1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден отфрли средба во Москва

ЕМФ/ард21 јуни 2014

За сослушување во Германија немаше мнозинство, па членовите на германската Комисија за истражување на случајот со прислушување од страна на НСА сакаат да се сретнат неформално со Сноуден во Москва. Од тоа нема ништо!

Фотографија: picture alliance/AP Photo

Членовите на Комисијата на Бундестагот задолжена за случајот НСА требаше да отпатуваат во Москва на почетокот на јули. Но Едвард Сноуден, преку својот адвокат, одби „неформална“ средба во главниот град на Русија.

„Ниту јас, ниту мојот клиент не гледаме неопходност од ваков разговор“, и‘ одговори адвокатот на Сноуден, Волфганг Калек, на Комисијата. Во писмото на Калек, меѓу другото, се вели: „Комисијата донесе заклучок дека сака да го испраша мојот клиент како сведок. Ваквата улога и изјавата како сведок би се разликувале квалитативно и квантитативно многу од досегашните изјави на господин Сноуден.“ Со ваквата оценка на Калек се мисли на досегашните изјави на Сноуден во улога на експерт, дадени пред Европскиот парламент и Советот на Европа.

Сноуден и претходно јасно стави до знаење дека не се согласува со испрашување во Москва. Тој сака да биде сослушан во Германија. За усен, „неформален“ разговор во Москва нема нити простор ниту потреба, оценува адвокатот Калек.

Родерих Кизеветер, член на Комисијата на Бундестагот за случајот НСА, реагираше со жалење на ваквото одбивање разговор од страна на Сноуден: „Истражната комисија мора да ја почитува одлуката на Сноуден да не и‘ стои на располагање на Комисијата за неформален разговор во Русија. Изненадува тоа што господин Сноуден не сака да заземе став по одделни прашања на Комисијата, туку својата улога ја гледа само како експерт.“

Опозиционите партии - Зелените и Партијата на левицата, во одбивањето на Сноуден гледаат потврда за своите оценки. Тие во текот на изминатите месеци постојано бараа поранешниот соработник на американските тајни служби да биде поканет на сослушување како сведок во Германија, но владејачките партии на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите инсистираа на средба со Сноуден во Москва.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми