1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со автостоп до Македонија

Андреа Вирвол / Александра Трајковска22 јуни 2014

Автостоп е поим за авантура и слобода. Многу млади луѓе на тој начин запознаваат нови земји. Во Германија и оваа година се организира натпревар во автостоп од Вирцбург до Охридското Езеро.

Фотографија: tramprennen.org

Во нејзиниот глас јасно се слушаат радоста и љубопитноста. Лена Мукерман се радува на свото прво патување со автостоп. Заедно со повеќе од 100 млади оваа 24-годишна студентка од Дортмунд на 16. август ќе тргне на пат од Вирцбург кон Македонија. Без авионски или автобуски билет. Нејзиниот палец ќе биде влезница во туѓиот автомобил.

Од 2008 секоја година стотици млади луѓе со автостоп патуваат низ Европа. Мината година патот ги водеше кон Мазурите во Полска. При патувањето со автостоп не станува збор за тоа што е можно поевтино да се стигне од едно до друго место. „Автостоперите бараат авантура“, вели коорганизаторот Марко Вебер. Тие сакаат да запознаат нови интересни луѓе - од милионери до самохрани мајки. „Никогаш не се знае со кого се качувате во автомобил“, вели Лена Мукерман.

Долг пат и авантураФотографија: tramprennen.org

Кој се придржува до советите може сигурно да патува автостоп

Но, токму тука лежи опасноста со која пријателите ја конфронтираат Лена. Родителите и пријателите, раскажува таа, ја информирале за хорор приказни за киднапирани и силувани автостопери. Но, студентката не дозволува овие приказни да и’ ја поколебаат љубопитноста и радоста за автостопирањето. „Никогаш нема сама да патувам автостоп“, вели таа. За да се зголеми сигурноста на учесниците има правила за автостоп патување, така што секогаш мора да патуваат двајца во мешани тимови. „За жал жена која стои на работ на улицата, во многу општества сугерира дека е сексуално достапна“, вели Вебер.

Освен тоа има и неколку други совети за автостоперите за да се зголеми сигурноста. Марко Вебер, на пример, испраќа СМС порака со регистрацијата на автомобилот со кој патува. Така неговите пријатели знаат со кого патува. Уште подобро чувство Вебер има поради тоа што самиот може да одлучува. Ако возачот или автомобилот му се чудни, тогаш не се качува. „На местата за пауза им приоѓам на луѓето и прашувам дали можат да ме земат. Тогаш бргу добивам чувство за луѓето“, вели тој. Оттука главното правило за автостоперите гласи: Остани да чекаш додека не добиеш добро чувство дека можеш да се качиш во нечиј автомобил.

Не мора секогаш да биде автомобил, добро е и запрежното возило ...Фотографија: tramprennen.org

Собирање на животно искуство

Конрад Гец од Институтот за социјални и еколошки истражувања во Фракфурт на Мајна и самиот ја има пропатувано Европа со автостоп. Патувањето со автостоп е евтино и младите на тој начин собираат многу животно искуство вели тој. „Тоа од друга страна значи да му се сврти грб на лудилото за безбеднсот“, вели тој. Имено има многу луѓе кои веруваат дека можат да создадат апсолутна безбедност. Тој во овој начин на патување гледа многу предности за денешните млади.

Марко Вебер и Лена Мукерман сакаат на некој начин да ги разбијат предрасудите. 25-годишниот студент Вебер раскажува дека го качиле возачи од кои тоа не го очекувал: „Исто така и возачите потоа беа вчудовидени какви љубезни луѓе патуваат со автостоп“, вели тој.

Во автомобилот, што за многу луѓе е втора дневна соба, многу бргу се започнува со приватни разговори. Пред да тргне на последното автостоп патување кон Полска Вебер и други учесници биле конфронтирани со педрасуди. „Јасно, секогаш може нешто да се случи, но никој не бил ограбен, како што некои ни кажуваа“, вели Вебер. Неговото искуство кажува дека луѓето во Источна Европа се посебно срдечни и гостопримливи. Романија ја нарекува рај за автостоперите.

Автостопирањето може да донесе опасности, затоа е потребна внимателностФотографија: picture-alliance/dpa

Автостоперите со нивното патување низ Европа се запознаваат со други земји и култури, вели Вебер: „Луѓето се радуваат кога можат да ви ја покажат својата татковина, и возат по заобиколен пат да ви го покажат нивното омилено место“. Ваквото искуство не може да се сетекне со паушално патување.

Автостоп - иднина на патувањето?

Конрад Гец смета дека автостоп патувањето во иднина ќе стане многу популарно. „За младите луѓе, кои страдаат од економската криза, тоа е добра можност за се запознае Европа“, вели тој. Гец исто така е уверен дека автостоп патувањето во иднина ќе биде поорганизирано. „Сигурно во идина ќе има еп со порака 'несигурни возачи'“, вели Гец.

Тоа би го користел и Марко Вебер. Уште сега автостоперите разменуваат информации преку интернет. Но, поголема комерцијализација тој и не посакува, оти тоа би ја уништило чарта за авантура - и радоста, која Лена Мукерман уште сега ја чувствува. Иако досега никогаш не патувала автостоп во иднина сака тоа да го прави почесто: „Ако имам време, тоа е перфектен начин за патување“, вели таа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми