1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност на ОН ќе расправа за Косово

13 август 2011

Советот за безбедност на ОН на 29. август ќе одржи седница, на која ќе го разгледа извештајот на генералниот секретар на Организацијата, Бан Ки Мун, околу инцидентите на северот од Косово.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Државната српска телевизија (РТС) пренесува дека комплетниот извештај нема да биде достапен се’ до седницата на Советот за безбедност, бидејќи Бан го завршил пишувањето на редовниот извештај на 15. јули, десетина дена пред избувнувањето на насилството на северот на Косово. Ставот на светската организација околу тие случувања ќе им биде пренесен директно на амбасадорите на земјите-членки на Советот за безбедност на ОН.

На седницата ќе биде разгледан извештајот на Бан, усниот извештај околу нередите, а се очекува и расправа по барањето на Србија истрагата околу наводите на известувачот на Советот на Европа, Дик Марти, за трговија со човечки органи на Косово, да се спроведува преку ОН.

Во деновите пред инцидентите на северната граница со Србија, ОН наведуваат дека ситуацијата на северниот дел од Косово е релативно мирна, но дека тензиите полека се зголемуваат, особено поради тоа што лидерите на косовските Срби постојано изразувале загриженост околу намерите на косовската влада да ги прошири своите надлежности и врз северниот дел од Косово.

„Тензиите пораснаа откако припадниците на косовската полициска единица РОСА почнаа секојдневно да патролираат во етнички мешаните средини во северниот дел на Косово, во рамки на настојувањата на Приштина да ја прошири својата власт и во тој дел од Косово“, се вели во извештајот на Бан Ки Мун, пренесува РТС.

Автор: ТТ/ АТ/ бета/ ртс

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми