Смее ли политичар да ви го покаже средниот прст?
20 август 2016 Најпрво за фактите: Зигмар Габриел неделава го посети градчето Залцгитер во Долна Саксонија каде беше навредуван од неонацистите: „Твојот татко си ја сакаше земјата. А што правиш ти? Ти ја растураш“, му викаа на шефот на германските социјалдемократи. Притоа треба да се знае дека таткото на Габриел, кој почина пред неколку години, беше познат неонацист. „До последниот здив“, како што самиот Габриел го опишува. Долги години таткото го вознемирувал целото семејство откако се развел и од сопругата.
Габриел уште како младо момче се ангажирал во младинските организации на социјалдемократите. Оној кој еднаш бил со политичарот во Израел, знае колку црното германско минато го вознемирува вицеканцеларот: политички, лично и емоционално.
Но, тој во исто време е и водечки политичар кој, како и многу други, е воден од амбицијата. Детството и младоста одлучувачки влијаеле врз него. Политиката била средство да побегне од својот татко. Тоа не е најлошиот предуслов за еден политичар со став.
Долги години Габриел ја прикриваше екстремно тешката семејна состојба, и дури пред неколку години одлучи отворено да проговори за неа во интервју за „Ди Цајт“. За првпат проговори за болките од своето детство. И за своите стравови дека можеби наследил некои карактерни особини на својот татко. Неговата нетрпеливост, неговиот неконтролиран темперамент. И тоа е забележливо: не секогаш можниот иден германски канцелар успева да го контролира својот темперамент. А сега и покажаниот среден прст, еден непристоен гест, кој можеби е и кривично дело.
Сепак, сметам дека тој смее да го прави тоа! Екстремно личните навреди од неонацистите не можеа да го остават ладнокрвен, како е тоа можно? Што би ни кажувало тоа за еден политичар со семејна историја како онаа на Габриел, доколку би игнорирал еден онаков напад врз приватната сфера? И кој знае колку пати досега го премолчел тоа. По таквиот гест, Габриел го кажа единственото што му остана: тој останува на својот гест. И дополни „тоа не е форма за секојдневна комуникација“. Точно. Но тоа и не беше секојдневие. Зигмар Габриел има свои крајности и честопати самиот себеси си е најголем противник. Но средниот прст во оваа ситуација беше едноставно: разбирлив.