1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законски олеснувања со политички реперкусии?

Катерина Блажевска23 март 2016

Од НБРМ велат дека со одлуката за отворање сметки во странство само е прилагодена досегашната регулатива а не е сменета суштината. Но, тоа не ги намали сомнежите за тајмингот и мотивите

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Стравувања и сомнежи дека е отворена можност за легализирање на сомнително стекнати пари, предизвика одлуката на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) од март годинава, според која, сметки во странство ќе смеат да отвараат македонски државјани кои имаат две патни исправи, домашна и странска, како и лица кои работат или работеле за странски фирми и меѓународни организации.

Од НБРМ велат дека нема простор за стравувања, бидејќи одлуката е донесена по извршена анализа, заради намалување на администрирањето во извршувањето на трансакциите во платниот промет со странство, до степен кој нема да предизвика нарушување на барањата за „девизниот режим" од Законот, а би придонеле за поефикасно водење на бизнисот во Македонија. Од таму посочуваат дека во земјите од ЕУ платниот промет со странство не подлежи на ограничувања како што е случајот во РМ, односно плаќањата се целосно слободни од режимски аспект.

Но, домашни експерти предупредуваат дека треба да се има предвид и дека ЕУ има антикропуциска методологија за следење на текот на парите, а во Македонија токму политичарите се изземни од Законот за спречување перење пари. Имајќи предвид дека и многу функционери имаат двојно државјанство, се сомневаат дека токму тие се „физичките лица" на кои најмногу им одговара одлуката на НБРМ, донесена во чувствителен политички период - пред избори и пред најавени обвиненија од Специјалното обвинителство (СЈО).

Фотографија: DW/Medana Weident

Зошто сега?

Од НБРМ објаснуваат дека врз основа на анализата, утврдиле потреба да интервенираат во седум одлуки, од кои до денес се донесени шест, а наскоро ќе се донесе и последната, која го регулира начинот и условите за вршење на платниот промет со странство. Се работи за одлуки што не се донесуваат за првпат, туку со нив се заменуваат (изменуваат) постојните одлуки донесени пред пет, па и десет години.

„Заради бројните коментари во јавноста, даваме појаснување на опфатот на оваа регулатива и на новините што се воведени во февруари 2016 година. Имено, со оваа Одлука отсекогаш се регулирале случаите во кои резидентите на РМ, кои не се овластени банки (значи физички и правни лица), можат да имаат сметки во странство. Сметки во странство можат да имаат дипломатски претставништва, физички лица кои привремено престојуваат во странство, странски физички лица кои привремено престојуваат во РМ, стекнати права во странство (пензија, социјална помош, детски додаток...) физички лица со постојано место на живеење во РМ, а во исто време имаат и важечка странска патна исправа со податоци за адресата на живеење во странство. Одлуката определува како може да се користи сметката во странство за секое од овие лица - дали само за приливи, само за одливи или и за приливи и за одливи. Со последната одлука од 2016 година се направија мали прилагодувања на оваа регулатива, кои не ја менуваат досегашната суштина. Беше донесена целосно нова одлука (а не измени на постојната) исклучиво од правни причини - променет е членот од Законот за девизното работење кој ја овластува НБРМ да го носи овој подзаконски акт и поради промени во преамбулата на одлуката неминовно се донесе нова одлука", објануваат од НБРМ. Нова одредба е дека резидентот физичко лице може средствата од сметката да ги пренесе во РМ и по истекот на рокот на важност на документот за престој во странство, како и документот за стекнати права. Воведена и нова категорија резиденти физички лица кои можат да имаат сметка во странска банка, врз основа на вработеност во дипломатски, конзуларни претставништва во странство, како и членови на нивните потесни семејства. Ова дополнување е направено врз основа на Законот за девизното работење, според кој, овие лица иако престојуваат во странство, имаат статус на резидент.

„Најголеми реакции во јавноста имаше за одредбите за физичките лица со постојано место на живеење во РМ, а во исто време имаат и важечка странска патна исправа со адреса на живеење во странство. Оваа категорија имаше право да има сметка во странство и со претходната одлука. Единствената разлика помеѓу двете одлуки е само во начинот на користењето на сметката. Според претходната одлука сметката во странство можеше да се користи само за трансфер на средства од странство, а според новата, сметката во странство може да се користи за трансфер на средства во и од странство. Оваа измена е направена заради поедноставување на постапката кај домашните банки при извршување на трансфери од и во странство", велат од НБРМ.

