Смртта на Мула Омар: крај на една ера
30 јули 2015 Нема сомнение дека со смртта на Мула Омар е затворено едно поглавје од неодамнешната историја на Авганистан. Заедно со убиениот лидер на Ал Каеда Осама Бин Ладен, Омар беше олицетворение на „божјиот воин“ кој се сврте против Западот по долгогодишната војна против Советите во 1980-те години.
Неговите следбеници и различни фракции на Талибанците го сметаа за Амир ал-Моминин или лидер на верниците. Омар се движеше како дух за време на талибанското востание против НАТО силите во Авганистан и никогаш не се појави во јавност. Пораките и фотографиите од него кои циркулираа, всушност тешко можеа да бидат верификувани, а последната се појави пред две недели на крајот на муслиманскиот свет празник.
Мула Омар ќе остане во сеќавање како едноок маж со темна кожа и долга брада. Дали неговата смрт ќе значи и комплетен распад на талибанците допрва ќе се види. Но нема сомнение дека веќе не е можен талибански режим сличен на оној кој постоеше во Авганистан во 1990-те години. Дури и да се распадне актуелната влада во Кабул, талибанците нема да бидат во состојба да ја заменат и да го преземат раководењето со државата. Она што загрижува е што талибанците се ослабени со смртта на Омар, а „Исламската држава“ маршира кон регионот.
Без разлика кога навистина починал, објавата на смртта на Мула Омар се случува во чувствително време, во пресрет на мировните преговори меѓу милитантите и владата во Кабул закажани за 31 јули во Исламабад, Пакистан. Не е сигурно дали талибанците ќе бидат многу расположени за разговор. Делува како повеќе да се преокупирани со меѓусебни борби и прашањето за наследникот на Омар. Но, можеби последната дилема е веќе и разрешена имајќи предвид дека за смртта на Омар се шпекулира веќе со години.
Како и да е, останува прашањето зошто неговата смрт беше објавена токму вчера. Единствените кои би можеле да профитираат од тоа, се оние кои се обидуваат да ги саботираат мировните преговори. Само тие се заинтересирани да не постои централна власт која ќе го потврди договорот, или ќе преговара во нивно име.
Сега постои ризик дека некои фракции на талибанците нема да го прифатат исходот од преговорите и ќе одлучат да и се придружат на друга исламистичка терористичка група, како Исламската држава, чиј лидер Абу Бакр Ал Багдади веќе извесно време не е забележан во јавност.