Сметката одблокирана, две осомничени добија домашен притвор
8 февруари 2011Кривичниот совет на Основниот суд 1 ја прифати жалбата на адвокатите во случајот „Пајажина“ и го укина решението со кое сметката на А1 телевизија беше замрзната. Советот со ова практично ги укина сите решенија на истражниот судија и ги врати предметите на повторно одлучување. Ова значи дека сметката на А1 и останатите субјекти од Перо Наков б.б. може да се одмрзнат и непречено да се користат. Во меѓувреме истражниот судија ќе треба да донесе решение на кој начин сега ќе се обезбеди наплата на побаруваната штета во случајот.
Воедно екс-директорката на „А1 Телевизија“ Анета Кочишки е пуштена од притвор. Нејзе и на уште една осомничена во случајот Перо Наков, Невин Рауф, со одлука на истражниот судија им е одреден домашен притвор. Како што се дознава, истражниот судија ја прифатил за релевантнa медицинската документација за нарушено здравје на двете притворенички.
Бранителите во случајот „Пајажина“ се задоволни од одлуката на кривичниот совет, но ќе сочекаат официјално да го добијат решението од страна на судот. Адвокатот Мирослав Вујиќ, за Дојче веле изјави оти очекува решението да го добијат во текот на овој, или утрешниот ден. Дотогаш не сака да коментира ништо конкретно.
Во очекување на официјално образложение се и новинарите од телевизијата кои засега остануваат на ставот програмата да ја емитуваат од пред зградата на владата, вели главниот и одговорен уредник Младен Чадиковски. Нивните натамошни чекори ќе се знаеле кога во целост ќе им била позната содржината на одлуката.
Сметката на А1 и останатите медиуми и фирми од Перо Наков се блокирани од 28 јануари што беше директен повод за политичката криза која кулминираше со потегот на речиси целата опозиција да го напушти парламентот.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Александра Трајковска