Италијанците ја споредуваат кризата со коронавирусот со воена состојба. Постарите луѓе главно се во изолација. Помош им пружаат волонтери. Притоа, старите луѓе копнеат по комуникација.
Реклама
Римскиот кварт Пињето, исто како и другите делови во источниот дел од градот кој забрзано се модернизира, има две души. Тие живеат една покрај друга, но ретко се допираат и мешаат. Во социјалните станови, изградени пред неколку децении, живеат постари луѓе. Тие се дружат во локални барови или читаат весници на клупите во пешачките зони. Кога коронавирусот од северниот дел на Италија почна да се шири и на останатите делови од земјата, пензионерите беа први кои исчезнаа од јавниот живот, зашто владата им советуваше на постарите да останат дома.
Друга група се млади уметници, креативци и слободњаци кои обично ги полнат кафулињата и баровите на квартот Пињето. Тие во почетокот се обидуваа да живеат нормално, додека шокираната Италија се бореше и соочуваше со барањето да се прекинат сите социјални контакти. А потоа во средата беше изречена строга мерка: сите граѓани мора да останат во самоизолација и не смеат да ги напуштаат своите станови. Освен тоа, наредено е затворање на продавниците и сервисите кои не пружаат услуги неопходни за секојдневен живот.
Иако досега овие два света во Пињето живееја физички раздвоени еден од друг, Ковид-19 ги зближи двете групи, старите и младите, во земјата која е најтешко погодена од коронавирусот во Европа и во која досега од него умреа преку 2.000 луѓе.
Коронавирус: Кои залихи ви се потребни во кризни ситуации
Кризата со коронавирусот доведе до прогласување вонредни состојби во многу земји. Неретки се случаите на панично купување во супермаркетите. Дознајте што ви е потребно во домот во вакви ситуации, и избегнете паника.
Фотографија: Reuters/V. West
Подгответе се за криза
Германската влада во 2016 година изработи нов план за цивилна заштита со листа на неопходни производи кои во меѓувреме се ажурирани. Германците добија препорака да направат залихи на храна за 10 дена и питка вода за пет дена. Идејата е луѓето да имаат се што им е потребно, вклучително готовина и лекови, за да ја надминат кризната состојба.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Доволно течности
Листата со препораки опфаќа и список на залихи за период од 14 дена. Најважната работа на листата е водата- 28 литри по човек за период од 14 дена, или два литри дневно. Луѓето можат да преживеат неколку недели без храна, но без течности само четири дена.
Фотографија: picture alliance/KEYSTONE
Потребни залихи
Германското министерство нуди и онлајн „калкулатор“ со кој можете да пресметате каква храна да имате во резерва. Се препорачуваат 4,9 килограми ориз, леб и тестенини по човек за две недели. Потоа, 5,6 килограми зеленчук по човек, по 3,7 килограми млечни производи, овошје и јатки, и 2 килограми риба и месо. Водете сметка храната да трае и без ладење. По избор, снабдете се и со масло, шекер и сол.
Фотографија: Markus Mainka - Fotolia
Хигиената е витална
Иако храната и водата се клучни во вакви ситуации, хигиената е исто толку важна за превенција од болести. Имајте на располагање доволно сапун, детергент, паста за заби, влажни марамчиња, кеси за смет и тоалетна хартија.
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto
Лекови
Се препорачува да имате снабдено медицинско шкафче доколку се случи да не бидете во состојба да отидете до аптека или болница. Меѓудругото, тоа предвидува комплет за прва помош, неопходни лекови на рецепт, лекови за настинка, против болка, анти-диареа лекови и електролити, како и термометар и средство за дезинфекција.
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel
Доколку снема струја
Не е честа појава, но може да се случи да снема струја на неколку часа или на подолго. Тоа значи дека ќе нема светлина, мобилни телефони и греење. За да се подготвите за таква евентуалност, чувајте во резерва батериска светилка и свеќи, како и кибрит или запалка.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Badawi
Торба за итни ситуации
Создавањето залихи претпоставува дека мора да останете во домот, но некоја кризна ситуација може да ве натера и итно да заминете. Затоа е мудро да се има подготвена патна торба. Германската влада советува во неа да сместите: комплет за прва помош, храна за два дена, најважни лични документи, шише вода, вреќа за спиење, неопходна гардероба и дел од нештата кои беа наведени во претходната листа.
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Kjer
7 фотографии1 | 7
Волонтери одат да пазаруваат за пензионери
Млади луѓе, на возраст меѓу 25 и 30 години, членови на локалното културно здружение, основаа иницијатива за помош на старите луѓе – жителите кои се придржуваат на најстроги правила на самоизолација. Тие за нив одат да купуваат и ги извршуваат сите други видови услуги. И останатите групи граѓани во Рим и ширум земјата наскоро тргнаа по нивните стапки.
„Покренавме акција и ги повикавме волонтерите во соседството да помогнат и пред наредбата сите задолжително да останат дома. Тоа беше уште во време кога на постарите лица само им се советуваше да не излегуваат, но на улиците и натаму имаше многу луѓе“, вели Дијана Арменто, една од координаторите на проектот. За само три дена се пријавиле преку 200 волонтери. „Дневно обработувавме од четири-пет па до 20 повици на постари луѓе“, додава 30-годишната Арменто, инаку вработена во една издавачка куќа. Таа објаснува дека волонтерот се поврзува со постарото лице кое живее во близина, за да може да го следи неговото движење во случај да се разболи, или за да се обезбеди волонтерот да не мора да поминува големи дистанци за на лицето на кое му помага да му донесе храна и други потребни работи.
„Исто така се обидуваме да се придржуваме кон навиките на пензионерите така што одиме во нивниот омилен супермаркет, или ги прашуваме кои производи и марки ги сакаат најмногу“, вели Дијана Арменто. Меѓу волонтерите и оние на кои им помагаат, не постои физички контакт, зашто производите им ги оставаат на куќниот праг на пензионерите.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
8 фотографии1 | 8
Осамени и конфузни
Дијана забележала дека меѓу старите луѓе постои голема потреба за комуникација. „Кога телефонирате со нив, можете да ја почувствувате нивната потреба за разговор. Поминуваат цел ден пред телевизор и тогаш или се исплашуваат, или не веруваат во она што се случува. Познавам старица која цел ден поминува молејќи се, мислејќи дека ова е божја казна.“
И други групи на волонтери во градот се имаат организирано на сличен начин. „Постои огромна потреба да им се помогне на луѓето на кои локалните власти не се во состојба да им одговорат на адекватен начин“, вели Алберто Кампалија, раководител на здружение за помош на сиромашните, кое пружа правна и материјална помош, вклучувајќи и набавка на храна. Неговите волонтери сега испорачуваат храна во Чампино, на периферијата на Рим. Некои локални власти во италијанскиот главен град имаат отворено и телефонски линии за помош и групи на Фејсбук.
Низ кризата се поминува заеднички
Во Бичари, мал град во регионот Апулија, на југот на земјата, 2.800 луѓе инаку живеат во близок контакт. Децата играат на централниот плоштад, старите седат пред локални гостиници, а минувачите застануваат за да поразговараат со сопствениците на продавници.
„Овде постои силно чувство на заедништво“, вели Џанфилипо Мињоња, градоначалник на Бичари. „Секоја средба е прилика луѓето да се поздрават и да си поприкажуваат, а овој прекин на социјалните контакти тешко им паѓа.“
Градот воспоставил телефонска линија за врска со постари луѓе, да можат да повикаат некого ако им е потребна помош околу набавување намирници, лекови и други потреби. Услугата која ја иницирала локалната задруга со 200 членови, сега ја поддржува и општината. Иако меѓу жителите на ова место нема потврдени случаи на зараза, владее загриженост од можноста на појава на болеста. Најблиската болница е оддалечена 30 километрии се наоѓа во Фоѓа. Освен тоа, здравството во јужна Италија не е толку ефикасно како во северниот дел од земјата.
Во Сан Лео, мало место со средновековна тврдина, во Емилија-Ромања, еден од најтешко погодените региони од коронавирусот, солидарноста им помага на постарите луѓе да ја поднесат изолацијата.
„Почнавме со достава на храна и лекови. Еден ден една жена посака крстозборка, но локалниот киоск беше затворен“, вели Марта Кијучи, 32-годишна млада жена која води туристичка задруга. Таа додава дека во историскиот центар на градот во кој живеат само неколку стотини луѓе, останале отворени само четири продавници. „Идејата ни е сите да знаат дека постојат луѓе кои им стојат на располагање и кои се спремни да им помогнат.“