Во организација на фондацијата „Роза Луксембург“ во Берлин се одржа трибина по повод стогодишнината од основањето на Југославија. Можеше да се чуе многу за минатото на таа земја, но речиси ништо за иднината на регионот.
Реклама
Левичарската фондација „Роза Луксембург“ го претстави својот онлајн-проект: „Југославија: приказни за создавањето и пропаста на една држава“, во рамките на кој авторите (претежно научници од регионот на поранешна Југославија) се обидуваа да го објаснат феноменот на земјата на јужните Словени и фасцинацијата која во многу делови на левиот политички спектар во Европа, а особено во Германија, се’ уште игра голема улога. Тоа можеше да се види и на трибината одржана неодамна во Берлин.
По трибината, која во голем дел делуваше како воведно предавање за студенти по историја од Југоисточна Европа, учесниците преку објаснување на „митот Југославија“ одговарајќи на прашања од публиката се обидоа да се осврнат и на сегашната ситуација во регионот кој порано се викаше Југославија. Заклучокот, како и што можеше да се очекува, е дека работите не се добри.
Но, да почнеме со ред. За припадниците на левиот политички спектар во Германија, пред се’ е поразителен фактот дека во земјите кои се создадоа по распадот на Југославија, всушност нема некој сериозен политички фактор од левицата. „Во принцип на подрачјето на поранешна Југославија сме во дефанзивна позиција. Целото синдикално движење во овој дел на Европа се распадна. Таму немаме организација која активно и жестоко се бори за правата на работничката класа. Напротив, поголемиот дел од синдикатите се екстремно нефункционални организации кои служат исклучиво за богатење на синдикалните функционери“, рече Крунослав Стојаковиќ, директорот на канцеларијата за Југоисточна Европа на фондацијата Роза Луксембург.
„Конкретната борба постои, исто како и левичарската идеја за борба преку студентските права, но пред се’ е борба во еколошкиот спектар. Тоа посебно се однесува на борбата против изградба на низа мали хидроцентрали. И тука е присутна левичарската идеја“, заклучува Стојаковиќ, укажувајќи во овој контекст и на протестите во Тузла во 2014 година. Во оваа комбинација на преклопување на надлежностите на левицата и зелените Стојаковиќ ја гледа идната лева политичка опција во Југославија. „Ова е единствен начин левицата во овој дел на Европа да излезе од гетото во кое доброволно се затвори“, оцени тој.
„Секси“ самоуправување и панк
Зошто за публиката од западниот свет, особено оние кои имаат искуство со ГДР, им е интересна Југославија, можеше да се види и насети и на берлинската трибина , и тоа преку посебноста и самостојноста која произлезе од прекинот на односите меѓу Тито и Сталин. Притоа, секогаш одново во дебатите се појавува поимот на самоуправување како егзотичен утописки модел, кој во својот корен бил и антисталинистички и антифашистички.
Иако во еден момент дури можеше да се слушне и дека самоуправувањето, кое имало за цел и работниците да имаат уддел во претпријатието во кое работат, е „зачеток на свртување кон капитализам", словенечкиот политиколог Гал Кирн објаснува дека самоуправањето во пракса не функционирало онака како што било замислено во теорија и како што денес низ еден филтер на разубавување го замислуваат некои активисти.
„Штета што во текот на дебатата вечерва не тематизиравме малку повеќе околу тоа, да покажеме дека и покрај самоуправувањето во Југославија, одлуките се носеа на некои други повисоки нивоа, како и тоа дека самите работници не баш секаде покажуваа голем интерес“, вели Ким во разговор по трибината. Така дел од публиката си замина дома со својата идеалистичка слика за југословенските фабрики во рацете на работниците.
Публицистот Роланд Чехнрер истакнува уште една „секси“ одлика на Југославија која на некогашните граѓани на ГДР им делуваше привлечно. „Поп – културата - имавте панк во Југославија пред Западна Германија. Во Југославија тие млади бендови можеа да настапат во локалните општествени центри. Тоа е таа културна отвореност на која ние од ГДР гледавме по малку со завист“, вели овој автор и новинар.
Омразената ЕУ
А што е со сегашноста, Берлинскиот процес, евроатлантската интеграција? И прашањето на иднината на регионот во рамките на ЕУ е покренато дури по дебатата, на прашање од публиката. За разлика од политиката, историчарите и во голем дел набљудувачите на овој дел од Европа, учесниците во дебатата не веруваат дека мирот и иднината на регионот кој некогаш се викаше Југославија е можен само во една „супра“ државна структура како што е ЕУ.
Притоа изненадувачки беше насоченоста на учесниците во дебатата кон економскиот аспект на проширување на ЕУ со познатите флоскули како што се „новите земји членки се само пазар за Германија“ и слично, со повторување на мантратата дека на сите земји од соседството им е полошо по влезот во ЕУ. Ниту еден збор за тоа дека една од основите идеи на ЕУ е дека е мировен проект. Левицата, и тоа не само во Германија „мора да почне да размислува за алтернативна Европска унија“.
За Гал Кирн, словенечки политиколог кој во моментов живее во Германија, ЕУ се дискредитираше поради „ревизија на минатото“ и „изедначување на комунизмот со фашизмот“.
„И додека ЕУ во деведесеттите беше демократска со призвук на социјалдемократија, ЕУ сега е една неолиберална организација“, тврди Ким. Со сите негативни аспекти што се поврзуваат со овој поим. Она што сака левицата е некаква алтернативна Европска унија, заклучува Ким, цитирајќи го гуруто на европската левица Јанис Варуфакис – „Нам ни треба нова Европа“.
За тоа ќе има прилика веќе на следните европски избори, бидејќи Варуфакис пред неколку дена објави дека со своето движење „Дием 25“ токму во Берлин ќе се кандидира за пратеник во Европскиот парламент.
Насловните страници на „Шпигел“ за Југославија
Германскиот неделник „Шпигел“ слави 70 години постоење. На неговите насловни страници Југославија се најде 15-тина пати. Македонија, досега, ниту еднаш.
Титовата одисеја?
Во септември 1951. насловната страница излезе во 3 бои. Приказната за „Титовата одисеја“, наречена е „Ничиј слуга во ничија земја“. Во текстот е картата на двата блока и Југославија помеѓу со прашањето: Клучна алка или пукнатина во тврдината?. Авторот пишува: силната Југославија му е потребна на Запад- „засега“- и тоа како комунистичка земја која ја демонстрира слабоста на Источниот блок.
Фотографија: Der Spiegel
Свежа крв
Насловната страница од октомври 1964. година има посредно врска со Југославија. Станува збор за гастарбајтерите, кои пристигнуваа од Иберискиот полуостров, од Италија, Југославија, Грција и од Турција. „Стројниците на западногерманските работодавачи зујат по континентот за да донесат свежа крв на пазарот на труд“, пишува во текстот.
Фотографија: Der Spiegel
Моделот се распаѓа
Неверојатно далековиден изгледа текстот од 21. јануари 1980: „Тито е сѐ уште жив“- кој во „Југославија по Тито“ ја гледа следната светска криза? Прогнозата гласи: „Националистичките групи се борат меѓу себе, економскиот замав е запрен, моделот Југославија се распаѓа“. Додуша, не дојде до светска војна, т.е. до судир меѓу Советите и Американците во Југославија, како што се плашеше „Шпигел“.
Фотографија: Der Spiegel
Големосрпски блок
„Зандана за народот на Југославија: Терор на Србите“ е наслов од јули 1991. по прогласувањето независност на Хрватска и Словенија. Во текстот се потсетува дека 38% Срби живеат во другите југословенски републики и оти Милошевиќ веќе подготвува ново цртање на границите. „Во оваа завршна фаза чукна часот за српската воена мафија во карпата на мултинационална држава да издлаби големосрпски блок.“
Фотографија: Der Spiegel
Импотентноста на Западот
„Сликите не се толку утописки, толку слични на Војни на ѕвездите“, како што е случај во Заливската војна која е водена со прецизни бомби, пишува „Шпигел“ на почетокот на јули 1992. Сликите од Југославија се „полни со бруталност и архаична грозоморност“. Се тематизира и „импотентноста“ на западните демократии и ОН за време на оваа, како што ја нарече Милован Ѓилас: „најглупава од сите војни“.
Фотографија: Der Spiegel
Непожелни
Приказната за егзодусот од Југославија звучи актуелно. Насловот од крајот на јули 1992. гласи: „Бран од Балканот: Кој ќе ги прифати бегалците?“ Зборовите за прифаќањето на стотици илјади босански муслимани можат да се применат и денес: Бегалската трагедија можат да ја ублажат само брзи договори и прифатни контингенти. Но Европската заедница се колеба: секој непожелните ги турка кај некој друг“.
Фотографија: Der Spiegel
Србите против остатокот од светот
Наредната насловна страница е дури во јуни 1995. На неа „господарот на војната“ Радован Караџиќ со зборовите: „Србите против остатокот од светот“. Повод е заробувањето на 370 Сини шлемови. Интервју даде тогашниот шеф на дипломатијата на СРЈ, Владислав Јовановиќ: „Младиќ е тврдоглав, но способен генерал. Во Титовите школи научи да почитува политички авторитети. Нема да се закачи со Караџиќ“
Фотографија: Der Spiegel
Казнено бомбардирање
„Шпигел“ за бомбардирањето на СРЈ во 1999. објавува пет насловни страници едно по друго. Првата е со наслов: „Војна против убивањето- страв од неконтролиран пожар“. Интервенцијата на НАТО е наречена „казнено бомбардирање“, кое Белград треба да го принуди на договор со косовските Албанци. Но се ризикува прелевање на конфликтот посебно во Македонија, но и во Германија, каде има многу Срби и Албанци.
Фотографија: Der Spiegel
Дебакл на НАТО
Три недели подоцна магазинот пишува за „дебакл на НАТО“, кој со „сѐ повеќе авиони и напади“ се обидува да го зголеми притисокот врз Белград, но се почесто погодува и цивилни цели. Дури тројца новинари во интервју го притискаат шефот на дипломатијата Јошка Фишер, кој се брани од обвинувањата: „За мене војна е војна, а тоа значи дека страдаат луѓе, често невини луѓе. Затоа војната е толку ужасна.“
Фотографија: Der Spiegel
Војна за чиста совест
Во наредното издание се најавува „одлуката“- копнена војна или мир. Во остриот текст германското учество во бомбардирањето на СРЈ се критикува како „војна за чиста совест“. Се исмеваат и споредувањето на Милошевиќ и Хитлер и „војничкиот новоговор“ за „колатерална штета“ со заклучок: „Никој сериозно не може да тврди дека војната на Косово е во согласност со повелбите на ОН“.
Фотографија: Der Spiegel
Mir?
На 7. јуни, три дена пред крајот на бомбардирањето, насловот е „Мир? Цена, ризик, последици“.Канцеларот Герхард Шредер во интервју вели: „Војната никогаш не се исплатува.Но за жал беше неопходна за да се елиминира конфликт, кој инаку би имал далеку потешки последици.“ Дописничката од Белград јавува:„Олеснувањето кај Србите поради претстојниот крај на војната се меша со бесот кон режимот“.
Фотографија: Der Spiegel
Најопасен дел од авантурата
Седма насловна страница која е посветена на војната на Косово. Тоа говори колку за Германците беше значаен овој судир- прва „германска војна“ по Хитлер. Шпигел за влегувањето на меѓународните сили на Косово пишува дека тоа е „можеби најопасниот дел од целата балканска авантура на НАТО“.За Милошевиќ пак прашањето: Уште колку царот на Србите може да се задржи на власт? Дали му се заканува пуч?“
Фотографија: Der Spiegel
Пад на последниот бастион
Последната насловна страница на „Шпигел“ за регионот е на 9. октомври 2000., што покажува дека падот на Милошевиќ значеше и пад на интересот на светските медиуми за регинот. Во насловот цитат од Воислав Коштуница: „Денеска пишуваме историја“. Во текстот малку помпезно (и неточно) стои: „Со неосталинистот Милошевиќ, волјата на народот го збриша и последниот комунистички бастион во Европа.“