1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев бара Петков да ги одбрани бугарските интереси

ДТЗ
17 јуни 2022

Бугарскиот претседател Радев му се закани на премиерот Петков со „тешки последици“ доколку го тргне ветото за Северна Македонија во ЕУ. Францускиот предлог е стигнат во Софија, се очекува да се закаже дискусија.

Bulgarien  Kiril Petkov und Rumen Radev
Фотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Бугарскиот претседател, Румен Радев бара владата на Кирил Петков да ги отфрли сите сомнежи дека Бугарија може да го повлече ветото. 

 „Премиерот следната недела заминува во Брисел и мора да го брани националниот интерес. Затоа и Народното собрание и Бугарите мора однапред и јасно да знаат точно каква позиција ќе брани премиерот и тоа не може да отстапи од рамката на Консултативниот совет за национална безбедноста. Секоја измама или обид за нејзина замена ќе има тешки последици“, изјави Радев пред бугарските новинари. 

Иако беше најавено дека францускиот предлог денеска ќе се најде пред Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент, тоа не се случи.   Скопје порача дека ќе ја почека Софија да донесе одлука за последниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон околу ветото, по што ќе ги даде своите забелешки.  

Не се зборува за преговарачка рамка 

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, вели дека не се зборува за преговарачка рамка со Северна Македонија. На прашање на МИА дали Европската Комисија ќе гарантира дека конечната преговарачка рамка меѓу ЕУ и Северна Македонија нема да ги прекршува вредностите, правилата и принципите на ЕУ, еврокомесарот Вархеји порача дека не се зборува за преговарачка рамка воопшто. 

Еврокомесарот за проширување се надева оти одржувањето на првата меѓувладина конференција со С.Македонија и Албанија ќе се одржи за неколку денаФотографија: Government of North Macedonia

„Не сум запознаен со никаква преговарачка рамка, знам дека има комплетен застој во Софија, го поминувам речиси секој вторник во таа земја - без резултат, очигледно е дека внатрешната политика е способна да му наштети на кредибилитетот на ЕУ“, изјави Вархеји. 

Еврокомесарот за проширување се надева оти одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија ќе се одржи за неколку дена. „Нема причина да чекаме уште поради внатрешни политички прашања во Бугарија, се надевам дека зборуваме за денови, а не за месеци или години кога станува збор за првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија“, рече Вархеји. 

Нема преговори за идентитетот  

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во петокот, порача дека „нема разговори за македонскиот јазик, идентитет...“ и очекувањата на владата во Скопје се дека ќе добие „севкупно решение и гаранции дека со ова веќе нема да постојат никакви други барања во однос на нашето понатамошно напредување во интеграцијата на ЕУ“. Ковачевски тврди дека во Скопје не е пристигнат предлог од француското претседателство и објасни дека за такво нешто да се случи тој мора најпрво да се финализира во рамките на ЕУ, односно меѓу земјите членки. 

Немаме добиено предлог за деблокирање, тврди македонскиот премиер КовачевскиФотографија: Reg. Nordmazedonien

„Ние немаме добиено предлог за деблокирање на проширувањето на ЕУ кое вклучува решенија што произлегуваат од нашите разговори со Бугарија којшто е усогласен со сите земји членки на ЕУ“, изјави Ковачевски во Охрид, каде присуствуваше на Преспа форумот. 

Застој во бугарскиот парламент 

Бугарското собрание веќе два дена се обидува да работи во  напнатата атмосфера и обвинувања меѓу пратениците од власта и опозицијата. Денеска дојде и до физички контакт меѓу пратениците, по што привремениот претседател Мирослав Иванов беше принуден да даде пауза. 

-повеќе на темата: Ветото ставено во „игра на брзи прсти“

„Како и сите Бугари, и јас со горчина го следам распадот на ова Народно собрание. Партиите мора да бидат свесни дека со овие калливи борби го дискредитираат целиот политички систем, дека бугарскиот парламент не е пазар“, вели бугарскиот претседател Румен Радев за тамошните медиуми коментирајќи го разрешувањето на претседателот на бугарското Народно собрание, Никола Минчев. 

Гласање доверба

Во меѓувреме и бугарската Влада се соочува со предизвици, откако идната недела е закажано гласање доверба. Во вторник во 11 часот е свикана вонредна седница на Собранието, а гласањето ќе биде во среда. Барањето за гласање доверба го поднесе ГЕРБ, а поддршка добија од „Има таков народ“, ДПС и „Преродба“. Во меѓувреме се случува трансфер на пратеници во парламентот, поради што е неизвесен епилогот на седницата. За да биде изгласа недовербата на Владата ќе бидат потребни 121 гласови. 
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми