1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Составување на влада под „висок напон“

29 декември 2021

Лидерот на СДСМ денеска треба да го добие мандатот за состав на владата. И покрај исклучително тешкиот период во кој ќе застане на чело на владата, Ковачевски не се демотивира.

Nord-Mazedonien Skopje | Dimitar Kovacevski zum neuen Präsidenten der Sozialdemokraten gewählt
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска во 13 часот треба да го додели мандатот за составување на новата Влада на новиот претседател на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски. Со тоа ќе почне да тече уставниот рок од 20 дена, во кој мандатарот до Собранието треба да ја достави програмата и составот на новата влада. Конечната кадровска листа за идната влада не е готова бидејќи консултациите сѐ уште траат, а конечниот збор треба да го каже Централниот одбор на партијата. Се очекува седницата на ЦО да се одржи по празниците. Ковачевски, кој пред два дена доби овластување од ЦО да биде мандатар за состав на Владата, најави дека нема да го користи максималниот рок од 20 дена, и изрази уверување дека новата Влада ќе биде избрана до 18 јануари.

„Во моментов ја усогласуваме програмата што ќе ги содржи најдобрите проекти и предлози на СДСМ и коалициските партнери. Веднаш потоа треба се посветиме и на ефикасна реализација, бидејќи колку што поефикасно работиме и го почитуваме заемниот договор, постабилна ќе биде Владата. Пред новата Влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија. Јас верувам дека можеме да ги надминеме сите овие предизвици, со стабилна Влада која ќе има мандат до 2024 година“, рече Ковачевски .

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изрази уверување дека на 17-ти јануари новите министри ќе го почнат првиот работен ден. Според него, ако до 10-ти или 11-ти јануари во Собранието стигне програмата и предлог-составот на новата влада, седницата за нејзин избор би можела да се закаже за 15 јануари, и до крајот на денот на 16 -ти јануари таа да биде избрана.

„Струен удар“

Но, како дотогаш? Веќе е извесно дека периодот до изборот на новата влада ќе биде под „висок напон", најмногу поради цените на електричната енергија. Домашни компании се пожалија дека не можат да го издржат поскапувањето на струјата и на гасот, па бараат обесштетување од државата и замрзнување на цените. Доколку тие барања не бидат исполнети, најавуваат протести после Божик.

Христијан Мицкоски - опозицијата бара предвремени избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ова е еден од најтешките проблеми кои ќе ја дочекаат новата влада,  но не и единствен. Опозицијата повторува дека се нужни предвремени парламентарни избори, со став дека капацитетот на владата во заминување „е очаен“, а не очекуваат ништо подобро ни од идната. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,  Христијан Мицкоски, фокусот го става и на прашањето кој го има и кој ќе го има главниот збор во владата.

„Јас не знам дали се свесни  пратениците на СДСМ  и коалициските партнери дека во оваа Влада главниот збор не го има ниту СДСМ, ниту тие, туку го има ДУИ. И сега 15 пратеника на ДУИ владеат со 120 и со државата. Не знам како не успеваат да го видат тоа, зарем толку им е важен личниот интерес да државниот интерес и интересот на граѓаните е позади. Како не можат да видат комплетно се развластени од страна на ДУИ, и дека клучните позиции, клучните потези ги прави Али Ахмети“, изјави Мицкоски во интервју за Македонско радио .

Тој упати критики до лидерите на ДС, ВМРО-НП, ДОМ, ЛДП, дека не поддржуваат влада во која мнозински партнер е нивната коалиција, туку поддржуваат влада на ДУИ.

„Колку подолго ја поддржуваат таа влада, толку повеќе Македонија ќе губи. Затоа што ткивото внатре е разјадено, затоа што системот ни е на колена. Ќе ни требаат можеби години да повторно дојдеме на нулта позиција. Толку ли не разбираат дека државата е во слободен пад. Дека функционирањето на државата како никогаш до сега не е доведена во оваа состојба“, рече Мицкоски.

Ни лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, не штеди критики. Според него, партиите од мнозинството немаат легитимитет.

„Ковачевски нема легитимитет за да може да биде мандатар за формирање Влада, бидејќи тој што победи на изборите беше Заев, а не Ковачевски. Зборот на Заев е даден пред јавноста и тој треба или да продолжи до крај ако може, или да распише избори. Али Ахмети и ДУИ, исто така, немаат легитимитет да бидат дел од таа власт. Дојдоа со ветувањето дека ќе има премиер Албанец, а сега по втор пат гласаат премиер Македонец. Африм Гаши и Алтернатива немаат легитимитет, бидејќи имаат добиено гласови заедно со Села и Алијансата, за да донесат промена во албанското општество и да ја пратат ДУИ во опозиција“, рече Села.

Тој смета дека сега треба да се формира преодна Владата, а по една година да се одржат избори.

Фокус на економијата

И покрај исклучително тешкиот период во кој ќе застане на чело на владата, Ковачевски не се демотивира.

„Новата Влада ќе стави силен фокус на економијата, на ефикасна реализација на програмата и капиталните инвестиции. Насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачување на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува. Финансиската поддршка за сите граѓани и за компаниите ќе продолжи и ќе се зголемува. Како што ќе се креираат мерките за интервенција поврзани со енергетската криза, за заштита на здравјето и помош во услови на пандемија, така ќе се моделира и засилената финансиска поддршка“, вети тој пред два дена.

Подготвен е со опонентите да раговара за сите прашања важни за граѓаните и државата.

„Со господинот Мицкоски се слушнавме на денот кога бев избран за претседател на партијата и потоа се договоривме откако ќе бидат завршени процедурите кај нас во партијата и откако ќе заврши процесот на избор на новата Влада да се видиме и да поразговараме за важните прашања во државата“, изјави Ковачевски во вчерашното гостување на ТВ „Сител“, и најави дека повеќе ќе се посвети на економската и внатрешната политика во државата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми