Совет за безбедност: Помалку нафта за Северна Кореја
ЕМФ / дв
12 септември 2017
САД сакаа сосема да ѝ ја затворат славината за нафта на Северна Кореја. Но, по преговорите со Русија и Кина, комплетното ембарго засега е тргнато од маса.
Реклама
САД предложија нафтено ембарго, а изгласани беа само ограничувања во трговијата со сурова нафта и нафтени деривати. Исто како што се посакуваше забрана за патување на Ким Јонг Ун, а во омекнатата предлог-резолуција веќе немаше ни збор за такво нешто. Американците инсистираа и на замрзнување на сметките во странство што ги има севернокорејскиот диктатор, но откако се виде дека за такво нешто нема да има мнозинство и овој пасус беше изваден од предлог-резолуцијата. Впрочем како и сите останати работи кои навистина може да ѝ нанесат болка на Северна Кореја.
Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк едногласно донесе омекната резолуција, во која остана забраната за извоз за севернокорејската текстилна индустрија. Со тоа се согласија и Русија и Кина, двете сили заштитнички на режимот во Пјонгјанг, кои во СБ имаат право на вето.
Кина е најважниот сојузник на Северна Кореја, но и владата во Москва постојано го користеше правото на вето за да ја држи својата рака врз владетелот во Пјонгјанг. Западните сили имаа тешка задача да ја прикријат дипломатски сопствената беспомошност во Советот за безбедност. Амбасадорот на Велика Британија во СБ, Метју Рајкрофт, за предлог-резолуцијата во која веќе нема ништо што навистина боли, рече дека е „силна и робустна“.
Германската канцеларка Ангела Меркел вчера разговараше телефонски со рускиот претседател Владимир Путин. Двајцата постигнаа согласност дека Северна Кореја со своите нуклеарни и ракетни тестови претставува опасност за мирот и безбедноста во регионот, беше соопштено по разговорот од Кремљ. Сепак, Москва и натаму отфрла преземање решителни мерки. Меркел за време на викендот понуди германска поддршка, односно посредство во наоѓањето на дипломатско решение за кризата.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.