1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија не е задоволна од „чистиот македонски јазик“

БГ
9 јули 2022

Бугарското МНР е незадоволно што во Преговарачката рамка е наведен „чист“ македонски јазик, а Договорот за добрососедство и Протоколите не се критериум за отворање и затворање на поглавјата.

Теодора Генчовска
Бугарската министерка за надворешни работи во оставка, Теодора ГенчовскаФотографија: Stipe Majic/AA/picture alliance

Бугарското Министерство за надворешни работи смета дека е проблематично тоа што Северна Македонија добила „чист“ македонски јазик во Преговарачката рамка, но францускиот предлог го смета за нешто на што не можело ни да се надева до пред само 6 месеци.

На 23 јуни годинава пред Комисијата за надворешна политика на бугарското Собрание, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска требаше да го презентира ставот на институцијата која ја претставува во однос на францускиот предлог и претстојното гласање во парламентот. Излагањето на Генчовска беше прекинато откако мнозинството пратеници одлучија дека Комисијата нема потреба да дискутира за предлогот. Еден ден подоцна, Собранието во Софија го усвои францускиот предлог. 

Во официјалните документи кои Генчовска ги достави до Комисијата беа Протоколот од меѓувладината македонско-бугарска комисија (кој веќе го објавивме), како и Извештај за односите со Северна Македонија и францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Во Извештајот кој Генчовска не го презентираше докрај, се наведуваат добрите и лошите страни на францускиот предлог од бугарски аспект.

Меѓу клучните точки во Извештајот е онаа за фамозните Протоколи кои, македонските власти, се уште одбиваат да и ги покажат на домашната јавност. Протоколите се носат согласно членот 12 од Договорот за добрососедство, кој пак сега се наведува и во Преговарачката рамка, во новата, ублажена верзија на францускиот предлог, за разлика од претходната во која имаше директна референца кон Протоколот. 

Дојче веле имаше увид во оригиналниот текст на Извештајот на бугарското МНР

Неспорно е, и тоа се наведува во Извештајот на Генчовска, дека протоколите биле усогласени на состаноците на 4 и 5 јуни во Скопје со нејзиниот колега Бујар Османи. Она што за бугарската страна е неизвесно, како што се наведува во Извештајот, е дали „Скопје ќе ја наруши првобитната согласност, дека тие текстови треба да се прифатат како непроблематични и веќе договорени“.

Позитивни и негативни страни

Во објаснувањето на Генчовска, овој Протокол има позитивни и негативни страни кои таа ги реферира кон Рамковната позиција на бугарското Собрание од 2019 година.

Она што е најважно за бугарската министерка, а тоа е подвлечено и болдирано во изјавата, е Протоколот да биде потпишан од двете страни. Таа тоа го објаснува на следниот начин:

„Без потпишан Протокол, Преговарачката рамка сама по себе нема да ги даде потребните гаранции за историските аспекти на билатералниот спор кои се исклучително важни за нашата земја, туку само за преостанатите отворени прашања."

Ова, според Извештајот, се успесите на бугарската надворешна политика во францускиот предлог:

„Меѓу условите за мерење на напредокот на РСМ во претпристапниот процес е вклучено и спроведувањето на Договорот меѓу Бугарија и РСМ од 2017 година и Протокол(и) на заеднички состанок според член 12 од Договорот од 2017 година (кој треба да биде потпишан од двете страни).

- Засилен е текстот од став 47 во однос на следењето (од страна на ЕК) на заложбите на РСМ во однос на добрососедските односи и регионалната соработка. Во пракса, Комисијата се обврзува да известува, вклучително и за напредокот во имплементацијата на Договорот и билатералниот протокол, пред Меѓувладината конференција (IPC) ЕУ-РСМ.

- Воведено е барање РСМ да претстави посебен Акциски план за припадниците на националните малцинства или заедници (со разбирање дека Бугарите во РСМ се заедница, а не малцинство), во условите на кластерот „Темели". Во нотата на Претседателството до КОРЕПЕР конкретно се наведува дека Акцискиот план ќе го придружува Патоказот за владеење на правото и ќе биде неопходен за отворање на кластерот Темели.

- Воведен е механизам за вклучување на Бугарите во уставот на РСМ."

Неисполнети очекувања

Во кои точки францускиот предлог не се совпаѓа со бугарските очекувања и ставовите наведени во Рамковната позиција од 2019 година. Еве што пишува во Извештајот на бугарското МНР:

- Во Преговарачката рамка на француското претседателство се дозволува чиста референца за т.н „Македонски јазик“. Во овој поглед, нацрт-преговарачката рамка не одговара на Рамковната позиција од 2019 година. 

Протести против францускиот предлог во Скопје

- Во став. 5 од Преговарачката рамка воведува општо барање за имплементација од страна на РСМ на Договорот за добрососедство и на идниот билатерален Протокол од меѓувладиниот состанок согласно чл. 12 од Договорот за добрососедство, а во став. 47 од Преговарачката рамка се предвидува дека ЕК ќе поднесува извештај на секоја Меѓувладина конференција за неговата имплементација. Во овој поглед, нацрт-преговарачката рамка не соодветствува со Рамковната позиција од 2019 година, бидејќи имплементацијата на Договорот за добрососедство и Протоколот од чл. 12 не претставуваат формален критериум за отворање или затворање на поглавјата од преговорите. Не е предвидена улога на Советот на ЕУ (т.е. Бугарија) во оценката дали РСМ го спроведува билатералниот протокол, а оваа оценка е препуштена на ЕК. Треба да се напомене дека до 20 јуни 2022 година, билатералниот Протокол не беше потпишан од двете страни, а тоа е од суштинско значење за да се добијат гаранции за спроведување на долгорочни мерки, бидејќи претходниот не ги вклучува претстојните мерки за имплементација на Договорот.

- Во став 35 од Преговарачката рамка се предвидува дека РСМ ќе „усвои“ Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците, вклучително и на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, создавање ефективни мерки, механизми за известување и идентификување на одговорни институции. Имплементацијата на овој Акциски план ќе биде предмет на постојан надзор и редовно ќе се дискутира на Меѓувладини конференции во текот на процесот на пристапување. Ставот 37 од Рамката воведува барање имплементацијата на Акцискиот план да биде меѓу средните индикатори во кластерот Темели (ова значи дека ако овој Акциски план не се имплементира, ниту едно преговарачко поглавје не може да се затвори). Во овој поглед, нацрт-преговарачката рамка се разликува од Рамковниот став од 2019 година. Воведен е зајакнат механизам за заштита на човековите права, кој може, со активна улога на Бугарите во РСМ, да придонесе за гарантирање на нивните права.

Пред 6 месеци Софија не можеше ни да сонува за толку добар предлог, оценува бугарското МНР. фото: Кирил Петков и Емануел МакронФотографија: Johanna Geron/REUTERS

Предложениот механизам, сепак, не предвидува експлицитно дека Акцискиот план ќе биде  меѓу индикаторите за отворање на кластерот „Темели". Во овој момент, не е јасно дали се очекува Советот на ЕУ да го одобри Акцискиот план (се очекува само PCM да го „усвои“), што би го ограничило влијанието врз неговата содржина. “ 

Предлог кој се сметаше за невозможен

Генералниот заклучок на бугарското МНР е дека францускиот предлог треба да се прифати за Бугарија да ја искористи „добрата позиција" до која дојде, „откако успеа да дојде до предлог кој се сметаше за невозможен пред само шест месеци." Во тој контекст, Генчовска објаснува дека надежите во Скопје и некои други земји -членки на ЕУ кои ја поддржуваат Северна Македонија, се дека Софија ќе го одбие предлогот „и со процесот ќе се врати на поповолна позиција за Скопје."

Предностите за Бугарија, доколку Скопје го прифати предлогот се анализираат на следниот начин:

- „По одржувањето на првата политичка Меѓувладина конференција на РСМ и првата Меѓувладина конференција на Албанија за почеток на преговори, патот на двете земји кон нивното членство во ЕУ практично се разделува. Ќе биде тешко да се поткрепат обвинувањата против нашата земја дека поради блокадата на Северна Македонија се стопираат европските интеграции на целиот Западен Балкан. Тоа значително ќе го ослаби надворешниот притисок врз нашата земја и ќе ја зајакне позицијата на Бугарија во однос на Скопје."

Доколку во Скопје мине францускиот предлог, планот на официјална Софија натаму изгледа вака:

„Целокупниот концепт на МНР е дека оттука натаму Бугарија ќе мора директно и активно да се вклучи во процесот на пристапување на Скопје во ЕУ, за да ги искористи алатките што ги создадовме за позитивно влијание врз однесувањето на Северна Македонија и јавноста во таа земја кон Бугарија. За таа цел, крајно неопходно е  извршната власт да ја исполни точката 4 од заклучоците на КСНС (Консултативниот совет за национална безбедност кај претседателот Румен Радев, н.з.) одржана на 10 јануари 2022 година, имено „да подготви и обезбеди кадровски и финансиски акциски план со мерки за постигнување опиплив напредок во сите области на билатералните односи со Република Северна Македонија“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми