1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Составот за Олимпијадата според условите

Златко Калински23 јули 2012

Македонскиот тим на Олимписките игри денеска во Скопје ќе има своја промоција. Пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова и атлетичарите Кристијан Ефремов и Христина Ристеска задутре ќе отпатуваат кон Лондон.

Фотографија: Reuters

Ова ќе биде шестото учество на Македонија на Летните олимписки игри, во двете децении од осамостојувањето. Пред неколку месеци Лондон беше убав сон за македонскиот спорт со 3 репрезентации кандидати за учество на олимпискиот турнир и со десетина сериозни аспиранти за настап во поединечните спортови. Денес, во очи на игрите, сликата за македонското учество е сосема поинаква! Васил Тупурковски, претседателот на МОК е со став дека на патот на желбите се испречи реалноста.

„Ако сме реални и ако се земе предвид во каква состојба ни е спортот, какви материјални услови има спортот, колку е организиран и како стратешки се работи во Македонија, не само од сега, туку во изминатите 20 години на сувереност, во целина далеку сме од тоа да бидеме задоволни! Навистина, повремено имаше и блескави резултати. Но, треба да бидеме реални и ваквиот расплет, каков што беше за Лондон, требаше да биде очекуван“, смета Тупурковски.

Професорот Тупурковски вели дека не се инвестира доволно во македонскиот спортФотографија: DW/Stojanovski

Последниот исчекор бара многу работа

Кошаркарите, ракометарите, ватерполистите беа македонските спортски надежи за учество на Олимпијадата. Сите останаа пред портите на Лондон. Дали на адекватен начин беа третирани тешките предолимписки турнири?

„Јас сум убеден дека сите три репрезентации можеа да минат. Можеше барем една репрезентација да мине. Во Гетеборг, во Шведска два гола ги делеа ракометарите од учество или од испаѓање од Олимпијадата. Во кошарката, по дваесет минути водевме со 20 разлика, во преостанатите 20 минути не успеавме. И во ватерполото бевме релативно блиску. Но, за тој последен чекој, за тој последен резултат се потребни многу години работа. Во органицациона смисла, во економска, во материјална смисла, на крајот во стручна и спортска смисла, ние не можеме да се пофалиме дека сме успешни“, вели Тупурковски.

Резултатско фијаско доживеаја и поединечните спортови: борењето, кајакот, пливањето,кои во минатите години го сочинувале мнозинството на македонските олимпијци. За мисијата на МОК во поглед на поддршката на олимписките кандидати во изминатиот 4-годишен олимписки циклус, Тупурковски вели:

„Знаете како е, објективно ние ги исфинансиравме во целина сите, откако ги добивме програмите за подготовки од спортските федерации. Но, борачите, боксерите, кајакарите и пливачите на крај имаа несоодветни резултати. Комплетните програми ние ги финансиравме од средства, кои ги обезбедуваме без каква и да било сигурност, без да знаеме однапред со колкави средства ќе располагаме. Познато е дека МОК во овие 20 години колку што постои, нема добиено ниту еден единствен денар од државата. Ќе повторам, се што добивме како барање и програма за подготовки од федерациите, кои по традиција имаат олимписки кандидати, ние во целост ги финансиравме“.

Македонија на Олимпијадата во Лондон ќе има по два претставника во пливање и атлетика.Фотографија: AP

Знамето во рацете на Блажевски

Денеска во просториите на МОК во Скопје на јавноста ќе и’ биде претставен олимпискиот тим за игрите во Лондон во присуство и на амбасадорот на Велика Британија во Македонија Кристофер Ивон. Од среда, македонските олимпијци ќе станат жители на Олимпиското село во Лондон. Македонското знаме на церемонијата на свеченото отворање ќе го носи пливачот Марко Блажевски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми