1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртта на докторот-свиркач ја крена Кина на нозе

БГ /АП
7 февруари 2020

Смртта на лекарот, кој беше казнет затоа што предупреди од ширењето на коронавирусот во Кина, предизвика жестоки реакции и критики од јавноста во комунистичката земја. На удар е цензурата на Пекинг.

China Wuhan Augenarzt  Li Wenliang gestorben
Фотографија: Imago Images/Ritzau Scanpix/Li/Ropix

Со својата смртт доктор Ли Венлианг стана ликот на растечкиот гнев насочен кон цензурата наметната од владејачката Комунистичка партија и нејзините обиди да ги прикрие случаите на опасни инфекции, хемиски протекувања, опасни потрошувачки производи или финансиски измами. 34-годишниот офталмолог почина ноќеска во болницата во Вухан, каде работеше и најверојатно се инфицира од коронавирусот додека ги лекувал пациентите на почетокот од неговото избивање.

„Херој кој откри информации за епидемијата во Вухан во раната фаза, д-р Ли Венлианг е бесмртен“, објави главниот научник на кинескиот Центар за контрола на болести Зенг Гуанг.

Полицијата во декември казни осум лекари, вклучително и Ли, поради тоа што предупредувале од болеста на социјалните мрежи. Кинескиот Врховен суд подоцна ја критикуваше полицијата, но владејачката партија исто така ги цензурираше информациите за болеста.

Корисниците на најголемата кинеска социјална мрежа Веибо оставија стотици илјади пораки под последниот пост на Ли.

Хаштагот „Д-р Ли Венлианг почина“ имаше повеќе од една милијарда прегледи и 1,1 милиони коментари на Веибо.

Дел од корисниците му испраќаа последен поздрав на лекарот, а други ја лоцираа вината за избивањето на вирусот кај кинеските власти. Најголемиот дел од критичните коментари беа избришани од цензорите.

Комунистичката партија веќе беше цел на слични обвинувања поради нејзиното однесување и во претходни катастрофи. Таков беше случајот во 2003 година со вирусот САРС, во 2005 кога протекување на хемикалии го наруши снабдувањето со вода за милиони луѓе на североистокот на земјата, продажбата на расипано млеко кое разболе илјадници деца и банкротот на приватните финансиски компании по глобалната финансиска криза во 2008. Во секој од тие случаи, властите беа обвинети дека се обиделе да ги прикријат или да го одложат објавувањето на информации со цел да се заштитат.

Дел од онлајн коментарите укажуваат и на пошироко незадоволство со партијата и со кинескиот претседател Ши Џинпинг, кој ја заостри контролата врз општеството откако ја презеде власта во 2012 година. Алудирајќи на една од пропагандните иницијативи на Ши, една порака која циркулира на социјалните мрежи гласи „Мојот ’Кинески сон’ е уништен“.

Изјавата која Ли морал да ја потпише во полиција е меѓу најкоментираните фотографии во КинаФотографија: Weibo

Во Вухан, локалните функционери се обвинети дека им наложиле на лекарите во декември да не соопштуваат за ширењето на вирусот со цел да не се оттргне вниманието од годишното собрание на локалниот парламент.

Откако вирусот почнал да се шири, на лекарите им било наредено да ги избришат постовите на социјалните мрежи со кои се барале донации на медицински материјали.

Ли бил уапсен од полицијата откако ги предупредил своите пријатели за опасноста од вирусот на социјалните мрежи. И додека голем дел од јавноста му оддава почит на Ли, државната пропаганда се обидува да ја смири состојбата:

„Дел од животните искуства на Ли Венлианг укажуваат на недостатоци и дефицити во превенцијата и контролата на епидемиите“, објави државната телевизија на својата интернет страница.

По апсењето Ли бил принуден да потпише изјава со која „признава“ дека „предизвикал нарушување на социјалниот мир“ и го повлекол тврдењето дека постои закана од вирусот.

Владата најави дека испраќа специјален тим од Пекинг во Вухан кој треба да ги испита „проблемите пријавени од широките маси поврзани со д-р Ли Венлианг“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми