1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Кој е виновен? Никој, поплавите се природна сила

Фабијан Шмит
20 јули 2021

Водата се повлекува и почна потрагата по виновник: зошто луѓето во западна Германија не беа навремено известени и предупредени? Отпосле сите се паметни, но се потценува силата на природна катастрофа, смета Фабијан Шмит

Deutschland Unwetterkatastrophe | Schuld, Landkreis Ahrweiler in Rheinland-Pfalz
Фотографија: Wolfgang Rattay/REUTERS

Разбирливо и човечки е по ваква разорна природна катастрофа да се бараат виновници. Но, тоа не помага никому, најмалку на жртвите, на семејствата на настраданите и на оние чија егзистенција за неколку минути ја однесе надојдената буица.

Солењето памет нервира. Токму како што Германија по загубен фудбалски натпревар има осумдесет милиони тренери, сега изгледа сите станаа експерти за превенција од катастрофи.

А ги има и преку границите. Британскиот хидролог Хана Клоук во весникот „Сандеј тајмс“ и за германскиот јавен сервис ЗДФ изјави дека предупредувањата на европскиот систем за алармирање поради поплави ЕФАС не стигнале благовремено до луѓето во Германија. Тоа таа го нарече „монументален системски пропуст“. 

Михаел Тојрер, заменик шеф на пратеничката група на Либералите во Бундестаг, се фати за тој аргумент и дополни дека сојузниот инистер за внатрешни работи „директно сноси лична одговорност“. Тоа звучи добро во ек на изборна кампања. Глупаво е само што тврдењето нема врска со вистината.

Тегобен поглед од небо на настраданите подрачја од поплавите во Германија

01:20

This browser does not support the video element.

На пример, јавниот сервис ВДР 5 во минатиот вторник во осум часот утрото, значи повеќе од 24 часа пред почетокот на невремето, објави:

„Германската метеоролошка служба предуредува од силна бура со обилни, понекаде и екстремни врнежи од дожд“, а потоа следеше предупредување од „долготрајни дождови со потенцијал за претворање во природна непогода. На места мора да се смета на врнежи од град и поплави.“

Значи, кој ја следел временската прогноза, можел да насети што доаѓа. Кој го следел радарот за врнежи или макар погледнал низ прозорец, ќе знаел.

Но, екстремно брзите поплави и буици во села како Шулд на реката Ар никој не можел да ги предвиди, ниту да се подготви за нив. Едноставно, постојат непресметливи природни сили чија разорна моќ не може да се предвиди ни со инженерска вештина ниту со сета достапна техника. Тоа не го може ни ЕФАС.

Системите за рано предупредување можат да нѐ подготват на релативно споро покачување на водостојот на реките, но не и на тоа потоците за час да се претворат во буици. Нашите вековни искуства со поплавите  се мерило за заштита од нив и за правила каде воопшто смеат да се градат објекти.

Фабијан Шмит, автор на коментарот

Во Шулд меѓутоа се збришани векови стари скелетни куќи (фахверкхаус), кои преживеале бројни поплави. Водата однесе мостови кои се градени и обновувани во последните децении со почитување на целото инженерско знаење и сознанија за поплавите.

Во случајот со реката Ар промашено е и тврдењето дека менувањето на текот на реките и канализацијата се одговорни за катастрофата. Зашто, Ар е река која во огромен дел го следи природниот тек.

Во Ерфтштат во близина на Келн, надојдената река поплави локација за ископ на чакал, кој толку се навлажни што потоа буквално проголта дел од една населба. Во областа која човечка рака многупати ја прекопувала во текот на милениуми, во рајнскиот басен на лигнит, би можеле да нѐ очекуваат уште вакви смртоносни изненадувања. 

Врнат критики и поради задоцнети и противречни упатства кои на граѓаните им стигнувале преку специјалните апликации како КАТВАРН и НИНА. Наводно тие упатства ги навеле луѓето да останат дома или просторот за евакуација бил премал. Освен тоа, апликациите потфрлија кога снема струја.

-повеќе: 

По поплавите: Затаи ли системот за заштита во Германија?

По поплавите во Германија: „Надреална, застрашувачка состојба "

Поплави во Германија: „Сè е разурнато, сè снема!“

Но, апликацијата не може да знае која куќа е следна за паѓање поради поплавата. Можеби надлежните можат нешто да научат и да ги подобрат апликациите. Но, најважната поука за сите нас во случај на непогода е да не се потпираме само на убави дигитални играчки, туку да ги користиме сите сетила.

Понекогаш не е добро откажување од докажана аналогна техника, како што е фиксната телефонија која би можела да работи и без струја.

По обновата, жителите по должината на Ар ќе добијат значително подобар систем за рано предупредување. Но, идното невреме можеби ќе погоди сосема друга река и друго село, можеби во Тирингија, во Харц или во подножјето на Алпите, а таму нема да бидат толку подготвени. Каде ќе удри? Тоа не се знае, тоа е природна непогода.

Горка вистина е дека постојат природни сили кои се посилни од нас луѓето и можат да удрат толку неочекувано и брзо, што нема системи кои можат навремено да нѐ известат.

Ни останува при планирањето на градби и архитектонски потфати да учиме од искуствата, да градиме подобро и посигурно и да се надеваме дека идниот пат нема да биде толку страшно. И мораме да прифатиме дека не можеме за секој проблем да најдеме виновник.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми