1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието купува време, партиите го трошат без дијалог

Катерина Блажевска24 ноември 2014

Одземањето на опозициските мандати е последното нешто што ѝ одговара на власта во овој момент, освен ако мора, покажуваат процедуралните постапки, но и изјавите на политичарите.

Фотографија: MIA

Иако поминаа шест месеци откако 31 пратеник на опозициската коалиција на СДСМ ги депонираа оставките на добиените мандати во парламентот, никој не е сигурен дали навистина ќе се спроведе законската постапка за нивно одземање. Процедурата формално почна, опозицијата повторува дека не се враќа во Собранието, а се чини дека одземањето на опозициските мандати е последното нешто што ѝ одговара на власта во овој момент. Освен, ако мора. Тоа го потврди и премиерот Груевски во вчерашното интервју (23.11) за телевизјата „Алфа“.

„Она што најмногу го посакувам е да има здрава политичка борба во парламентот. Но, не зависи од мене дали ќе им бидат одземени мандатите. Тоа зависи од законот, од подзаконските акти и деловникот, за кои Собранието е задолжено да ги спроведе. Ако јас се прашувам, би сакал што побрзо да се вратат во парламентот и да имаме сериозна политичка дебата, таму да ги судриме нашите видувања мерки, реформи, активности, нивната критика и нашите одговори на таа критика. Но, може да се случи и што било друго, затоа што јас не сум над законот. Претседателот на Собранието е тој што во даден момент ќе мора да го спроведе законот и не е важно што јас мислам, туку што велат законот и подзаконските акти. Спротивно на мојата волја, можеби во еден момент нема да има друг избор, освен да се спроведе законот и да се прифатат тие оставки“, рече Груевски.

Никола ГруевскиФотографија: MIA

Според неофицијални информации, Kомисијата за мандатно-имунитетни прашања ќе даде препорака за одземање на мандатите, но неизвесно е како за неа ќе се изјаснат пратениците на владејачкото мнозинство на пленарна седница. Со користење на максималните рокови во процедурата, владејачката партија и натаму остава простор и се надева на враќање на опозициските пратеници.

Нови избори?

Но, дури и да биде прифатена препораката за одземање на опозициските мандати, на сите им е јасно дека таа постапка ќе трае со месеци, што значи дека парламентот уште долго ќе функционира без опозиција. Има ли излез од ваквата ситуација? Според аналитичарот Суад Мисини, последните случувања во парламентот ја покажуваат јасната позиција на владејачката партија да го вложи максимумот во напорите да ја внесе опозицијата, или барем нејзин значаен дел во парламентот, и со тоа да ја затвори постоечката криза која ВМРО-ДПМНЕ не ја гледа како таква, иако меѓународната заедница ја дефинира токму со тој термин.

„Но, бидејќи времето за тоа веќе истече, а мисијата не успеа, ВМРО-ДПМНЕ развива алтернативно решение кое, во суштина значи - нови избори. Тука постојат две димензии кои треба да се осветлат. Првата произлегува од старата мудрост, дека 'по методите се познаваат намерите'. Имено, ВМРО-ДПМНЕ можеше многу порано и поефикасно да ја разреши оваа ситуација, особено што опозицијата уште на стартот понуди оставки на сите нејзини кандидати. Но, ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да се откаже од слатката (со значење криминална) изборна победа, во ситуација кога е комплицирано, од многу аспекти, да се организираат дополнителни избори - единствен легислативен исход кој е правно недоречен и веројатно тешко изводлив, заради природата на изборниот модел. Затоа, одлуката е дека нема да се оди на такви избори - а ако мора, ќе се оди на вонредни. Сега се дефинираат чекорите што треба да се преземат за да се внесе опозицијата во нов изборен циклус, во ситуација кога опозициски барања се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ“, смета Мисини.

Опозициските пратеници го бојкотираат парламентотФотографија: Petr Stojanovski

СДСМ губи

Но, дури да да се организираат нови, предвремени избори, извесно е дека опозицијата и нив би ги бојкотирала, ако не се прифати нејзиното барање тие избори да ги спроведе техничка влада.

Од друга страна, организирањето дополнителни избори е правно проблематично. Според процедурата, ако листите се исцрпени и никој не го прифаќа мандатот, треба да се закажат дополнителни избори само за испразнетите места. Уставните експерти повеќе пати предупредуваат дека тоа би било противуставно решение. Македонија има пропорционален изборен модел, а со дополнителни избори едно лице ќе може два пати да гласа, што е противуставно.

Професорот Владо Поповски вели дека со оглед на комликуваноста на состојбата, единствен излез од оваа ситуација е опозицијата да се врати во Собранието.

„Не е добро да се оди на предвремени избори, бидејќи според логиката на Заев, треба да се оди на избори се додека тој не ги добие. Опозицијата веќе стана заложник на едно лошо решение. Можеби имаат некаква надеж дека во еден период ќе притискаат со некаква 'бомба', но доколку и неа ја нема, ќе станува јасно дека се работи за погрешен потег. Пратениците на опозицијата се една нова генерација и имаа потреба да ја промовираат во парламентот таа своја генерација, а со тоа да ја започнат и кадровската обнова во партијата. Дел од нив ги познавам, составот не е лош, туку надежен. СДСМ многу губи што со бојкотот им ја одзеде можноста да се промовираат. Но, мислам дека кога во еден момент ќе почувствуваат дека сета таа стртатегија е промашена, дека е бесмислено да се инсистира на техничка влада, и дека на тој начин не им нудат шанса граѓаните да препознаат јавен интерес, ќе биде доцна. Ќе се маргинализираат, ќе ги снема. Голема штета е да нема опозиција во Собранието“, вели Поповски.

Владо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Швајцарски модел

СДСМ и натаму не се откажува од петте барања, од кое последното - формирање техничка влада е целосно неприфатливо за власта. Во однос на тоа барање, резерва има и во редовите на опозицијата.

„Дури и да се согласи власта со барањето за техничка влада, прашање е што и колку тоа реално може да помогне во обезбедувањето услови за фер избори. Еве, на пример, СДСМ ќе раководи со МВР во таа техничка влада. И што? Ќе има министер, кој ќе биде целосно изолиран, бидејќи целата друга кадровска мрежа е на владејачката партија. Едноставно, министерот ќе биде само изиграна и игнорирана фигура“, сметаат извори во опозициската партија.

Токму поради вакви опасности, експертите сметаат дека ништо не може да се направи со краткорочни решенија. Според професорот Љубомир Фрчкоски, во земја со неконсолидирана демократија, во која султанизмот на партиите ги убива институциите, мора да се бараат фундаментални решенија. „Производството на султански партии кои ги апсорбираат и ги цицаат институциите создаде паралелен свет, кој особено се засили од 2008 година, со изразениот партиски султанизам на ВМРО-ДПМНЕ, според кој партијата е сѐ. Излезот од таква неконсолидирана демократија не може да се бара преку ситни дриблинзи, туку преку фундаментални решенија. Едно од нив е да се размислува за воведување на швајцарски систем на составување влада, каде секоја партија, на пример, со над 5 отсто одвоени гласови влегува во Владата со определен клуч. Тоа значи дека балансот на силите кој ќе го има во Парламентот, ќе влезе и во Владата, каде што е реалната моќ. Таквиот баланс ќе ја исклучи појавата на султански партии и ќе ја намали тензијата во општеството, бидејќи партиите ќе станат технократски и послаби, со што ќе опаѓа нивната можност за влијание врз судството и медиумите“, објаснува Фрчкоски.

Љубомир ФрчкоскиФотографија: Ljubomir Frckoski

За да функционира овој модел, потребно е да се измени Законот за Влада и дел од изборниот закон, во кој Македонија ќе биде дефинирана како една изборна единица. Но, прашањето е зошто ВМРО-ДПМНЕ би имала интерес да прифати ваков модел кога освојува мнозинство гласови на избори? Исто така, политичката практика покажува дека кон ваков чекор пристапуваат општества кои западнале во тешки политички или безбедносни кризи, по што во надминувањето на состојбите со свое посредство се вклучува и меѓународната заедница. Со оглед дека Македонија е далеку од такви кризи, овој, како што го нарекуваат „преторијански модел“ засега нема шанса да фати корен, без оглед што неговата имплементација може во голема мера да ги намали тензиите на длабоката партизација и поларизацијата што таа ја носи во општеството.

Ескалација на нестабилноста

Но, токму блокадата на парламентот, отсуството на дијалог и застојот во демократските процеси, ги отвора стравувањата од можност за продлабочување на кризата.

„Било да се работи за постигнување договор за нови изборни правила, било да се работи за договор за различен тип на колективно 'владеење', макар и во некој преоден период, или пак да се работи за 'легитимна евакуација' на фамилијата, тоа ќе се постигне со одредена нестабилност која е веќе започната. Bо зависност од стаменоста на позиција на опозицијата, ќе зависи ескалацијата и интензитетот на таа нестабилност. А тоа, пак, не враќа на старата дилема: дали ВМРО-ДПМНЕ има капацитет да го менаџира тој конфликт“, прашува Мисини.

Собраниски извори не ја исклучуваат можноста да се дојде и до сосема поинаков расплет на политичката криза во парламентот. Имено, собраниската комисија може да протолкува дека опозициските пратеници не биле неоправдано отсутни, по што би се предвиделе казни, односно намалување на платите на пратениците на СДСМ. Со тоа би се купило дополнително време за да се даде нова шанса за дијалог меѓу власта и опозицијата, со цел пратениците да се вратат во парламентот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми