1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието пред историска одговорност

15 октомври 2018

Дискусијата може да трае најмногу 10 дена, но се проценува дека може да биде исцрпена и порано. За Македонија по референдумот и одговорноста на парламентот, денеска ќе разговараат и шефовите на дипломатиите на ЕУ

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

На пленарна седница од 11 часот, денеска пратениците ќе ја започнат дебатата за владиниот Предлог за пристапување кон измени на Уставот, согласно со обврската од Преспанскиот договор. Еден час претходно, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на координативен состанок ќе се договора како ќе дејствува на седницата.   Од таму неофицијално велат дека стратегијата на дејствување може да се менува, и тоа во зависност од потезите на парламентарното мнозинство. Не објаснуваат на какви „потези“ мислат, со оглед дека текот на седницата, нејзиното времетраење и „правилата на игра“ се регулирани со Деловникот на Собранието. Дискусијата за потребата од уставни промени може да трае најмногу 10 дена, но се проценува дека таа може да биде исцрпена и порано. Дури по завршувањето на дебатата, кога Предлогот ќе се стави на гласање, ќе се знае дали уставните измени имаат двотретинска поддршка од пратениците. Доколку нема, ќе следи распуштање на Собранието и распишување парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ: За нас Договорот е мртов!

Предлогот за пристапување кон измени на Уставот веќе доби зелено светло од Комисијата за уставни прашања, кога на 12-ти октомври помина со 10 гласови „за“ и 7 „против“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека уставните измени нема да добијат двотретинска поддршка. Во пресрет на седницата од партијата потенцираа дека „граѓаните го кажале своето, вртејќи му грб на капитулантскиот договор и на штетноста на власта, донесена за една намена“.

„Од Заев не може да се очекува ништо повеќе од поддршка, заштита и поттикнување на криминал и продажба на националните и државни интереси во замена за бегство од правото и правдата. Крајно време е оваа власт да замине. Република Македонија победи на референдумот“, порача опозицијата.

ВМРО најавува останување на својот став за Преспанскиот договорФотографија: DW/P. Stojanovsk

Партискиот потпретседател, Александар Николовски, и преку колумна го повтори партискиот став.

„На сите граѓани им е јасно дека договорот што Владата го потпиша со Грција е мртов - и политички, и правно. Судбината на договорот ја одредија граѓаните и ја потврдија неговата ништожност на референдум. Секој обид од страна на власта да се погази јасно изразената волја на граѓаните ќе ја втурне државата во длабока криза од која многу тешко ќе се извлече,“ напиша Николовски.

СДСМ очекува одговорност

Од СДСМ веруваат дека пратениците на опозицијата ќе покажат одговорност и дека ќе го поддржат Договорот со Грција, имајќи ги предвид перспективите што тој ги отвора.

„Се друго води кон застој и изолација“, порачаа од СДСМ, а такви пораки деновиве стигнаа и од бројни странски политичари. Но, и досегашнатите опструкции на Договорот веќе оставаат последици. Министерот за финансии, Драган Тевдовски на вчерашната прес-конференција посочи дека е ревидирана проекцијата за раст на БДП и намалена на 2,8 отсто, пред сѐ, заради блокадата за влез во НАТО и ЕУ од страна на опозицијата, а неизвесноста негативно може да влијае на економијата.

Состојбата во Македонија по референдумот и одговорноста што ја има парламентот во овие моменти, е една од темите за која денеска ќе разговараат шефовите на дипломатиите на ЕУ, на состанок Советот за надворешни работи на ЕУ. Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, ќе ги информира земјите членки за состојбата во Македонија по референдумот, а пред денешниот состанок порача дека ЕУ и натаму стои зад Договорот меѓу Скопје и Атина.

Федерика Могерини: ЕУ целосно го поддржува Преспанскиот договорФотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

„ЕУ целосно го поддржува Договорот постигнат меѓу Македонија и Грција како уникатна можност за помирување во Југоисточна Европа, можност која може да не се повтори наскоро. Ја имав привилегијата да присуствувам на потпишувањето на Договорот покрај Преспанското Езеро. Двете страни покажаа политичка храброст, лидерство, одговорност и работеа неуморно за да ги премостат разликите и старите проблеми, и да го постигнат овој историски договор кој цела Европа го поздрави. Сега има национални процедури за имплементација на договорот што се одвиваваат во двете страни и тоа треба да биде заштитено и почитувано“, изјави шефицата на европската дипломатија за грчката и македонската новинска агенција.

Повеќе: 

Надница за страв

Збунувачкото ВМРО-ДПМНЕ

Да го изгубат бугарското државјанство!

Седницата на македонскиот парламент со внимание се очекува во соседството. Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека „оваа недела ќе стане јасна судбината на Договорот од Преспа“ и пренесува дека македонски медиуми пишуваат дека премиерот Заев ќе успее да обезбеди поддршка за Договорот. Поранешниот бугарски амбасдор во Скопје, Александар Јорданов, пак, за државната БТВ изјавил дека поддршка од 8 пратеници на опозицијата е потребна за да поминат уставните измени. Како што пренесува весникот „24 часа“, тој дал и една идеја: „Кој пратеник ќе гласа против, а има бугарско државјанство, треба да биде лишен од него. Па нели сакал да биде граѓанин на демократска Бугарија членка на НАТО, а гласа против членството на Македонија во НАТО?“

Но, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, односно дел од нив, кај кои била препознаена наклонетост да гласаат за уставни измени, биле цел на континурани притисоци и закани, за што веќе се пожалиле пред надлежните институции, но и пред меѓународни претставници. Министерството за внатрешни работи од минатата недела почна да ги проверува заканите за пратениците од опозицијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми