1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Со витамини во борба против Ковид-19

Јулија Вергин
9 мај 2020

Во борбата против Ковид-19 е неопходен функционален имунолошки систем. За таа цел на телото му се потребни витамини и други хранливи материи. И, токму тоа многу луѓе го немаат во доволна мерка.

Symbolbild Zitronen, Limetten, Vitamin C
Фотографија: picture-alliance/ImageBroker/E. Bömsch

Носење маски, држење отстојание, миење раце - правила кои важат насекаде низ светот. Освен да го правиме сето тоа и да чекаме на пронаоѓање ефикасен лек против Ковид-19 или вакцина, нема што друго да се прави? Па, не е баш така.

Има едно нешто кое сега е поважно од кога и да е и има исто толку голема улога како добрата хигиена - функционален имунолошки систем, нешто за што ниту се дебатира јавно, ниту пак е дел од каталогот на владата со препораки за борба против пандемијата.

Биохемичарот Адријан Гомбарт, истражувач на важноста на хранливите материи за имунолошкиот систем на институтот Линус Паулинг на Универзитетот Орегон, сака тоа да се промени. Тој заедно со колегите подготви долумент во кој се содржани резултати од истражувања на различни хранливи материи и нивното влијание врз човечкиот имунолошки систем. Сознанија кои би можеле да бидат дополнително оружје во борбата против коронавирусот.

Повеќе:

Како имунолошкиот систем се бори против коронавирусот

Како да останете здрави за време на изолацијата поради коронавирусот

Ковид-19: Колку е делотворна терапијата со крвна плазма?

Помага ли никотинот против коронавирусот?

Лек за коронавирус од антитела на излечени пациенти

Ништо без витамини

„Сите преземени мерки се важни. Но, важно е и да внимаваме на нашата исхрана, за имунолошкиот систем да може воопшто да функционира“, вели Гомбарт. Тоа е особено значајно во стресни времиња како актиелниве, во кои брзо посегаме по брза храна како утеха. Доволно хранливи материи? Не не’ интересира многу.

Притоа, витамините Ц и Д, или други материи како цинк, железо и селен, имаат многу поголемо значење освен да бидат третирани во стилот „убаво е да се земаат“. Во најлош случај, недостаток од одредени материи може да отвори врати за вирусите, поради тоа што телото не е во состојба да се одбрани од нападите. Тогаш е особено голема опасноста од тежок тек на болеста за луѓето кои и онака припаѓаат на ризични групи.

„Секоја клетка од нашето тело користи различни микро хранливи материи за да може да функционира“, вели Гомбарт. Такви материи се витамините, минералите или омега-мастите.

За разлика од макро хранливите материи, како масти, јаглени хидрати и протеини, микро хранливите материи не му даваат на телото енергија, но се сепак есенцијални за основните функции на еден организам. Не само за метаболизмиот, туку и за одбранбениот систем.

На одбранбена линија

Адријан Гомбарт го истражува пред се’ витаминот Д. „Пред неколку години нашата истражувачка група откри дека витаминот Д ја регулира експресијата на еден ген кој кодира еден антимикробен пептид“, вели тој. Вакви пептиди учествуваат во неспецифичните одбранбени механизми на нашето тело. „Витаминот Д, освен тоа, учествува и во регулирањето на други гени важни за имунитетот.“

Тоа значи дека недостиг на витаминот Д може да направи дупка во одранбените линии на нашето тело. Тогаш напаѓачите можат лесно да победат.

Човечкото тело во оптимален случај може да направи многу за своја одбрана. Бацилите мора прво да поминат низ кожата и слузницата. Кога ја поминале оваа прва одбранбена линија, телото на инвазорите реагира со фагоцити, антомикробни протеини и воспаленија. Тоа е дел од неспецифичните одранбени механизми.

Борбата против САРС-КоВ-2 мора да се води со многу специфичен имунолошки одговор. Лимфоцитите им влегуваат во трага на надворешните микроорганизми и молекули, меѓу нив и вирусите. Лимфоцитите потоа може да продуцираат антитела и, слично на снајперист, да влезат во борба со прецизно гаѓање.

Витамин Ц против патогените

Тие процеси можат да течат разумно само ако телото е добро опремено. На пример, со витамин Ц. „Витаминот Ц е меѓу другото потребен за создавање кислородни радикали. Тие радикали се натамошно оружје на телото во борбата против предизвикувачот на болеста.“

Витаминот Ц, освен тоа, учествува во производството на антитела, без кои телото не може да го држи Ковид-19 во шах-позиција. Затоа, пациентите кои се разболуваат од новиот вирус и на кои им е потребна интензивна медицинска нега, добиваат високи дози витамин Ц, вели Изабел Шифер, експерт за генетика и истражување на староста и портпарол на фондацијата „Засекогаш здрави“. Шифер и нејзините колеги се занимаваат со прашањето - како луѓето да се одржат што е можно поздрави и да доживеат што е можно подлабока старост. Основа за нивните препораки се сознанијата од различни научни гранки. Тоа ја вклучува и натуропатијата. За „да дадеме придонес“ во време на корона, вели Шифер, тимот на „Засекогаш здрави“ е во потрага по билки чија ефикасност би можела да се докаже во клинички студии.

„Заклучивме дека има многу малку познавања за растителни материи кои евентуално би можеле да помогнат за намалување на симптомите или полесен тек на инфекцијата“, вели Шифер.

Дел од растенијата кои Шифер и нејзините колеги ги идентификувале како потенцијални помагачи во борбата против Ковид-19 е и бозелот. „Во клинички студии беше докажано дека екстрактот од бозел ја намалува веројатноста од настинка и го крати времетраењето на проблемите на дишните патишта во случај на грип“, вели Шифер.

Храна или додаток во исхраната?

Позитивниот ефект на бозелот нема ништо со хокус-покус, туку има врска со биохемијата - содржи голем број витамини и микроелементи. И Изабел Шифер и Адријан Гомбарт се на мислење дека во моментов е добро преку додатоци во исхраната да се зголеми внесувањето на витамини и други микро хранливи материи.

Сојузниот институт за проценка на ризик (БфР), пак, е со поинаков став: „Преку одмерена и разновидна исхрана здравото тело се снабдува во основа со сите материи кои се животно важни“, се вели во неговото соопштение. Сепак, институтот признава дека постојат исклучоци од ова правило.

Во текот на бременост и доење потребата од хранливи материи е зголемена. И старите луѓе често имаат недостиг. Тие во моментов се ризична група број еден.

Има многу аргументи зошто прашањето на функционален имунолошки систем би требало да има повисок приоритет во политичката дебата околу здравјето на населението. Здравата исхрана не би требало да биде прашање на стил на живот, туку мерка за превенција на болести. Исто како и темелното миење раце.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми