1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смее ли Германија да го критикува Израел?

Фолкер Вагнер / Александар Методијев26 јули 2014

Дискусијата не е нова, но поради приликите во Појасот Газа жестоко се разгоре. Каде завршува оправданата критика, а каде почнува антисемитизмот? Никаде како во Германија не се расправа поконтроверзно за ова.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Мораме да се оддалечиме од постојаната тема – антисемитизам“, побара Дитер Грауман уште во 2012 година по бројните дискусии на оваа тема во Германија. Грауман не е кој било. Тој е претседател на централниот „Совет на Евреите во Германија“. Тој во меѓувреме повторно се најде во фокусот на дискусијата која ја водат политичарите, новинарите, претставниците на црквата...

„Никогаш не можев ни да помислам дека во Германија би можеле повторно да доживееме хушкање против Евреите“, рече Грауман. „Во периодот од само неколку часа на Фејсбук страницата на ’Советот на Евреите во Германија’ се појавија 60 коментари за судирот во Газа. Четвртина од нив беа изразено антисемитски настроени“, се тврди во седиштето на оваа организација во Германија. Во неколку случаи полицијата дури презема „истражни мерки“.

Дитер ГрауманФотографија: picture-alliance/dpa

Расправата за антисемитизмот германска психодрама

Во основа на контроверзната дискусија за антисемитизмот стои и дефиницијата на овој поим. Дали критиката на политиката на израелската влада кон Палестинците, независно од тоа кој е одговорен за неа, е антисемитска? Пред две години големо внимание предизвика т.н. црна листа на центарот „Симон Визентал“ со десетте најголеми антисемитисти на светот. На деветото место на таа листа се наоѓа Јакоб Аугштајн, новинар и син на основачот на неделникот „Шпигел“, Рудолф Аугштајн.

Во редовната колумна на онлајн изданието на овој неделник, Аугштајн јуниор крајно критички се постави зборувајќи за политиката на израелската влада во однос на Палестинците. „Израел е демократско општество кое во Појасот Газа настапува како окупациска сила и ги угнетува Палестинците“, напиша Аугштајн, што потоа му се припиша како антисемитизам.

Јаков АугштајнФотографија: picture alliance/Eventpress Mueller-Stauffenberg

Авторот не пропушти прилика да одговори на таквите коментари. Свесен е, како што можеше да се прочита во колумната, дека како Германец не смеел да пишува на ист качин за Израел како еден Шпанец или Швајцарец. Но, како германски новинар тој се соочува со внатрешен судир. „Германецот во него сака внимателно да се однесува кон Израел, ама новинарот во него бара да биде искрен“. Ако Израел ги крши правата, на Аугштајн како новинар мора да му биде дозволено да го каже своето мислење. Се’ останато е, како што тој напиша во „Шпигел“, невротично новинарство.

Кога е дозволена критика?

Критиката за Израел во Германија е како минско поле. Обвинувањето за антисемитизам избива значително побргу отколку каде било на друго место во Европа. Притоа постојат критериуми каде престанува критиката, а каде почнува антисемитизмот. ЕУ тоа вака го дефинира: Антисемит е оној кој го демонизира Израел и ја доведува во прашање легитимноста на државата Израел. Антисемитски е и кога некој ја поистоветува израелската политика со нацистичките методи и дава колективна одговорност на Евреите за однесувањето на израелските политичари. За Дитер Грауман во антисемитизам спаѓа и теоријата за еврејска завера, како и обвинувањето на Евреите за злото во соживотот со другите народи.

Волфганг Бенц е германски историчар кој во 2011 година го водеше „Центарот за испитување на антисемитизмот“ при Техничкиот универзитет во Берлин. Тој веќе 30 години го истражува овој „феномен“ и вели дека антисемитизмот во Германија е речиси константна појава.

Протест во Бремен за поддршка на Палестинците во Газа - само еден од повеќето вакви протести одржани во последните денови во повеќе германски градовиФотографија: DW/N. Steudel

„Она што се промени е односот кон израелската држава. Не постои прифаќање, односно разбирање на израелската политика, но тоа не е антисемитизам“, вели Бенц. Таканаречениот политички барометар на втората програма на германскиот јавен сервис ЦДФ забележа дека 18 проценти од Германците му ја препишуваат вината на Израел за судирот на Блискиот Исток. Само девет проценти од граѓаните сметаат дека Палестинците се главните виновници.

Рефлексно збивање на редовите меѓу политичарите и медиумите

Никаде во Европа нема побрзи реакции на антисемитизмот како во Германија. Тоа се препознава по рефлексното збивање на редовите на политичарите и новинарите, кои од историски причини, а оттаму и поради срам, веднаш почнуваат да го осудуваат антисемитизмот, често и пред да биде потврдено дека станува збор за антисемитска изјава. Ролф Ферлегер, поранешен член на „Советот на Евреите во Германија“ има свој личен став. Тој смета дека политичарите и медиумите се заеднички одговорни за антисемитските пароли на улиците.

Кога германските политичари и новинари велат дека тоа што Израел го прави е реално и кога претставниците на Евреите уште ќе додадат дека оној кој е против Израел истовремено е и против Евреите, тоа според зборовите на Ролф Ферлегер всушност предизвикува антисемитски пароли. „Не смее да има согласувања со сите постапки на Израел“, вели Ферлегер.

И покрај непријателствата, па дури и физичките напади врз Евреите, Даниел Кон-Бендит не се плаши дека би можело да се дестабилизира германското општество, а ниту француското, каде во моментов се одржуваат големи демонстрации против израелската политика во Појасот Газа. Овој европски политичар од Партијата на зелените при тоа разликува т.н. антисемитизам со мигрантска позадина (Франција) и христијански антисемитизам (Германија) и заклучува дека двата во „латентна форма“ отсекогаш се присутни.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми