Парламентот е прв тест за опозиционерот Мицкоски: ќе се определи за политика на конструктивност или за политиките на својот претходник? „Патриотски организации“ најавуваат кампања за граѓанска непослушност.
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski
Реклама
Седници на две собраниски комисии и шест пленарни седници. Со ваква агенда пратениците го почнуваат првиот работен ден во 2018 година, во која треба да бидат усвоени голем број реформски закони и ратификувани важни одлуки за интегративните процеси на Македонија. До утрово беше неизвесно дали парламентот ќе заседава во полн состав или без пратениците од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека денеска претпладне ќе одржат координативен состанок, на кој ќе решат дали пратениците ќе се вклучат во работата на парламентот, односно кои чекори партијата ќе ги преземе во иднина. Тие го бојкотираат Собранието по притворот на нивните шест пратеници, осомничени за настаните од 27-ми април.
Доколку денеска не биде донесена таква одлука, не е исклучено опозицијата да се врати во Собранието на 15-ти јануари, а повод за тој чин да биде доставувањето на нивниот законски предлог за амнестија на осомничените за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Жежок јануари
Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде и своевиден прв тест за политиките на партијата под водство на новиот претседател: дали Христијан Мицкоски ќе се определи за политика на конструктивно дејствување или ќе ги продолжи политиките на бојкот и опструкции, кои неговиот претходник Никола Груевски го доведоа до тежок изборен пораз и заминување од лидерската позиција. Особено, што од денеска во парламентот ќе се расправа за жешки и реформски закони, кои често беа предмет на критика од опозицијата. На дневен ред на закажаните седници денеска се предлог-законот за употреба на јазиците, за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, за укинување на Советот за утврдување на факти, и ред други за кои владејачкото мнозинство не сакаше да се гласа во отсуство на опозицијата. На дневен ред на денешната седница е и изборот на уставни судии. Но, и во наредните денови е важно присуството на опозицијата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за 15-ти јануари ја закажа седницата на која пратениците ќе го разгледуваат предлог-законот за ратификација на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кој го потпишаа премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов на 1-ви август минатата година во Скопје. На истата седница на дневен ред се и законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од препораките на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе. Потоа, на 18 јануари напладне, пред пратениците треба да се обрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска e во АтинаФотографија: DW/Petr Stojanovski
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој денеска во Атина ќе има средба со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, и со алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, очекува конструктивност на опозицијата и заради неопходните реформи во интерес на граѓаните, и заради европската иднина на земјата.
„Една третина од реформските закони се гласаат со квалификувано, двотретиниско мнозинство, и можното отсуство на опозицијата ќе го оневозможи нивното гласање. Верувам дека поради тежината на консензусот во овој период, и опозицијата ќе помогне во гласањето на тие закони“, изјави Османи.
Повик за граѓанска непослушност
Но, паралелно со овие заложби, од дел од јавноста стигнуваат и други пораки, кои бараат „консензус“ во одбивањето на најавените законски проекти во парламентот. Со Проглас за „граѓанска непослушност“ се огласи патриотското здружение „Тврдокорни“, а кампањата е најавена како заедничка активност со „Македонски обединети сили“ (МОС), Движењето „Преродба“ и Светскиот Македонски Конгрес (СМК). Во прогласот се вели дека кампањата за граѓанска непослушност и морално жигосување се води против внатрешните сили, партии, организации и поединци кои вршат дејства во спроведување на плановите за разнебитување на македонската нација.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
12 фотографии1 | 12
„Не ги признаваме за легитимни органите кои себе си се нарекуваат: Собрание, Влада и судство на Република Македонија, сѐ додека управувањето со Македонија не му се врати на нејзиниот легитимен историски носител - македонскиот народ. Посебно не признаваме ниту една одлука од национален карактер која ќе ја донесат наведените органи. Во секоја прилика ќе даваме отпор во спроведувањето на секоја нивна одлука. Сите оние кои во таканареченото Собрание ќе гласаат за навестените антимакедонски закони ќе бидат сметани за непријатели на македонскиот народ“, се вели во прогласот.
Како „антимакедонски“ ги посочуваат законот за употреба на јазиците, Договорот за добрососедство со Република Бугарија, Планот 3-6-9, и договарањата за името. Во прогласот следи и предупредување дека „сите пратеници кои ќе учествуваат во гласањето на овие антимакедонски закони ќе бидат сметани како изроди од македонскиот народ, а нивните нечесни семејства, нечесни родители и нечесно потомство секаде ќе бидат подложени на третман како одродници“.