивни политики иницирани од Путин, овој пат нема лесно да биде заборавена или надмината.

Само за потсетување, трпението на Меркел и на Германија е потрошено од серијата на дипломатски кризи кои експлодираа особено оваа година. Германското обвинителство веќе истражуваше за убиството на еден чеченско-грузиски дисидент во 2019 година во Берлин, како и за масивниот сајбер напад врз германскиот Бундестаг во 2015 година. И во двата случаи беше донесен заклучок дека одговорни за настаните се руските тајни служби. И во двата случаи Меркел отворено реагираше само откако се огласија обвинителите и судовите, наредувајќи протерување на руски дипломати и заканувајќи се со европски санкции. Но, во случајот со Навални, Берлин е отворено критичен и во првите борбени редови од самиот старт. Трпението кон Москва е исцрпено, и идните односи помеѓу Берлин и Москва во многу нешта ќе зависат од тоа како Путин ќе изреагира на бесот на германската канцеларка.

Кој го сака Навални мртов, повеќе од Москва?

Ситуацијата е комплицирана од многу аспекти и заверите струјат од сите страни. Аналогијата со Скрипал е недвосмислена, но проблемот е што по падот на СССР и во годините на хаос кои следуваат, отровот Новичок се распродава на сите страни. Тоа би можело да е олеснителна околност за Москва, знаејќи дека секој криминалец или доволно моќен и богат човек можел и сигурно дошол во сопствеништво на воениот отров. Но, прашањето што се поставува е кој друг, надвор од Русија, би имал интерес или корист од труењето на опозиционерот? Кој го сака Навални мртов, повеќе од Москва?

Во целата приказна свој удел имаат и одредени геостратешки и геополитички прашања. Веќе некое време САД врши огромен притисок врз Берлин да се откаже од завршување на проектот Северен Поток 2, гасоводот кој би донел огромен квантитет на руски гас во Европа. Америка веќе се закани и спроведе одредени санкции кои би ги погодиле компаниите кои учествуваат во градењето на гасоводот. Токму минатата недела Ангела Меркел изјави дека не сака да се политизира изградбата на гасоводот и да се поврзува со труењето на Навални. Но, сега многумина се прашуваат, дали пред доказите „без трунка сомнеж“ за употребата на Новичок, канцеларката Меркел ќе го промени мислењето.

Други колумни од авторот:

Путин не може без Белорусија, но може без Лукашенко

Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна

До следниот пат, мој драг Бејрут

Стариот континент е спасен, сега е време за нова Европа

Како што рековме, фактот дека труењето на Навални се случува во рамки на руските граници, а не надвор, како и фактот дека Кремљ ги отфрла германските тврдења дека е отруен со Новичок и одбива каква било истрага, драматично го стеснува кругот на можните одговорни, и ако сомнежот можеби не паѓа директно врз самиот Путин, тогаш со сигурност паѓа врз неговиот најтесен круг.

Дополнителен проблем е што Навални не е првиот лидер на опозиција кој завршува како мета на руските убијци. Пред нецели 5 години, Борис Немцов, кој на времето имаше слична функција како и Навални денес, невнимателно беше убиен на Црвениот плоштад.

Како и во случајот со убиството на Немцов, така и денес, дури и кога станува збор за употреба на Новичок, тоа не може да биде доказ дека станува збор за директна одговорност на Кремљ и Путин. Но, подеднакво не може да се исклучи дека независни актери од кругот на Путин, луѓе кои делуваат и можеби зад грбот на Кремљ, се одговорни за убиството на Немцов или труењето на Навални. Искуството не има подучено, дека кој и да е одговорен, никогаш нема да биде спроведен пред лицето на правдата. Затоа, иако не можеме да тврдиме со сигурност дека труењето на Навални доаѓа како директна наредба од Путин, очигледно е дека токму од начинот на кој тој владее и како ја употребува својата моќ, токму Путин ги создава предусловите за вакви и слични напади да се случат, и што е пострашно, да поминат неказнето. Токму од таа комплексност на ситуацијата и на реалноста, произлегува и растечката опасност во руската политичка ситуација и борба.

Навални од тој аспект ја плаќа цената на својата растечка популарност по повеќе од 10 години активизам и критики кон корупцијата на Кремљ и олигарсите на Путин. Сомнежите кон искреноста на опозиционерите во услови на режим и автократија секогаш биле големи, дури и за Навални се зборува дека не е ништо повеќе од смислена опозиција на Путин со цел да се има внатрешен непријател. Но, постои и фактот дека Навални им ги помати сметките на многу моќни луѓе во кругот на Путин, како и дека опозициското расположение доби на одредена сила во последните години, нешто што се покажа и на последните локални избори во Русија.

Навали сега е уште поопасен за Путин

Како и да е, аналитичарите се согласни во едно нешто, а тоа е дека Навални е поголема закана за Путин во кома поради напад кој нему му се припишува, отколку што е како жив опозиционер. Тоа беше и убеденоста на самиот Навални, кога пред некое време ќе изјави: „Мојата смрт нема да донесе ништо добро за Путин. Би ме претворила само во херој“. И конечно би ја ревитализирала опозицијата, нешто што е многу опасно за Кремљ сега кога се појавуваат неочекувани протести на длабокиот руски Исток во Хабаровск или на западната граница во Белорусија, нешто што може да се прелее и накај Москва.

Реакциите на светот ќе бидат жестоки, и тоа нема да биде ограничено само на Берлин. САД, Велика Британија и Италија веќе излегоа со подеднакво жестоки соопштенија. После нападот врз Скрипал, Лондон покрена серија на казнени мерки кон Москва, кои добија поддршка од 28 земји, и доведоа до бркање на 153 руски дипломати низ светот. За потсетување, во тој случај и Македонија протера еден руски дипломат.

После кризата во Украина и анектирањето на Крим, Западот воведе три типа на санкции против Москва: забрана за извоз на технологии поврзани со екстракција на нафта и гас, забрана за кредитирање на руските нафтени компании и банки, и забрана за патување на влијателни руски граѓани блиски до Путин.

Најверојатно и труењето на Навални ќе доведе со слични мерки. ЕУ соопшти дека блокот може да воведе нови санкции кон Русија само откако истрагата ќе открие кој е одговорен за тоа што Германија го нарекува намерно труење со нервен гас на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални. Но, тоа не значи дека поедини земји, кои потоа ќе повлечат и други, нема да побрзаат со некаква казна кон Русија. Воедно, случајот Навални, мешањето на Лукашенко кој ја обвини Меркел за фалсификување на резултатите, ќе доведат до заострување на западните реакции и мерки околу настаните во Белорусија, каде секое евентуално и идно руско мешање или интервенција, тешко би се толерирале.

Знаеме дека протерувањето на дипломати и политиката на санкции ретко, ако и воопшто, се во состојба еден автократски режим да го турнат накај демократија. Ниедна внатрешна промена не е возможна без народна побуна. Но, колку и да политиката на санкции знае да биде контрапродуктивна или неефикасна, таа сепак е подобар инструмент од недејствувањето и толерирањето на ваквите акции.

Во однос на Русија, која веќе е мета на сериозна западна изолација и санкции, и каде економските последици се јасно видливи, санкциите имаат своја јасна политичка функција. Во комплексната равенка која ги регулира односите на моќ во Москва, Путин е човекот кој ги држи или е држен од тајните служби и олигарсите, се додека наративот дека „Путин е решение за секој проблем“ функционира. Доколку тој наратив пропадне и таа машина на моќ почне да зарибува, односно, ако Путин од решение, се претвори во дел од проблемот, тогаш порано или подоцна Владимир Владимировиќ би можел да се пронајде осамен.

Во својот новопронајден подем како врвна европска сила, Берлин и Меркел ја предводат Европа во својот обид за еманципација од американската хегемонија. Берлин го водеше и го оствари европскиот Маршалов план, работи на грчко-турската криза, и е прва во реакциите на кризата во Белорусија. Сега е прва и во осудата на Русија во случајот со Навални.

Колку и да ваквата амбиција на Берлин им смета на Американците, тие ќе го толерираат германскиот подем се додека Берлин е во состојба да ја води Европа подалеку од Кина и Русија, и да ги штити и американските интереси на континентот. Судирот со Москва е потврда дека Берлин нема намера да залута на Исток.

Но, Меркел не е наивна. Политиката на еквидистанца со САД и Русија ќе продолжи, барем се додека на власт е Трамп, додека во однос на Москва Меркел не заборава дека Русија останува клучен геостратешки актер со кој мора да се одржува дијалог.

Дијалог и во случајот Навални, каде Меркел и Западот очекуваат одговори од Путин. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми