1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјала и сиромаштија- идеално поле за манипулација

Костадин Делимитов20 февруари 2016

Фактот дека во Македонија има највисок ризик од сиромаштија и од социјална исклученост споредено со земјите од ЕУ и Србија е поразителен за граѓаните, но добредојден за политичарите.

Фотографија: DW/S. Toevski

Македонските граѓани имаат највисок ризик од сиромаштија и социјална исклученост во споредба со сите земји во Европската унија и Србија. Податоците што ги објави европската статистичка служба Еуростат се поразителни, посебно ако се има предвид на кои сегменти тие се однесуваат. Анализите покажуваат дека околу 43% од македонските граѓани се под закана од сиромаштија, а дури половината од нив, или 46,9% се помлади од 17 години. Околу 43% од населението на возраст од 18-64 години е под закана од сиромаштија и социјална исклученост, додека во најбезбедна зона се пензионерите, или оние над 65 годишна возраст со 38,4%. Истражувањето на Еуростат покажува дека над една третина од населението во земјата нема можност да си дозволи да замине некаде на одмор, да се храни поквалитетно, да ги набави основните технички апарати во домот, ефикасно да се згрее, или да купи автомобил. Ваквите податоци според упатените не се изненадување и се одраз на ниските плати, високата невработеност, генерално нискиот животен стандард, но и лошата политика во делот на социјалната заштита:

„Причините за високата сиромаштија лежат во лошиот систем на социјална заштита. Социјалната парична помош за 4-члено домаќинство кај нас изнесува 5200 денари месечно, што е бедни 40 денари на ден по човек. Севкупно, средствата кои се издвојуваат за социјална помош во Македонија изнесуваат само околу 2.5% од БДП, што е едно од најниските во Европа. За споредба, во Словенија се издвојуваат околу 7% од БДП за социјална помош. Затоа, за да се намали сиромаштијата, потребно е да се зголемат средствата што се издвојуваат за социјална заштита. Конкретно, потребно е да се воведе политика на гарантиран минимален приход по домаќинство, со која секое домаќинство кое остварува пониски приходи од некое ниво, ќе добива помош од државата до тоа ниво. На пример, ако нивото е поставено на 12,000 денари за 4-члено домаќинство, а домаќинството има само еден вработен со плата од 9000 денари, тоа домаќинство ќе добива дополнителни 3000 денари од страна на државата“, смета економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Успешно менаџирање на социјалниот мир

Теоретски методот делува едноставен, но колку и реално е остварлив?

„Ова може да се постигне и нема да чини многу, пресметките покажуваат дека за тоа се потребни отприлика 50 милиони евра. Толку пари се потребни годишно за гарантирани на пример 12,000 денари за едно 4-члено семејство. Но проблемот е дали тоа се сака и да се постигне или не. Затоа што во таков случај многу тешко граѓаните ќе се продаваат за кило брашно пред избори“, коментира Јовановиќ.

Во вакви услови можеби делува чудно како успешно се одржува или менаџира социјалниот мир во државата. Причините за ваквиот тренд според дел од упатените се резултат на повеќе фактори. Стравот и поткупливоста дефинитивно влијаат, но клучна е сивата економија:

Фотографија: DW/S. Toevski

„Еден од клучните фактори што ги амортизира состојбите е сивата економија која во Македонија е многу висока, околу 40%. Но државата тоа не го регистрира. На пример, голем дел од луѓето кои се на прагот на сиромаштија, социјалци или оние кои што работат со многу ниски примања обезбедуваат дополнителен приход кој не го пријавуваат. Тоа е еден вид амортизер на социјалните реакции. Државата тука може да делува, но досега тоа го прави многу парцијално и млако бидејќи тоа не е популарно. Затоа ние сме сложено општество во тој поглед. Ако ги навикнете луѓето на таков систем тогаш многу тешко можат работите да се сменат. Западот на пример дава помош, но нуди работа и условува ако таа не се прифати. Но ние се` уште имаме една популистичка политика која подведува одредени групи и ги залажува од политичка природа. Една чиста манипулација, популистичка, со одреден рок на траење, додека е потребна. Бидејќи ниско платените се лесно поткупливи, посебно кога имаме избори. Затоа е популистички да ја толерираш сивата економија и затоа овие режими се нестабилни, тоа е поле за манипулација, тесто кое се меси по потреба. Можеби на прв поглед човек се прашува како е можно, но еве можно е, затоа што нема таква политичка сила која може да го реши тој проблем, а ретко која и тоа би го посакувала бидејќи тоа е неверојатно поле за манипулација“, коментира универзитетскиот професор Илија Ацески.

Маргинализација

Затоа според него и не чуди што огромен процент на населението во Македонија се смета за социјално исклучено или е под ризик од такво нешто:

„Кога ќе се каже социјална исклученост тоа опфаќа многу повеќе елементи, не е само храна, облека, стан, туку влегуваат некои потреби од повисок ранг. Односно луѓе кои имаат да јадат, но поради нискиот економски статус се исклучени од многу нешта, многу работи кои му се потребни на човекот, но без кои може да живее но сепак со помал квалитет на живот. Во Европската унија тоа поинаку се мери бидејќи многу малку луѓе врзуваат крај со крај. Ние главно се занимаваме со сиромаштија која е прекрасна за манипулација. Затоа велам дека поради сивата зона ова поле е многу проблематично за анализи и истражувања кај нас. Државата мора да почне да биде поригорозна, но тогаш тоа е непопуларно, посебно во услови кога секоја година имаме избори“, коментира Ацески.

Фотографија: DW/V. Kalinski

Терминот социјална исклученост се однесува на процесот кој доведува одредени граѓани или групи да се најдат на работ на општеството, лимитирајќи го нивниот пристап кон ресурси и можности и ограничувајќи го нивното учество во социјалниот и културниот живот, што за последица има нивно маргинализирање и дискриминирање. Друг често користен термин поврзан со сиромаштијата е ранливоста. Луѓето се во ранлива ситуација кога нивната лична благосостојба е ставена во ризик поради недостигот од потребни ресурси, со што имаат ризик од долгови, болести, недостаток од образование и живеат во неадекватни домови и опкружување.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми