1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советски култ и прагматизам во Транснистрија

Александра Шерле / Елизабета М. Фиданоска28 март 2014

Кризата на Крим, како што стравуваат експертите, би можела да има влијание врз други региони кои порано беа дел од СССР. Таква е на пример - Транснистрија. Луѓето во Транснистрија се надеваат на припојување кон Русија.

Фотографија: DW/A. Scherle

Советскиот тенк во центарот на Тираспол има многу пријатели. Споменикот од војната на едно мало момченце му служи како конструкција за качување. Успева да се качи на камениот постамент врз којшто е поставен тенкот и оттука љубопитно ги посматра комунистичките градби во главниот град на Транснистрија, мавтајќи и‘ на баба си која го чека под споменикот. Тенкот се чини го сакаат и младите. Тие тука прават фотографии со пријателите. Во непосредна близина на пролетното сонце отсјајува позлатената купола на една руска православна црква. Повисока од црковната купола е статуата на Ленин која се издига кон небото, поставена пред парламентот на една земја која меѓународно правно не постои.

По кусиот воен конфликт, Транснистрија во 1992 година со руска поддршка се отцепи од Република Молдавија, но до денес не е призната во меѓународни рамки од ниту една држава. Руските војници се‘ уште се стационирани во сепаратистичкиот регион. Во 2006 година, на референдум, 97% од граѓаните се изјаснија за припојување кон Руската Федерација. Претседателот на парламентот на тоа потсети кога минатата недела се обрати до Москва, пишува рускиот весник „Ведемости“. Неговата молба гласи: Русија да создаде законска основа за припојување на Транснистрија.

„Русија на вистински пат“

„Ние Словените треба да живееме со Словени, Русија е политички на вистински пат“, смета еден маж со побелени мустаќи, кој се шета низ еден пазар за стари работи во Тираспол. Слеп уличен музичар свири на хармоника. Постари луѓе ја нудат својата стока - од беџови со советски симболи се‘ до носени чевли и цевки за бања. Исто како посетителот на пазарот со побелени мустаќи се и околу 60% од половината милион граѓани на Транснистрија - тие зборуваат руски. Човекот уверува дека нема ништо против Република Молдавија и населението кое зборува романски. Конечно, како што вели, и самиот студирал инженерство во молдавскиот главен град. Сепак, тој во интервјуто за Дојче веле во никој случај не сака да зборува романски, кој е службен јазик во Молдавија, а чиј дел, меѓународно правно погледнато, е и Транснистрија. Сепак, за сите политички проблеми, според него, не е виновна владата на Молдавија, туку се‘ е голем заговор на САД: „Југославија порано беше рај, но Американците го претворија во пекол. Тоа сега го сторија со Украина и тоа ќе се случи и со Молдавија.“

Фотографија: DW/A. Scherle

Главно е „да нема хаос како во Украина“, вели наставничка по математика на средна возраст. За тоа, според нејзе, ќе се погрижат руските војници во Транснистрија. Таа е апсолутно за обединување со Русија. Какви се новите властодршци во Киев? „Фашисти!“ Ваквиот одговор е ист како и изјавите на рускиот претседател Путин и руските државни медиуми, кои во Транснистрија се многу омилени. Наставничката не се плаши од криза во регионот: „Зашто трупите од Русија ги штитат нашите граници добро.“ Тоа што руските војници овој месец имаа воени маневри во Транснистрија воопшто не ја вознемирува, туку повеќе ја смирува.

Советски музеј на отворено?

Но не сите во Москва гледаат пријател и помагач. Една постара жена која чита книга на пролетното сонце, прво се врти околу себе претпазливо, па потоа тивко вели: „Јас сум Украинка. Како би можела да се залагам за припојување на Транснистрија кон Руската Федерација?“ Како и останатите партнери за разговор и таа не сака да го каже своето име, ниту пак сака да биде фотографирана.

Парламентот во ТирасполФотографија: DW/A. Scherle

Во западните туристички брошури Транснистрија често е опишана како „Советски музеј на отворено“. Но времето и овде не стои. На прв поглед се чини една покрај друга егзистираат повеќе епохи. Тајната служба на авторитарно раководената држава, која всушност не е вистинска држава, се вика КГБ, исто како во Советскиот сојуз. Симболите срп и чекан и статуите на советските херои го забрзуваат пулсот на секој советски носталгичар. Но на улиците меѓу Тираспол и пограничното место Бендер, на пример, може да се видат и шарени плакати со нови смартфони или насмеани бебиња со кои се рекламира една модерна клиника за вештачко оплодување.

Надеж за студии во Молдавија

Модерно облечени млади луѓе во главниот град зборуваат за својата иднина, која не секогаш ја гледаат во Транснистрија. Една девојка вели дека по матурирањето најверојатно ќе замине на студии во Молдавија. Таа е уверена: „Таму има подобро образование, на европско ниво.“

Фотографија: DW

И момче со спортска градба, облечено во тренерки, на романски јазик објаснува дека има позитивен став кон Република Молдавија. Но се‘ е прашање на животниот стандард. „Кога стандардот во Молдавија би бил толку висок како во Русија, тука би посакале дури да се доселат и луѓе од Русија“, убеден е тој. Вели дека веќе работел во градежната бранша во Русија „за добра плата“. Друга причина за неговите симпатии кон Русија е тоа што знае дека Москва економски го поддржува регионот. На пример, пензиите во Транснистрија се субвенционирани од страна на руската држава. Освен тоа, бензинот и гасот се поевтини отколку во Молдавија. Неговата сопруга, која ја држи во прегратка, додава дека луѓето на Крим сигурно ќе профитираат од припојувањето кон Русија. „Тие сега ќе имаат подобри пензии отколку порано“, вели таа.

Зошто токму Русија, а не на пример ЕУ со својот повисок животен стандард, е толку атрактивна за младите луѓе кои себеси се опишуваат како прагматични? Момчето во тренерки ги крева рамената и го врти погледот во далечина. „Затоа што никогаш досега не сум бил во Европа. За нејзе не знам ништо.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми