Смрт за сѐ со што не се согласувам!
18 април 2017Амнести интернешнал во својот извештај за човекови права за 2016/17 година предупредува на дискриминација на националните малцинства и загрижувачка состојба со слободата на медиумите во Хрватска. Се наведува дека во време пред изборите ескалирал национализмот и говорот на омраза. Се истакнува и тоа дека судовите често процесираат случаи на клевета и навреда, но и затвораат очи пред насилството врз малцинствата.
Дека инкубатори на говорот на омраза се маргиналните медиуми покажа истражувањето на граѓанското здружение ГОНГ кое во 2015. и 2016. година следеше низа портали, телевизии и печатени медиуми. Резултатите се очекувани, па се покажа дека порталот „Дневно“ најмногу ширел омраза кон мигрантите и хомосексуалците, додека телевизиската емисија „Бујица“ се трудела да го моделира ставот на јавноста во насока на нетрпеливост кон Србите.
Токму Српскиот националниот совет во својот билтен предупреди на ерупција на говор на омраза преку медиумските прилози, пораките на политичарите и свештениците, но и на спортските терени. Како што вообичаено се случува, со говорот на омраза расте и вистинското насилство, па се забележани 19 физички напади, најмногу досега. Дискриминацијата, велат, само за една година пораснала за дури 57 отсто.
„Поздрав до сите чесни Срби“
Како тоа изгледа во пракса? Телевизиски водител ги поздравува „Хрватките, Хрватите и чесните Срби“ оставајќи го неизреченото оти таквите (чесни), за разлика од Хрватите, се малубројни. Подбуцнувачки портал објави информација дека мигрантите се помалку интелигентни, тие доаѓаат од различни култури кои силувањето го сметаат за пожелно однесување. Србите, кои пред воената операција Бура побегнаа од она што го нарекуваа Краина, во лето се враќаат во своите родни домови, па се сликаат со запалени хрватски знамиња. Тие фотографии ги објавуваат на своите Фејсбук-профили со навреди изречени на сметка на хрватската нација. Злобен 19-годишник нарачува во печатница налепници кои прикажуваат стебло на кое се нишаат обесени луѓе со текст „српско семејно стебло“. Па ги лепи по автобуски постојки во Вуковар, град во кој Хрватите и Србите живеат едни покрај други, а не едни со други. Или е тоа дури општо прифатено мислење?
Социјалниот педагог, книжевник, колумнист и доселеничка во Вуковар, Јулијана Адамовиќ, за ДВ вели дека јавноста во Вуковар е многу сензибилизирана, па она што поминува во другите градови под радар, во Вуковар е потенцирано. Бидејќи, и авторот на овој текст ги среќавал морбидните налепници „српско семејно стебло“ и во центарот на Загреб, но бурни реакции тогаш изостанаа.
„Таканаречената прогресивна Хрватска бурно реагира на секој говор на омраза кон малцинствата, додека говорт на омраза упатен кон мнозинскиот народ стана речиси работа на престиж и се смета за самоконтрола. Од друга страна, т.н. десна Хрватска реагира само на говорот на омраза упатен кон мнозинството. И тоа, најчесто со ист таков говор, кон националното малцинство од кое, се уверени, дека доаѓа авторот на анонимен графит или лице кое уништило или оштетило државни симболи.“ Адамовиќ исто така тврди дека зад инцидентите се најчесто адолесценти и оти понекогаш тие не се од онаа националност од која би претпоставиле дека се. Во прилог на тоа оди и случајот на момчето од Загреб кој испишуваше големосрпски графити, за да привлече внимание или да поттикне омраза кон Србите, а самиот е дете на ветерани од хрватска националност.
Социјалните мрежи како бојно поле
Паралелно на социјалните мрежи се одвива еден сосема посебен живот - виртуелна војна во која навредите на сметка на групи, па и на цел народ доживува дури реторички маневар и малку кој е свесен оти тоа се прелива во реалниот живот. „Од десницата не очекувам да биде олицетворение на толеранција и почитување на човековите права. Да е поинаку, не би била десница. Од левицата го очекувам тоа. И можеби затоа повеќе чуствувам потреба да реагирам кога моите очекувања нема да се исполнат. Можеби е тоа малку конформистички, бидејќи во првиот случај се потпирам на оние кои редовно и со право реагираат, па мојот глас би бил само уште еден во огромниот хор“, ја коментира Адамовиќ својата борбеност на Фејсбук.
Таа додава дека левите мислат оти сите мораат да бидат на иста национална и социјалистичка фрекфенција, па ги дехуманизираат противниците и укажуваат на тоа дека тие треба да бидат исклучени од јавниот живот. „Тука е и целосната неселективност кога се во прашање злосторствата и траумите од последната војна. Насоченоста кон злосторствата над Хрватите се смета за непотребно подигнување на национални тензии. Во добар дел и е, бидејќи се работи за селективен пристап. Исти такви злосторства сторени врз припадниците на српското национално малцинство се потенцираат до невидени размери, повторно не водејќи сметка за сопствените тенденции за селективност.“ Исто како и десничарите, и левичарите играат улога на обвинител, судија и егзекутор.
Нашата соговорничка посебно ја иритира говорот на омраза кон мигрантите, па дури и кон луѓето кои со генерации живеат во Хрватска, а по потекло се од Босна и Херцеговина. „Не гледам како некој може да биде вџашен од говорот на омраза кон Србите, а да шири ист таков говор кон Босанците, Херцеговците или која било група на луѓе која ја одредува територијална, национална, професионална или каква било друга идентитетска поврзаност. Да, тоа меѓу луѓето кои себеси се сметаат за левичари и тоа како го има.“
Но повеќе од ставовите на граѓаните, научниците ги загрижува толку често споменувата недоследна судска пракса во која некои судови ги ослободуваат, а други ги казнуваат оние кои промовираат фашистички режими и говор на омраза. Па заклучуваат дека е подобро да нема закон кој ќе санкционира говор на омраза, отколку да го има и да не се применува, бидејќи со тоа се праќа спротивна порака.
Исто како што и резултатите на ова истражување би можеле да послужат како потврда на исправност на оние кои промовираат декриминализација на усташкиот режим и ’орбанизирање’ на Хрватска. Научниците, велат, се задоволни што барем отвориле расправа. Исто како што и новинарите сакаат да вперат прст кон некој проблем и да го поттикнат истиот. Па барем оние кои се препознаваат во него и понатаму пишуваат графити - „Смрт за новинарите!“.