Според Законот за девизното работење, статусот резидент или нерезидент се утврдува врз основа на местото на постојано живеење, а не според тоа дали лицето има или нема државјанство на РМ. Според тоа, ако физичките лица кои се државјани на РМ имаат двојно државјанство, нивниот статус при отворањето на сметка во домашната банка ќе зависи само од тоа кој документ го презентираат до банкарскиот службеник.

Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Warnecke

Политички реперкусии

Според поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев, ако напредуваше процесот на интеграција кон ЕУ, досега требаше сите граѓани на РМ да имаат право на отворање сметки во странски банки и право да купуваат недвижнини, хартии од вредност и други портфолија.

„Бидејќи тоа не е случај, НБРМ со новата одлука тоа право го проширила на сите граѓани кои имаат по два пасоши - домашен и странски. Клучниот збор за ваква промена е: продлабочување на дискриминацијата помеѓу граѓаните на Република Македонија", оценува Гошев.

Тој објаснува зошто граѓаните нема да бидат еднакви пред законот.

„Физички лица со два пасоши можат слободно да отвораат сметки во странство и трансферираат пари во двата правци, да ги чуваат во странство и да ги пласираат во сите видови портфолија. Оние со еден пасош (само домашниот), немаат такво право. Првите имаат можност за поголеми заработувачки, вторите немаат. Граѓаните со двојно државјанство не подлежат на каков и да е девизен режим (процедури, докази, документи) при трансфер на парите од сметките од матичната кон сметките во странските држави и обратно, а вторите подлежат", укажува поранешниот гувернер на НБРМ.

Но, според него, одлуката може да има и политички реперкусии.

„Решението од новата одлука стимулира граѓаните на РМ да бараат статус на двојно државјанство. Некои од соседните држави тоа го стимулираат, така што не се работи само за економски и финансиски реперкусии, туку и за политички. Граѓаните кои немаат двојно државјанство, според одлуката на НБРМ се 'обврзани' и (индиректно) одговорни за рамнотежата на платниот биланс, а оние со двојно државјанство не се одговорни: тие имаат право на одлив на девизи според нивна лична одлука. Во држава со разорен правен и политички систем, со корупција која извира од врвовите на државата, сакајќи или не сакајќи, и ова ѝ оди во прилог на организираната мафија", констатира Гошев.

Од домашните банки засега се воздржуваат од коментар за одлуката на НБРМ. Но, неофицијално го навестуваат стравувањето дека поради политичка нестабилност во земјава, лицата со двојно државјанство одлуката може да ја протолкуваат како „повик" депозитите од домашните банки да ги преселат во странски, но и во разни видови вложувања. Поради тоа, во наредниот период со големо внимание ќе следат какви трендови ќе предизвика одлуката.

Гувернерот на НБРМ, Димитар БоговФотографија: Agentur Makfax

Наплата на побарувања

Не се помали ни стравувањата дека оваа одлука им оди во прилог на домашни физички лица - акционери во оф-шор компании, какви што се појавија во Македонија во улога на странски инвеститори.

Од НБРМ објаснуваат дека има и компании кои заради присутност во странските земји, имаат потреба од отворање сметки во странски банки. Тоа се компании кои изведуваат инвестициски работи во странство, имаат претставништва, вршат услуги во меѓународниот транспорт на стоки и патници или вршат работи во научната дејност. Постојат и резиденти кои имаат стекнати права во странство врз основа на наплата на побарувања по судска одлука, продажба или закуп на недвижен имот во странство, наплата на побарувањата врз основа на дивиденда, продажба на стекнати хартии, камата, поврат на ДДВ од трговски трансакции и наплата на побарувања врз основа на испорака на стоки или услуги по добиени меѓународни тендери.

„Само за овие случаи и токму за овие категории на резиденти, НБРМ издава одобренија врз основа на образложено барање и соодветна документација, која резидентот ја приложува кон барањето. Притоа, оваа постапка на издавање одобренија, НБРМ ја применува со години наназад. Со последната измена на оваа одлука оваа листа на резиденти е дополнета единствено со можност за отворање на сметка во странска банка за потребите на наплата на побарувања во странство остварени врз основа на испорака на стоки или извршени услуги по добиени меѓународни тендери", велат од НБРМ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми