1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Сметките на Груевски не се блокирани, но се празни

ДТЗ
28 јули 2021

Неофицијалните проценки се дека станува збор за 200 до 250 илјади евра коишто биле повлечени од банкарските сметки на експремиерот две недели пред бегството. 

Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Додека експремиерот во бегство, Никола Груевски, отвора нови бизниси во Унгарија, неговите банкарски сметки во македонските банки се со салдо нула. Станува збор за неколку сметки коишто ги поседувал, а од кои биле повлечени средства две недели пред бегството. Неофицијалните проценки се дека станува збор за 200 до 250 илјади евра. За ваквите трансакции банките веднаш ја алармирале и Управата за финансиско разузнување, но и тогашното Специјално обвинителство, на чие чело беше специјалната обвинителка Катица Јанева. Досега во рамките на ниту една истрага во земјата не е извршена проверка за патот на парите на експремиерот Груевски, дали се изнесени од земјата и на која сметка се имаат слеано. 

-повеќе на темата: Експремиерот Груевски станува бизнисмен, регистрирал фирма во Унгарија

Зошто не било преземено ништо по укажувањата до СЈО и како Груевски успеал непречено да ги повлече средствата, нема одговор неколку години по неговото бегство. Прашањето се проблематизира по информацијата дека тој започнал нови бизниси во Унгарија, иако во Северна Македонија се водат неколку постапки против него - токму за кривични дела коишто генерирале профит. 

Кога почнал да ги вади парите?

Поранешниот премиер Никола Груевски на 11 ноември 2018  ја премина границата од Албанија кон Црна Гора, и стигна до крајната дестинација на бегството -  Унгарија. Таму беше прогласен за политички азилант и ја избегна казната затвор за случајот „Тенк“ и стана недостапен за македонските органи на прогонот за другите обвиненија.

Никола Груевски пред да избега уште од септември почнал да ги вади парите,вели обвинителката Вилма Русковска.Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Никола Груевски пред да избега уште од септември почнал да ги вади парите и банките за тоа реагирале до тогашното Специјално јавно обвинителство“, потврдува за ДВ шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Таа се присетува дека на оваа тема обвинителката Катица Јанева самата ги информирала обвинителите на еден од подоцнежните состаноци.

-повеќе на темата: Невработениот Груевски со партиски пари купувал приватни имоти, тврди обвинителството

Таа нема објаснување зошто не било постапено кога биле добиени првите сигнали дека се повлекуваат поголеми суми пари од сметките. „Ние тогаш немавме отворено предмет за Груевски, поради што не можевме да преземе ништо“, додава Русковска, според која, сите истраги тогаш беа во надлежност на СЈО, кое ги добивало известувањата за сомнителните трансакции, а такви информации биле испраќани и до Управата за финансиско разузнување. Откако сметките биле испразнети, според обвинителката, сега веќе ништо не може да се направи. 

Најмногу заштедил во 2014 година

Според извори од поранешното СЈО, станува збор за околу 200 до 250 илјади евра, кои што наводно Груевски успеал да ги повлече од македонските банки пред да го реализира планот за бегство од земјата.  Еден ден откако беше и официјално потврдено дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски побегнал во Унгарија, од Специјалното јавно обвинителство информираа дека тој нема пари на сметките и нема имот на свое име.
Според податоците коишто ги објавија медиумите пред неколку години,  Груевски во февруари 2017 година пријавил дека има заштеда од околу 230.000 евра, а од нив 8.000 евра биле на име на неговата сопруга, Боркица. Во имотниот лист тој пријавил само дека поседува 33 уметнички слики во вредност од 10.975 евра. Од заштедените 230.000 евра, 180.000 евра Груевски заштедил додека бил премиер, а најмногу пари штедел во 2014 година, или по 10.000 евра месечно.

Нови бизниси во Унгарија

Речиси три години по бегството од Македонија, поранешниот премиер Никола Груевски стана бизнисмен. Како што објави Дојче веле, тој регистрирал фирма со широка деловна активност во гратче во близина на Будимпешта.

-повеќе на темата: Се шири истрагата – колку станови има Груевски на Водно?

Фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки.

Фотографија: Boris Georgievski

Експремиерот планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ја проба среќата и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби. Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски точно три милиони унгарски форинти или 8.350 евра. Широкиот дијапазон на активности за кои му е регистрирана фирмата му овозможува речиси неограничен прилив на средства, а со тоа и за, евентуално, перење пари.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми