1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија ќе ги условува преговорите на Скопје со ЕУ

БГ
30 септември 2019

Бугарскиот државен врв на денешниот состанок одлучил да не дава безусловна поддршка за европските интеграции на С. Македонија. Причината се несогласувањата околу историските личности.

Nord-Mazedonien Bojko Borissow, Ministerpräsident Bulgarien & Zoran Zaev, Ministerpräsident
Фотографија: Pressestelle der bulgarischen Regierung

Наметнување „црвени линии“, обвинувањата за „братоубиствена пропагандна војна“ и закани за условувања од Бугарија за почеток на преговорите на С. Македонија со ЕУ. Тоа е исходот од состанокот на бугарскиот државен врв кој го свика претседателот Румен Радев, а чија единствена тема беа односите со соседна С. Македонија.

Претседателот Радев по состанокот најави дека неговата земја ќе претстави „црвени линии“, како гаранција дека европската интеграција на Македонија нема да е на штета на бугарската историја, јазик и идентитет.

„Треба многу да јасно да се стават предуслови, кои доколку не се реализираат, нема да се дозволи отворање нови поглавја, Тоа треба да биде јасно нагласено, како конкретна, отворена и конструктивна позиција уште на почетокот, при отворањето на преговорите“, рече Радев.

„Да гледаме кон иднината“

И според лидерот на бугарското ВМРО и министер за одбрана Красимир Каракачанов, неговата земја ќе постави услови за почеток на преговорите на С. Македонија со ЕУ. Од изјавата на Каракачанов не може да се заклучи за какви конкретни услови се работи и дали истите се поврзани со несогласувањата во мешовитата историска комисија околу етничкото потекло и делото на револуционерот Гоце Делчев.

„Македонците си поигруваат со нас“, изјави Каракачанов по состанокот, додавајќи дека Софија посакува „Македонија и Албанија заедно да ги започнат преговорите со ЕУ“.

„До вчера говоревме дека сме еден народ, ајде да прифатиме дека сме братски народи“, порача премиерот Бојко Борисов, повикувајќи да престане, како што рече, „братоубиствената војна на пропагандата во С. Македонија“. Борисов сепак не сака неговата земја да ја сопира Македонија на патот кон ЕУ, и вели дека ако тоа се случи „би било запишано во историјата“.

Борисов повикува на итен состанок со властите во С. Македонија со порака:

„Нека престанат да си играат со историјата, со минатото и нека се концентрираат кон иднината“.

Несогласувања меѓу Захариева и Каракачанов

На состанокот на претседателот Радев имало и несогласувања меѓу коалициските партнери во бугарската влада. Шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Каракачанов имале различни позиции околу следните чекори на Софија. Тоа го призна и премиерот Борисов, а го потврди и претставникот на опозициската Социјалистичка партија, Кристијан Вигенин. Бугарската опозиција го поддржува владиниот став дека треба да се поддржи македонското членство во ЕУ, но не безусловно.

Бугарските политичари веќе неколку месеци реагираат на неуспехот на мешовитата заедничка историска комисија да постигне компромис за историската улога на Гоце Делчев и неговото етничко потекло. Бугарските членови во Комисијата инсистираат нивните македонски колеги да го „признаат“ Гоце Делчев за етнички Бугарин и како таков да биде наведен во историските учебници во земјата. Официјална Софија веќе неколку месеци се заканува дека ќе го блокира почетокот на преговорите и врши притисок заедничката Комисија побрзо да носи одлуки за историски личности.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми