1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сончева енергија: Протести против фотоволтаиците

Оливер Ристау
12 ноември 2021

Во португалскиот регион Алентежу граѓаните излегоа на протести против планиран мега соларен парк на германски инвеститор, кој сака да ја комерцијализира соларната енергија. Тие се чувствуваат изиграни.

Portugal Wasserstoff aus Sonne und Meer | Enercoutim

Луѓето од големите градови доаѓаат во Алентежу пред сѐ поради мирот. Поглед врз убавите ридини и синото небо, букови дрвја на хоризонтот, мирис на рузмарин. Сузана и Рикардо Ваз пред 20 години се преселиле од португалската метропола Лисабон во руралниот регион Алентежу, на југот на земјата. Ја смениле градската гужва за мирот и од стариот селски посед направиле место за туризам.

Сузана и Рикардо сметаат дека таквата идила, од која досега обезбедуваат егзистенција за себе и нивните три деца, сега е загрозена. „Ако го направат соларниот парк, може да го затвориме бизнисот”, вели исфрустрираниот Ваз додека пие еспресо на верандата. „Како некој да ти направил гробишта пред врата. Никој веќе нема да дојде кај нас".

Повеќе: Бизнисот со струја од сонце привилегија за крупниот капитал

Покажува кон пејсажот во далечината, каде стадо говеда си пасе трева. Во позадината има далноводи и по неколку ветерни турбини. Наместо кравите, во иднина таму треба да се „распостелат” соларни модули кои ќе испорачуваат еколошка струја за индустријата на сосема трето место. Тука, во руралното место Серкал, на околу два часа возење од Лисабон, инвеститорот Акила Капитал од Хамбург планира голем фотоволтаичен проект со вкупно 270 мегавати моќност и инвестиција од 164,2 милиони евра. За таа намена планира да огради површина од 380 хектари и да постави соларна технологија и трафостаници, како и далноводи. Националната агенција за заштита на околината АПА веќе даде зелено светло за планот.

Во Серкал инвеститорот Акила Капитал од Хамбург планира голем фотоволтаичен проект со вкупно 270 мегавати моќност и инвестиција од 164,2 милиони евраФотографија: Oliver Ristau

Големи приходи од соларна енергија

Акила во Португалија управува со фотоволтаично портфолио од 700 мегавати моќност и со тоа е веројатно лидер во таа сфера во земјата. Компанијата ја продава струјата преку договори за откуп на електрична енергија од трета страна.

Земјата привлекува инвеститори со големите приходи од соларна енергија. На југот на Португалија, на квадратен метар се добиваат 1900 киловат часови. За споредба,  на северот на Германија на пример се постигнуваат само илјада киловат часови, речиси половина помалку. Соларната енергија ретко на кое место е толку евтина како во Португалија. На аукција, во летото 2020 година, со 1,1 цент за киловат час беше постигната најниска цена во Европа.

Повеќе:

С. Македонија ќе го менува јагленот за сонце и ветeр

Дали Бугарија е поготвена за откажување од јагленот?

Балканот чека пресврт во енергетиката

Кој ќе биде клиентот на планираната поставка е неизвесно. Една опција е да се пренесува зелената енергија преку далновод до 50 километри оддалеченото пристанишно место Синес, каде има голема побарувачка за чиста струја. Најголемото пристаниште во Португалија во иднина сака да произведува само зелен водород за извоз. Планиран мега центар на податоци има потреба од 450 мегавати еко-енергија.

„Дијалогот со нашите стекхолдери и пред сѐ со станарите и општините во близина на проектните локации ни е многу битен", одговара Акила на прашање од медиумите. Изјавата ги иритира активистите од граѓанската иницијатива „Заеднички за Серкал” кои велат дека „никој од Акила не дошол, иако ја поканивме компанијата на разговор преку отворено писмо", вели Сержо Мараскин од иницијативата.

Досега сточарите беа тие кои главно ја користеа земјатаФотографија: Oliver Ristau

Граѓаните сакаат да тужат

Акила посочува дека процесот на консултации бил отворен 30 дена и на крајот имало и јавна дебата. Информациите за ова биле објавени на некоја веб-страница за која никој не знаел, критикува Мараскин. Јавната расправа се одржала два дена пред крајниот рок за учество, вели тој. Поради тоа од иницијативата ќе поднесат тужба против проектот.

Исто така, и со пораката дека проектот ќе има значајно „позитивно економско влијание врз регионот и ќе придонесе за неговиот раст и развој“, Акила предизвикува негодување кај луѓето од Алентежу.

Еколошката проценка на АПА всушност ја потврдува нивната загриженост: „Со отворањето на фотоволтаичната централа ќе се креираат околу четири постојани работни места“. Но, доколку се потврди стравувањето на семејството Ваз и ако всушност мора да го затворат својот бизнис, само така ќе бидат изгубени четири работни места.

Ски-лифт на сончева енергија во Швајцарија

01:20

This browser does not support the video element.

Како друг позитивен ефект Акила ја споменува киријата што компанијата ќе им ја плаќа на сопствениците на земјиштето. Но, повеќето од нив воопшто не живеат во регионот, па следствено на тоа - не ги трошат своите приходи таму. Досега сточарите беа тие кои главно ја користеа таа земја. Сега ќе треба да бараат земја на користење на друго место. Исто така, не е јасно колку од локалниот данок на имот што го плаќа Акила останува во заедницата.

Учество во добивката

Од граѓанската иницијатива нагласуваат дека тие во суштина се за соларна енергија. „Но, пред да почнеме да бетонираме недопрени пејсажи и обработливо земјиште, треба прво да почнеме со браунфилд локации, стари каменоломи, или како во Германија, покрај автопатиштата“, вели Мараскин.

И во Германија со падот на цените на фотоволтаичните системи сѐ повеќе се поставуваат вакви проекти на зелени површини. Оттука, конфликтите како во Алентежу се неизбежни. Затоа, на инвеститорите им се советува да стапат во контакт со противниците уште во рана фаза.

Затоа што постои едно барање што ги обединува сите локални противници на фотоволтаиците: учество во добивката. „Не може засегнатите заедници да го носат целиот товар, а профитот целосно да оди на друго место." Звучи како граѓанската иницијатива да ќе пружа уште отпор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми