Според информации на Дојче веле, договорот со Грција ќе се најде на пленарна седница на Собранието уште утре, среда 20 јуни, откако ВМРО-ДПМНЕ се повлече од работата на парламентот
Реклама
Одлуката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се повлече од работата на Собранието и на Комисијата за европски прашања дополнително ќе го забрза изгласувањето на договорот за ставање крај на спорот за името со Грција. Според некои најави од Собранието, откако вечерва ќе биде затворена дискусијата во Комисијата за европски прашања со која раководи Артан Груби од ДУИ, веќе утре би можела да биде закажана пленарна седница на која ќе се гласа за договорот.
Протести пред Собранието и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
01:27
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја критикуваше владината одлука на договорот да му се стави европско знаменце, и со тоа, наместо во Комисијата за надворешна политика со која претседава Антонио Милошоски, тој да оди на разгледување во Комисијата за европски прашања. Според Милошоски, на овој начин владејачкото мнозинство сака да избегне дискусија за, како што рече, фаличниот договор.
„Со договорот, Владата се откажува од сите успеси и напори постигнати од 1991. година до денес, што беше крунисано со признавање од 140 земји на уставното, вклучително и од САД, Канада, Русија и Кина", вели Милошоски.
Стотина противници на договорот денеска протестираа пред Собранието, а потоа се упатија и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде од опозициската партија бараа да им се приклучи на протестите. Демонстрантите беа примени од партискиот лидер Христијан Мицкоски, но тој го одбил нивното барање, ВМРО-ДПМНЕ да им се приклучи на протестите на улица.
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.