1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија има големи планови

Фридел Таубе
1 јануари 2019

Германија од денеска зазема едно од непостојаните места во Советот за безбедност на ОН. Какви планови има земјата и каде Германците се веќе ангажирани?

USA | UN-Sicherheitsrat
Фотографија: picture-alliance/dpaBELGA/Y. Jansens

Беше тоа успешно службено патување за Хајко Мас минатиот јуни во Њујорк. Долго се бореше за тоа Германија да добие непостојано место во Советот за безбедност на ОН, најважното тело на организацијата. Со 184 „за” од можни 193 гласови беше јасно дека Германија треба да се најде покрај петте постојани членки САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија, како и покрај уште девет непостојани членки на Советот. Од први јануари, односно денеска, Германија е меѓу нив.

На агендата стои силна Европа

Германија за следните две години, додека го држи непостојаното место, има големи планови. Министерот за надворешни работи Хајко Мас на Генералното собрание на ОН сака да се заложи за зајакнување на мултилатерализмот, кој меѓу другото беше заслабнат заради политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, приоритетно да си ги следи интересите на својата земја, т.н. „Прво Америка“- политика. „ОН се во центарот на мултилатералниот систем", вели Мас. „Живееме во време кога ни треба повеќе ред на меѓународната сцена, поголема доверба и сигурност во заедничките правила на игра. ООН се силни, ефективни и праведни колку што се нејзините членки."

Германија се залага и за цврсти Обединети Нации и за посилна улога на Европа во поединечните гремиуми. Во следните две години Германија сака да се погрижи за тоа Европа да добие свое седиште. По Брегзит, само Франција останува да ја претставува Унијата во телото.

Хајко МасФотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Борба против ракетите од среден дострел

На агендата е и работа на превенција на кризи. Со германското присуство во Советот за безбедност треба да се придонесе гремиумот порано да се ангажира во новонастанати кризни региони. Германија има и идеи за разрешување на можни тензии. Германскиот амбасадор во ООН, Кристоф Хојсген, најави дека сака да ангажира повеќе жени како посредници за разрешување на конфликти. „Жените имаат поинакви животни искуства и перспективи од мажите, кои можат да помогнат да се решат конфликтите и да се постигне мир меѓу раскараните страни", смета дипломатот.

Повеќе:

-Голема надеж од членството на Германија во Советот за безбедност на ОН

-Германија пред бурни времиња во Советот за безбедност на ОН

На обезбедувањето на мирот треба да се работи и на домешен терен. Министерот Мас кон крајот на декември изјави дека Германија сака да го искористи своето место во Советот за да се бори против стационирање ракети од среден дострел, доколку престане да важи 30 годишниот договор меѓу САД и Русија за забрана на таквите ракети. „Стационирање на ракети во Германија ќе наиде на голем отпор", изјави Мас.

Учество во мисии на ОН

Сега е веќе петти пат Германија да може да биде членка во Советот за безбедност преку непостојано место. Многумина бараат да добие постојано место меѓу другото и заради учеството на Германија во изминатите години во бројни безбедносни мисии на ООН кои на земјата и донесоа признание и почит на светско ниво. За таквите мисии мандатот го доделува токму Советот за безбедност.

Членки на Советот за безбедност на ОН во 2019

Германија учествува во моментов во 14 мисии со војници и полицајци. Најангажирани се припадниците на Бундесвер во Мали во рамки на мисијата за стабилизација на земјата Минусма. Околу 1.100 Германци помагаат да се одржи внатрешниот процес на помирување во Мали што треба да донесе стабилизација на целиот регион Западна Африка.

Во Либан, Германија е застапена во мисијата Унифил, една од настарите воопшто на ОН. Германски војници има и во Судан, Јужен Судан, Сомалија, Западна Сахара, Либија и Хаити. Германија не помага само со персонал, туку и со мобилни тимови за мировни обуки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми