Смрт во пустината
2 ноември 2014
Некаде во пограничната област. Речиси еден час Ден Вилсон се влече самиот и ранецот полн со резерви од храна низ пустата врела степа. Неговата цел е - карпесто засолниште, неколку километри северно од мексиканската граница. Луѓето од југ, кои често ја преминуваат границата илегално, заштитени од погледот на американските гранични патроли, таму наоѓаат последен спас на својот опасен пат кон САД: вода и прехранбени продукти кои ги депонираат Вилсон и други доброволци од хуманитарната организација „Да нема веќе смрт“. Доселениците кои стигнуваат дотаму често се на пат веќе цела недела или подолго, вели тој. На човек, за да го одржи телото за време на напорниот марш низ пустината, му се потребни најмалку три литри вода дневно, вели Вилсон.
„Оној кој нема да ги најде нашите залихи, ретко успева да ги помине последните километри до цивилизацијата“.
Пустината - последна станица
За доселениците од Централна и Латинска Америка, САД изгледаат како рај. Бегајќи од сиромаштија и криминал, над илјада илегални мигранти секој ден ја преминуваат мексиканската граница кон САД. Но, за многумина, угарот е последната станица: оној кој ќе биде фатен од граничните патроли, од граничната полиција на САД, мора да се врати назад во Мексико. Некои имаат уште полоша судбина: само во јужна Аризона невладината организација „Ни недостигаат проекти за мигрантите“ во последната година регистрирала 183 мртви, многумина од нив умреле од глад или жед. Голем дел од загинатите ги „погребува“ пустината и никогаш не се пронајдени.
Вода за патниците
„Да нема веќе смрт“ со години се бори против многуте смртни случаи во граничната област. Хуманитарната организација брои околу 150 волонтери, а се финансира со помош на приватни донации. На таков начин доброволците како Ден Вилсон веќе организирале над 80 станици за вода во Мексико и во САД. Вилсон, кој по професија е механичар за велосипеди во блискиот град Таскон, денеска е на една од бегалските рути низ пустината Сонора во јужна Аризона.
26-годишникот, облеан во пот, стигнува до снабдувачката база на падините на еден кањон.
„Празните канистри овде покажуваат дека некому му требала нашата помош“, вели Вилсон и повторно го полни четирилитарскиот канистер. Потоа, со фломастер со дебели букви на него пишува: „свежа вода“, на американски и на мексикански. За маките на илегалните преминувачи на границата сведочи еден долап издлабен во карпите, а во него - дрвени крвчиња, бројници и избледени фотографии од оние кои не успеале живи да стигнат во САД.
„Овие луѓе доаѓаат на оваа страна за да им овозможат подобар живот на своите семејства. Тие не се злоупотребувачи на социјалниот систем, странци-илегалци и шверцери на дрога“, вели Вилсон.
Милиони кои живеат во сенка
Но, доселениците во САД се третирани токму на таков начин.
„Нашиот имиграциски систем е целосно пропаднат“, критикува Родолфо Еспино од Аризонскиот државен универзитет во Феникс. Денес во САД живеат можеби 11 милиони илегални доселеници, без важечки документи, криминализирани и во постојан страв од протерување. Наместо на имигрантите преку веќе со години ветуваната реформа на доселувањето да им се овозможи живот во САД, претседателот Обама на проблемите со доселениците на американско-мексиканската граница одговара само со натамошни безбедносни мерки, критикува политикологот. Еспино истовремено додава: „Колку високи да ги подигнеме оградите, бегалците ќе доаѓаат со уште повисоки скали“.
Лов на илегални доселеници
Притоа, граничната област кон Мексико веќе сега наликува на воена забранета зона. Бетонски и челични ѕидови високи со метри, модерни системи за надгледување и над 20.000 службеници на американската гранична полиција се обидуваат да го контролираат 3.000 километри долгиот појас долж американската граница. На многу места, дополнително, вооружени милиции на граѓаните вршат лов на илегални мигранти. Постојано доаѓа до пречкање меѓу вакви активисти и доброволците од „Да нема веќе смрт“:
„Припадниците на овие приватни милиции ги уништуваат нашите канистри со вода и со сила не‘ протеруваат од пограничната област, прават се‘ за бегалците да не доаѓаат овде“, раскажува Ден Вилсон.
Затоа и тој самиот ретко среќава доселеници во угарот. И денеска тој се качува назад во своето прашливо теренско возило без да видел еден единствен доселеник. Но, за него тоа е добар знак:
„Само оној кој е во сериозна животна опасност бара контакт со луѓе. Сите други се држат подалеку од патиштата за да ги одбегнат граничните патроли и милициите“.
Зашто, стравот да не се биде откриен често е поголем од самата смрт во пустината. Затоа, и утре повторно стотици доселеници ќе тргнат на животно опасниот пат низ пустината Сонора. На некои од нив залихите кои ги остава Вилсон можеби ќе им го спасат животот.