Софија бара „добрососедство“, Берлин очекува преговори
1 октомври 2020Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева денеска повторно порача дека добрососедските односи се основен критериум за напредок и членство во ЕУ, дополнувајќи дека меѓу Софија и Скопје остануваат повеќе отворени историски прашања.
Предупредувајќи ги властите во Северна Македонија дека мораат да го почитуваат Договорот за пријателство потпишан во двете земји, Захариева рече дека очекува решение за историските прашања.
„Гоце Делчев е едно од многуте прашања што треба да се решат. Ние инсистираме на добрососедство- критериум за членство кој не е измислен од Бугарија, туку европски- и тој треба да се набљудува за време на целата преговарачка рамка“, изјави Захариева за бугарската БТВ.
Исполнувањето на Договорот, Захариева го врзува за продолжувањето на работата на мешовитата историска комисија, обвинувајќи го Скопје дека еднострано ја прекинало нејзината работа.
Бугарската министерка не кажа дали и како ќе се однесува нејзината земја во однос на очекуваниот почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, за разлика од нејзини колеги од владата кои веќе подолго време отворено се закануваат со блокада на процесот.
Дипломатската офанзива на македонските политичари, од друга страна, деновиве е насочена кон Германија која е актуелен претседавач со ЕУ. Вчера видео-конференција со шефот на германската дипломатија Хајко Мас имаше министерот за надворешни работи Бујар Османи, а од вчера во Берлин е и вицепремиерот Никола Димитров. По неговата денешна средба со државниот министер Михаел Рот, и двајцата излегоа со оптимистички изјави.
„Во својство на претседавач со Советот за општи работи (на ЕУ, н.з.) гордо изјавувам дека планираме да започнеме со организација на првата Меѓувладина конференција и да ги започнеме пристапните преговори со Северна Македонија“, изјави Рот по средбата.
„Прилично сме оптимистични дека можеме да започнеме со пристапните преговори пред крајот на нашето претседавање“, дополни германскиот дипломат.
Рот, како и Мас претходниот ден, оценува дека Северна Македонија ги исполнила сите услови за почеток на преговорите.