1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сметките блокирани, во етер од улица

28 јануари 2011

Судот ја блокираше сметката на ТВ А1, новинарите излегоа на улица. Информативната програма наместо од студио, се емитува од пред зградата на владата. Во протестот на новинарите власта гледа манипулација.

Случувањата во телевизија А1 во ноември 2010 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Освен на телевизијата А1, блокирани се сметките и на другите фирми од случајот Пајажина за вкупен износ од петипол милиони евра, за колку обвинителството смета дека со неплаќање данок бизнисменот Велија Рамковски ја оштетил државата.

Главниот уредник на телевизијата Младен Чадиковски предупреди дека со ваквиот потег владата ја затворала А1: „Веќе е сосема јасно дека целта на оваа кампања и акција е да се замолчи медиумот, да не му се дозволи нормално да функционира. Во такви услови одлучивме под отворено небо, пред владата, која е главен креатор на целата акција да го изразиме својот револт и да покажеме дека и покрај се` ние ќе останеме тука, нема да замолчиме бидејќи наша основна цел е да информираме објективно и вистинито за состојбите во земјата. Тоа објективно и вистинито известување некому не му се допаѓаше“, изјави Чадиковски.

Фотографија: Petr Stojanovski

Реакција на владата

Владата реагираше дека нема надлежност за замрзнување на сметката на телевизијата. Тоа можел да го стори само судот по барање на обвинителството. Во протестот на новинарите власта гледа манипулација и смислен обид да се направи штета врз нејзиниот имиџ за сметка на лични и партиски интереси.

Вујиќ: несфатлив потег

За адвокатот на притворените осомничени во случајот Пајажина, Мирослав Вујиќ е несфатливо што судот носи ваква одлука во ваков тајминг: „Јавниот обвинител има право да предложи ваква одлука, тоа е негово легитимно право, меѓутоа судот е тој што треба да одлучи. Во една состојба каде се` уште немаме ниту записник, решение и не знаеме ниту за која сума се товариме, освен тоа што обвинителот го кажува, навистина ми е нејасно со каква леснотија 500 вработени се носат на работ на егзистенција“, реагира Вујиќ.

Инаку во најголем дел блокирана е сметката на телевизијата, за четириипол милиони евра, бидејќи обвинителството смета дека Рамковски најмногу данок затајувал токму преку А1. Судот ги замрзнал сметките за бараниот износ, а доколку на нив има повеќе пари, тие ќе можеле да се користат. Минатата недела беше продолжен притворот на Рамковски и 14-те управители инволвирани во случајот Пајажина. Полицијата на крајот на годината ги уапси за злосторничко здружување, перење пари и затајување на данок.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми