1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состојбата во Јемен се заострува

26 мај 2011

Во експлозија на магацин за оружје во јеменскиот главен град Санаа загинале најмалку 28 лица, тврдат владини извори. Од понеделникот пресметките меѓу режимот на Салех и племенскиот старешина Ал Ахмар се се` пожестоки.

Фотографија: dapd

Последните борби започнаа на почетокот од неделава, откако претседателот Али Абдула Салех повторно одби да стави потпис на спогодбата, која предвидуваше тој да се повлече во рок од еден месец. Во Јемен веќе три месеци траат протестите против шефот на државата, кој владее автократски над 30 години. За него работите се јасни - армијата реагирала на провокацијата од Садик ал Ахмар:

„Тие провокации ќе не` вовлечат во граѓанска војна, но таа е ограничена на синовите на Ал Ахмар, кои го одбраа погрешниот пат, спротиставувајќи се со сила на државата“.

Садик Ал Ахмар е лидер на племенската федерација Хашед, која од март стои на страната на демонстрантите во Јемен. Тој одговорноста му ја префрла на Салех - со одбивањето да се повлече од власт, тој е оној, кој ја турка земјата во граѓанска војна. Во интервју за телевизијата Ал Џазира, Ал Ахмар истакна дека станува збор за напад на владата врз сопствениот народ:

„Ја повикувам армијата, републиканската гарда и безбедносните сили да ни се придружат во борбата против платениците на претседателот Салех, кои се подготвени да ги убијат сопствените браќа.“

Салех и Ал Ахмар си ја префрлаат одговорноста за ескалацијата еден на другФотографија: picture-alliance/dpa

САД повикуваат на прекин на огнот

Според непотврдени информации, силите на Ал Ахмар веќе контролираат неколку владини објекти, вклучувајќи го министерството за трговија и туризам, како и канцелариите на државната новинска агенција „Саба“. Борците на Ал Ахмар, исто така, ја нападнале и зградата на Министерството за внатрешни работи, која била под силен оган од рачни фрлачи.

Како точно почнаа престрелките меѓу приврзаниците на Ал Ахмар и државните безбедносни сили, засега останува нејасно. Владата тврди дека луѓето на Ал Ахмар насилно запоседнале училишна зграда, тие, пак, велат дека биле нападнати од владините сили. Во пресметките до сега загинаа стотици лица. Денеска јеменските власти наредија Ал Ахмар и неговите браќа да бидат уапсени.

САД ги повикаа на примирје сите страни, вмешани во конфликтот и уште еднаш побараа претседателот Салех да ја потпише спогодбата за повлекување од функцијата и отворање на патот за мирна транзиција во Јемен.

Автор: Естер Сауб/Трајче Тосев, дпа, ројтерс

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми