Смртоносна драма во клиника во Потсдам
29 април 2021
Четири лица се пронајдени мртви во болница во германскиот град Потсдам доцна синоќа, а една жена е приведена, соопшти полицијата во германската сојузната покраина Бранденбург
Портпаролот на полицијата изјави дека полицијата е повикана во клиниката Оберлин околу 21 часот, и оти пронашле четири мртви лица и едно лице кое било тешко повредено.
„На жртвите се видливи траги од насилство“, изјави портпаролот на полицијата. Жртвите биле пронајдени во различни болнички соби.
Тој додаде дека поради основано сомнение е приведена една жена, за која се смета оти е одговорна за убиствата, но не изнесе дополнителни детали.
Локалниот весник Потсдамер Нојсте Нахрихтен јави дека жртвите биле болнички пациенти, а приведената жена била вработена во болницата. Весникот Билд, пак, објави дека злосторството се случило во објектот за лица со инвалидитет. Мотивот за овие убиства сѐ уште не е познат, а истрагата е во тек. Уште во текот на ноќта во болницата биле спроведени бројни истражни мерки.