Екстремно поројни врнежи предизвикаа големи разурнувања во бразилската сојузна држава Рио де Жанеиро. Во рок од шест часа падна повеќе дожд отколку што се очекуваше за цел февруари.
Реклама
Најмалку 18 лица загинаа во поплавите и свлечиштата предизвикани од силните дождови во бразилскиот град Петрополис, 70-тина километри северно од метрополата Рио де Женеиро, потврдија од пожарникарната служба на бразилската сојузна држава Рио де Женеиро.
Властите стравуваат дека бројот на жртви би можел да биде и поголем.
За само 6 часа во Петрополис падна 260 милиметри дожд, што е повисоко од просекот за целиот месец февруари, па е прогласена вонредна состојба, а гувернерот на државата, Клаудио Кастро, отпатува во погоденото подрачје за да ја искаже својата поддршка на настраданото население.
Природните катастрофи видени од вселената
Како сателитите ја гледаат Земјата? И што откриваат за она што се случува на планетата? Погледнете ги овие импресивни фотографии на природни катастрофи, видени од вселената.
Фотографија: NASA
Ѕверот се разбуди
Без разлика колку долго „спијат“, вулканите секогаш се во лошо расположение кога ќе се разбудат. Меѓународната вселенска станица го снимаше регионот на Курилските острови во Русија, кога еруптираше вулканот Саричев во 2009 година. Дупката меѓу облаците овозможи да биде направена оваа фотографија. Не постои природен феномен кој не може да се набљудува од вселената.
Фотографија: NASA
Остана само пустина
Секојдневното набљудување на Земјата од вселената овозможува да се следат и климатските промени. Фотографиите (од лево кон десно) снимени во април 2014, јули 2015 и јануари 2016 нудат јасна слика на постепеното исчезнување на езерото Попо, некогаш второто најголемо езеро во Боливија, делумно и како резултат на климатските промени.
Фотографија: ESA/Belspo
Не си играјте со оган
Секоја година, пожарите ги уништуваат природата и животната средина во многу земји во светот. Пречесто, тие се предизвикани од човекот. Таков беше случајот и со Индонезија, каде фармерите ги палат дождовните шуми за да обезбедат плодна почва. На Борнео и Суматра сателитите открија големи пожари во септември 2015, а облакот од сив чад предизвика и големо загадување на воздухот.
Фотографија: NASA/J. Schmaltz
Големата поплава
Во Германија, родителите ги плашат децата дека доколку не јадат - ќе врне. И навистина, во 2013 врнеше толку многу што најголемите реки во централна Европа се излеаја од своите корита. Како што се гледа од оваа фотографија од 2013, Елба се излеа од коритото по големите дождови. Заматените води го прекриваат регионот околу Витенберг во покраината Саксонија Анхалт.
Фотографија: NASA/J. Allen
Во окото на ураганот
Силните бури можат да предизвикаат огромни штети. Информациите од вселената овозможуваат прецизно да се следат тие бури: нивната јачина, правецот, брзината... Во регионот на источниот Пацифик, во близина на Мексико, сателитските снимки го утврдија точното движење на тропската бура Сандра која се движеше со 160 километри на час во ноември 2015 година.
Фотографија: NASA/J. Schmaltz
Топење на глечерите
Сателитите играат клучна улога во следењето на климатските промени и процесот на топење на ледената обвивка. Од вселената, научниците успеаја да го документираат топењето на повеќе глечери, како и зголемувањето на морското ниво. Оваа фотографија, снимена од Меѓународната вселенска станица, го покажува повлекувањето на глечерот Упсала во аргентинска Патагонија од 2002 до 2013 година.
Фотографија: NASA
Запрете со дишење!
Во септември 2015 сателитите ја снимија оваа импресивна фотографија од Блискиот Исток обвиткан од песочна бура, т.н. хабуб, која погоди повеќе населени региони. Она што сателитите го забележуваат во вселената потоа се пренесува на сензорите кои го мерат квалитетот на воздухот на земјата, а тоа ги подобрува и метереолошките прогнози.
Фотографија: NASA/J. Schmaltz
„Голата планина“
Со овие зборови НАСА го објасни недостатокот на снег на планината Шаста во Калифорнија, основен извор на вода за целиот регион. Фотографиите кои ја документираат сушата од изминатите години постојано покажуваат кафеави планини кои всушност треба да бидат бели од снег. Паралелно со топењето на мразот, се проширува сушата.
Фотографија: NASA/R. Simmon
8 фотографии1 | 8
Државната пожарникарна служба соопшти дека над 180 војници веќе делуваат во погодениот регион на Петропилис, каде во 2011 година по катастрофалните поплави настрадаа стотици луѓе.
Бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро, кој се наоѓа во официјална посета на Русија, на Твитер побара од своите министри „итна помош за жртвите“.
Дождот запре на погоденото подрачје, меѓутоа според податоците на градските власти прогнозата е дека во наредните неколку часа повторно ќе паѓа „слаб до умерено слаб дожд“.