Социјалистите можат да му ги замрсат сметките на Салвини
13 август 2019Шефот на Лега, Матео Салвини го помина викендот на плажа во јужна Италија. Таму тој веќе води силна изборна кампања и поход против поранешниот коалициски партнер, 5 Ѕвезди, кој има особено поддршка и повеќе гласачи од Лега во сиромашниот југ. Претседателот на Пет ѕвезди, Луиџи Ди Мајо, исто така не седи мирен и работи на план да спречи нови избори кои Салвини сака да ги изведе преку распад на коалицијата меѓу популистите. Ди Мајо им префрла на десните радикали од Лега дека ги изневерил Италијанците и единствено е заинтересиран за добри резултати по анкети, а не и за реформи и стабилна влада. Наводно, 5 Ѕвезди на Ди Мајо и опозициските Социјалдемократи преговараат да му дадат доверба на актуелниот премиер Џузепе Конте и со тоа да го минираат гласањето за недоверба на Салвини во Сенатот против шефот на владата.
Социјалистите и 5 Ѕвезди на иста страна?
Сепак и Социјалдемократите внатрешно не се единствени околу тоа дали сакаат да се спојат со 5 Ѕвезди, кои досега ги третираа за главен противник. Поранешниот шеф на владата и партијата, Матео Ренци е за, но актуелниот партиски шеф Никола Зингарети смета дека „ова не е веродостојна алтернатива, со која може да се одржи економска влада, во која десничарите би имале влијание." Зингарети посочува дека на крајот не одлучува Матео Салвини, туку претседателот на државата- дали и кога ќе има избори.
Во однос на владината криза сега на потег е парламентот. Сенаторите во двата дома мора да решат дали воопшто ќе го стават на дневен ред гласањето за недоверба на премиерот Конте поднесено од десничарската Лега. Потоа мора да се усогласат и околу датум за гласање. Речиси е неверојатно дека ќе се свика вонредна седница на парламентот среде летна пауза, бидејќи во август половина Италија е на плажа и во секој случај е помалку заинтересирана за кризите во Рим.
Претседателот може да закаже нови избори
Доколку Парламентот ѝ изгласа недоверба на владата, тогаш претседателот Серџо Матарела има две можности. Може да го распушти парламентот и да објави нови избори, веројатно во октомври. Многу италијански аналитичари пак сметаат дека претседателот Матарела ќе се обиде да издејствува преодна „технократска“ влада која би владеела максимум една година. Во таков случај оваа влада ќе треба да го подготви тешкиот буџет за следната година кој во октомври треба да биде претставен во Европската комисија.
Италија е западната во економска криза, мора да го намали прекумерниот долг и понатаму да работи на санација на банките. Подолга владина криза или влада предводена од десни радикали под водство на Матео Салвини, за чија финансиска политика човек може само да нагаѓа, би била крајно неповолна за Европската унија. Италијанскиот весник „Ла Република" пишува дека Салвини, доколку стане премиер, сака да излезе од заедничката европска валута – еврото. Салвини го негира ова, иако ваква точка е содржана во партиската програма на Лега. Деснорадикалната Лега во моментов води во анкетите со 36%. Но, за да направи влада на Салвини му се потребни коалициски партнери. Како што вели самиот, наскоро ќе има средби со лидерите на фашистичката „Браќа на Италија" и национал-конзервативната „Форца Италија". Таму се враќа во игра и поранешниот премиер Силвио Берлускони, кој со неговите 83 години може да доживее „камбек“ во една екстремно десничарска коалиција.
5 Ѕвезди во борба за опстанок
На последните избори во 2016 година популистичкото движење 5 Ѕвезди освои 32% од гласовите и беше најсилната партија во Парламентот. Во актуелните анкети Луиџи ди Мајо со својата мешана група има само половина од овие гласови и е трет на листата. Ди Мајо, веројатно од лични причини се бори против нови избори. Бидејќи според внатрешните правила на популистите еден пратеник може да биде избран само два пати едноподруго. За Ди Мајо следните избори би биле трет пат. Тоа значи дека вицепремиерот и министер за труд ќе мора да се повлече.
Пред нови избори Ди Мајо, самопрогласен борец против естаблишментот и анти-политичар сака да го избоксува веќе подолго планираното намалување на италијанскиот парламент. Двата дома на парламентот во моментов имаат 950 места кои треба да се намалат на 605. Гласањето за ова беше планирано за септември. За да ја придобие Лега пред можниот краткорочен сојуз со Социјалдемократите, поранешниот проминентен партиски шеф Ренци изненадувачки изјави дека неговата партија сега може да гласа и за намалување на Парламентот.
Лоша вест за ЕУ
Основачот на движењето 5 Ѕвезди, омилениот комичар Бепе Грило всушност се повлече од активната политика, но во светло на проблемите во коалиција на популистите, Грило изјави :„Јас ќе се воздигнам за да ја спасам Италија од нови варвари."
За Европа деснорадикална влада во Италија би била вистинска катастрофа, смета шефот на Германскиот институт за економски истражувања Марсел Фрацер. Тие би биле уште пострашни од сегашниот тим, кој не постигна многу. „Салвини ќе го продолжи курсот на конфронтација со Европа, особено затоа што ова досега му се исплатеше," вели експертот Фрацер во повеќе интервјуа. „Растечки популистичкиот и ксенофобичен курс на Италија значително ќе го отежни креирањето на надворешно политичката и безбедносната политика на Европа, особено на тема миграција."