1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сомнително брзање

Кристоф Штрак/превод:бг2 декември 2015

Веројатно германската армија мора да учествува во воената акција против „Исламската држава“. Но парламентарното брзање покажува дека на сојузната влада многу и се брза, смета Кристоф Штрак.

Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Веројатно германската армија мора да учествува во воената акција против „Исламската држава“. Франција по теророт во Париз се повика на Договорот на ЕУ и ги замоли партнерите за поддршка. Сигурно во слична ситуација и Германија би побарала помош. Но иритира парламентарното брзање кое сојузната без причина го практикува.
Воената сила во еден судир смее да биде само последното средство, смее да и служи на целта да се спречи неоправданото насилство и да се постигне мирна иднина. Многу нешта говорат во прилог на тоа дека воената акција против терористите од ИД, и служи на таа цел и дека е морално оправдана. Притоа, секогаш мора да постои пропорционалност.

Последица на солидарноста

Оној политичар кој во часовите по 13 ноември објави дека теророт од Париз ќе биде насочен против сите Европејци и дека исто ги погодува и Берлин и Виена, веќе пред своите очи ги имаше последиците. Во сојузите- и во ЕУ и во НАТО- постојат различни сили и капацитети. Тоа го покажува и првичното барање на француската страна да добие медицинска поддршка од германската армија во случај на „голема штета“. Во случај на напад на подрачје на една држава-членка сите други држави-членки се должни да и ја пружат сета помош и поддршка која е во нивна моќ, во согласност со членот 51 од Повелбата на ОН- така е наведено во Договорот на ЕУ. Сега се работи токму за тоа, преку ставањето на располагање на борбените авиони Торнадо, еден воен брод како поддршка за францускиот носач на авиони во Средоземното море и продолжување на обуката на Пешмерга борците на северот на Ирак.
Политичката поддршка за ангажманот на Бундесверот против ИД е широка. Затоа уште повеќе иритира, па дури и предизвикува сомнеж, брзањето со кое одлуката за мандатот треба да биде протуркана низ Бундестагот. Во вторникот одлуката ја усвои сојузната влада, во средата го мина првото читање во парламентот, во четврток следува гласање на комисиите, а в петок ќе гласа парламентот во второ и трето читање. Можеме да се обложиме дека постојат пратеници кои на крајот не знаат колку авиони и војници ќе учествуваат во воениот ангажман.

Кристоф ШтракФотографија: DW

Време за размислување

Кога состојбата во германската политика е сериозна, секогаш се случува хектика. При спасувањето на еврото, финансиската помош за Грција, првите промени на правото на азил. Во одредени случаи може да биде оправдано укинувањето на пропишаните рокови. Но, во актуелниот случај делува како непочитување на парламентот и јавноста. Борбените авиони нема да полетаат годинава- што значи дека парламентот можеше да одлучува за тоа и на последната седница пред Божик. Зошто пратеници не добијат повеќе време за размислување?
Секому му се познати тешките услови на воената акција во актуелниот судир. На тоа секојдневно потсетува спорот меѓу Анкара и Москва по соборувањето на рускиот авион. И секому му е позната драматиката на ангажманот на армијата и воздушното вооружување- на тоа потсетува американскиот напад извршен на германско барање врз двете цистерни во близина на Кундуз во 2009 година. Истото важи и за погрешното бомбардирање на клиниката на Лекари без граници во октомври годинава. Вооруженото дејствување е тешко да се поднесе, секогаш. Па сепак повремено мора да се поднесе. И затоа би било уште поважно на германскиот парламент да му се даде време за одлучување.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми