1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртни закани за политичари во Германија

БГ/ ДВ
20 јуни 2019

Додека трае истрагата за убиството на Валтер Либке, градоначалничката на Келн и други градови во Германија исто така добиле закани по живот. Полицијата смета дека заканите доаѓаат од неонацистичкото милје.

Deutschland Pk Kölner Oberbürgermeisterin Henriette Reker
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Закана со смрт стигнала на адресата на градоначалничката на Келн, Хенриете Рекер (на насловната фотографија), потврди германската полиција, само неколку недели по убиството на друг германски политичар за кој властите сметаат дека бил извршен од „деснорадикални екстремисти“.
Полицијата смета дека заканата кон Рекер била испратена од некој кој е активен во десничарската екстремистичка сцена.

Сѐ уште е нејасно дали заканите се поврзани со убиството на Валтер Либке, локален политичар од регионот на Касел, кој беше убиен на почетокот на јуни пред својот дом со истрел во главата.
Рекер веќе беше нападната во 2015 за време на кампањата за регионалните избори, и успеа да преживее иако беше избодена во вратот од десничарски екстремист. Напаѓачот призна дека ја нападнал Рекер поради нејзините про-мигрантски ставови.

Валтер Либке беше убиен на 2. јуни на терасата на својата куќа со истрел во главаФотографија: Reuters/R. Orlowski

Закани и кон други политичари

Случајот го презема обвинителството во Берлин затоа што слични закани биле упатувани и кон други германски политичари. Според сознанијата на локалните медиуми, меѓу нив е и Андреас Холстајн, градоначалник на Алтена во западна Германија. И тој, како и Рекер, беше нападнат и избоден со нож во 2017 година, од напаѓач кој извикувал анти-мигрантски пароли.

Убиството на Либке, кој ја поддржуваше бегалската политика на канцеларката Ангела Меркел, го зголеми стравот од десничарскиот екстремизам во Германија. Главен осомничен за неговото убиство е лице кое е симпатизер на неонаци движења. Тој во моментов се наоѓа во притвор, но полицијата се сомнева дека е можно во организацијата на убиството да учествувала поголема група на десни радикали.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми