Поради густиот облак од смог, кој со денови е надвиснат над индиската метропола, училиштата се затворени на неодредено време. Од граѓаните се бара да работат од дома, забрането е движење на товарни возила.
Реклама
Комисијата која го контролира квалитетот на воздухот во главниот град на Индија и регионот, синоќа донесе драстични одлуки. Училиштата и колеџите во Њу Делхи престануваат со работа на неодредено време, сите кои можат треба да работат од дома, а за товарните возила кои не пренесуваат стоки кои се неопходно потребни, важи забрана за движење.
До шест од единаесет електрани на јаглен во радииус од 300 километри е побарано првремено да ја прекинат работата, а запрени се и градежните работи на најголем дел од градилиштата. Комисијата побара најмалку половина од владините административци да работат од дома, повикувајќи ги вработените во приватниот сектор да го следат нивниот пример.
Во саботата властите во регионот на Њу Делхи веќе издадоа наредба за еднонеделно затворање на училиштата, но одбија воведување локдаун, што беше предлог на Врховниот суд. Ваква мерка би имала смисол само ако во борбата против загадувањето на воздухот бидат вклучени и околните сојузни држави, соопшти регионалната влада.
Големиот смог: Градови заробени од аерозагадување
Смог, јаглерод диоксид, отровни честички - аерозагадувањето е огромен проблем во повеќе градови во светот. Ова е преглед на градовите кои се најмногу погодени од проблемот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Улан Батор, Монголија
Улан Батор, освен што е еден од најстудените главни градови во светот, исто така е и град со висок степен на загадување на воздухот. За време на зимските месеци, живеалиштата се загреваат со јаглен и дрва што придонесува до 70% за формирање на смогот во градот. Аерозагадувањето во Улан Батор е седум пати повисоко од она што се смета за безбедно според СЗО.
Фотографија: DW/Robert Richter
Пекинг, Кина
Кинескиот главен град се соочува со толку големо загадување на воздухот што научниците велат дека е речиси невозможно да се живее таму - иако градот е дом на повеќе од 20 милиони луѓе. Истражувањата велат дека 3.5 милиони луѓе годишно умираат поради загаденоста на воздухот, една половина од нив се од Кина. Сепак, постојат други градови во светот кои имаат поголем проблем со смогот од Пекинг.
Фотографија: picture alliance/Photoshot
Лахоре, Пакистан
Загадувањето на воздухот е најголем проблем за животната средина во Пакистан. Ситуацијата е особено драматична во вториот по големина град, Лахоре. Смогот е предизвикан, првично од високиот обем на патен сообраќај, палењето на смет и прашината од околните пустини.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Њу Делхи, Индија
Во десетмилионскиот град Њу Делхи бројот на автомобили во последните 30 години се зголемил од 180.000 на 3.500.000 возила. Сепак, најголемите загадувачи се електричните централи кои работат на јаглен. Тие придонесуваат до 80% во вкупното загадување во градот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Ријад, Саудиска Арабија
Песочните бури, како што е прикажано на сликата во Ријад, придонесуваат за формирање на смог затоа што го зголемуваат бројот на честички во воздухот. На места како што е Саудиска Арабија, интензивното ултравиолетово зрачење ги претвара гасовите од транспортот и индустријата во озон.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Каиро, Египет
Лошиот квалитет на воздухот во Каиро е причина за голем број на заболувања кај жителите, како што се хронични проблеми на респираторниот систем и рак на белите дробови. Причината за загадениот воздух е зголемувањето на патниот сообраќај и растечкиот индустриски сектор.
Фотографија: DW Akademie/J. Rahe
Дака, Бангладеш
Според истражување спроведено од Макс-Планк институтот во Мајнц, околу 15.000 луѓе годишно умираат во Дака како последица на загадувањето на воздухот. Истражувачите откриле дека во Дака има најголема концентрација на сулфур диоксид во светот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Москва, Русија
Иако изгледа исто, смогот на различни места во светот има поинаков состав во зависност од градот. Смогот во Москва е карактеристичен по високите концентрации на јаглеводород. Западниот дел на градот често има ветрови поради што квалитетот на воздухот е подобар.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Мексико Сити, Мексико
Проблемот со смогот во Мексико Сити се продлабочува поради неговата географска локација. Градот е опкружен од три страни со планини. Поради високите нивоа на сулфур диоксид и хидрокарбонати во воздухот, Мексико Сити долго беше сметан за еден од најзагадените градови во светот. Состојбата сега се подобрува благодарение на новата сообраќајна политика и затворањето на некои фабрики.
Фотографија: picture-alliance/dpa
9 фотографии1 | 9
Њу Делхи е еден од најзагадените градови во светот. Од минатата недела над милионската метропола повторно е надвиснат густ сив смог. За загадувањето најмногу придонесоа, меѓу другото, и земјоделците од околината, кои на почетокот на зимата ги палеа остатоците од жетвата на полињата.
Во изминатата недела концентрацијата на ситна прашина во Њу Делхи повремено 30-кратно ја преминуваше граничната вредност пропишана од Светската здравствена организација. Според извештај на магазинот „Лансет“, во 2019 година во Њу Делги починале околу 17.500 луѓе од последици од загадениот воздух.