1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Созреани условите за средба Заев-Ципрас

14 мај 2018

Неофицијално, во моментов напорно се разговара за правната и дипломатската формула на еден можен договор, кој би содржел „чекори“ и „фази“ на негова имплементација. Скопје и Атина молчат.

Bildkombo Alexis Tsipras und Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski

Средбата меѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас, која требаше да се случи како „вообичаена“ на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија на 17 мај, сега добива поинаква димензија. Нејзе ја навести лично посредникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц, веднаш по шестчасовната средба со шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас на 12 мај. 

„Работевме напорно, средбата можам да ја карактеризирам како многу сериозна, многу пати тензична. Направивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат премиерите во подготовките за нивната средба во Софија следната седмица на 17 мај“, рече Нимиц.

Фактот дека ниту Димитров ниту Коѕијас не дадоа свои оценки по средбата, а во текот на викендот ниту една изјава за медиумите, според упатените во процесот, е сигурен знак дека „моментот е исклучително важен и дека страните преку воздржаност се обидуваат да му дадат шанса на процесот да заврши со успех“.

Од Сунио - преку Софија - до решение? Ова е прашањето што интензивно се врти во грчките медиуми, но со различни проценки дали последната средба во Сунио навистина донесла некаков резултат, или жешкиот костен во форма на „креативен предлог“ само се префрла од министерско на премиерско ниво? Заради сензитивноста на процесот, официјален одговор на овие прашања не даваат властите во Скопје и во Атина.

Повеќе: Едно име – многу можни губитници

Ниту Димитров ниту Коѕијас не дадоа свои оценки по нивната последна средба пред два денаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Она што како заклучок може да се извлече од неофицијални изјави на грчки претставници е дека „во моментов напорно се разговара за правната и дипломатската формула на еден можен договор, кој би содржел 'чекори' и 'фази' на негова имплементација, паралелно со потребните станици на патот кон пристапувањето на ПЈРМ во НАТО и во ЕУ“. Според дипломатски извори во Грција, постои надеж за успешен епилог, бидејќи „таму каде што постои волја, постои и начин“. Сепак, како предуслов за тоа се потенцира обврската на Македонија да го смени уставно име.

Ѓаволот се крие во деталите

Весникот „Авги“, кој важи за гласило на владејачката Сириза, пишува, дека имајќи предвид оти контактите на Коѕијас и Димитров се постојани, но и дека ѓаволот се крие во деталите, „ако во разговорите се направи натамошен напредок во наредните 24 часа, тогаш ќе се отвори патот за состанокот на Ципрас и неговиот македонски колега во четврток, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан. И ако се случи овој состанок, тој исто така може да се покаже како историски“.

Весникот ја крена политичката температура во земјата, објавувајќи дека Европската Комисија сугерирала оти можниот договор меѓу Скопје и Атина треба да биде поддржан од мнозинство од 180 пратеници во грчкиот парламент.

„Заеднички именител на овие сугестии е дека тоа е долгорочен и стабилен договор кој ќе биде обезбеден со поширока политичка и парламентарна легитимност“, објави „Авги“.

Ваквата потреба, наводно, ја поддржувале претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, што било предочено до највисоките нивоа на грчката влада.

Дел од медиумите објавуваат демант од ЕК за каков било притисок или сугестија врз Атина, потсетувајќи на изјавата на Јункер при неодамнешната посета на Грција „дека Брисел нема да се меша, бидејќи прашањето треба да го решат двете земји, како што тие мислат“.

Повеќе: Крајот на мај- посакуван термин за решение на спорот за името

„Авги“ пишува дека ЕУ и НАТО будно ги следат тековните преговори меѓу Атина - Скопје за решавање на деценискиот проблем што го наследија владите на Ципрас и Заев, дека решение на спорот ќе ја „отклучи“ вратата за ПЈРМ на патот кон НАТО и ЕУ, што е дел и од еден поширок стратегиски план на Брисел и Вашингтон за прекин на руското влијание на Балканот.

Повеќе: Рот: Историска шанса за решавање на спорот за името

Весникот го анализира и однесувањето на најголемите опозицииски парти во двете земји, потенцирајќи го внимателниот став на Мицкоски, но и фактот дека ВМРО -ДПМНЕ сѐ уште е контролирана од страна на поранешниот премиер Груевски. Според весникот,  дури и сега кога мобилноста меѓу Атина и Скопје го достигнала својот врв и секој изминат ден е одлучувачки за исходот од македонските разговори, лидерот на грчката опозиција Кирјакос Мицотакис продолжувал да испраќа пораки против сите можни консензуси.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја прекина работната посета во Италија и побара итна лидерска средба за името (фото: лидерска средба во Скопје, 27.01.2018)Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Мицкоски бара лидерска средба

Најавите во грчките медиуми дека „решението е за името е веќе во рацете на Заев и Ципрас“ и недостигот на информации од македонската владата за текот на разговорите, беа причина лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера да ја прекине работната посета во Италија и партијата да побара итна лидерска средба за името.

„Евентуалното постигнување договор помеѓу Република Македонија и Република Грција би било чин на заеднички компромис, што подразбира и грчката страна да отстапи од некои свои позиции и барања. Но такво чувство не постои, и се чини дека единственото попуштање и ретерирање во ставовите е она од македонска страна. За сето ова единствените информации кои ги има јавноста и партиите се оние кои ги добива од грчките медиуми, и по некој неформален брифинг кој излегува во дел од македонските“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, со потестување дека единствените информации кои ги има добиено од Владата се од јануари годинава.

„Имаме дипломатија која се движи по линија на егзибиционизам. Остануваат само позитивните тонови и изјави на Заев, а според неофицијалните информации работите во реалноста се движат во непосакуван правец. Јавноста е во исчекување, а граѓаните имаат право да знаат што македонската влада прифаќа уште пред да има официјален договор за тоа, бидејќи за Македонија нема посуштинско прашање од прашањето за името“, велат од ВМРО.

Мицкоски утрово се враќа во Македонија, а партијата побара итна лидерска средба во текот на денешниот ден, на која би присуствувал и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, а на која премиерот и министерот за надворешни работи би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името.

„Лидерска средба ќе се одржи во термин кој им одговара на сите политички субјекти кои се дел од овој вид средби. Во меѓувреме, додека се утврди термин кој одговара за сите, лидерот на опозицијата може да побара средба со премиерот“, изјавиле за МИА од Владата.

„Владата како и секогаш досега кога има значаен развој во текот на преговорите за проблемот кој го има Република Грција со нашето уставно име, навремено и целосно ги информира сите засегнати политички субјекти. Истовремено, транспарентно и одговорно ја информира и јавноста, односно граѓаните на РМ“, навеле од Владата.

Претседателството на ДУИ како успешен и ветувачки го оцени текот на преговорите со Грција, и ги охрабри властите храбро да пристапат кон затворање на долгогодишниот спор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми