1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со витамини против сушењето на мозокот

10 ноември 2010

Алцхајмеровата болест се јавува кај луѓето со сенилна деменција и од неа се заболени 20 милиони лица во светот. Британски истражувачи сега сметаат дека пронашле ефективен третман против оваа болест.

Фотографија: picture-alliance / dpa

Како што старееме, така нашиот мозок се намалува. По навршување 60 години, мозокот се намалува за 0,5 проценти годишно. Но, кај некои луѓе мозокот се собира и до двапати побрзо. Овие луѓе страдаат од состојба позната како „благо когнитивно оштетување“. Симптомите се слаба меморија и тешкотии во говорот. Тоа не значи дека тие имаат Алцхајмерова болест, но не се исклучува ни таа можност. Речиси кај половина од лицата кои имаат когнитивни оштетувања болеста се развива и до стадиум на деменција.

Научниците од Универзитетот во Оксфорд веруваат дека можат да го забават когнитивното сушење на мозокот со конзумирање на големи дози витамин Б. „Ова е прва студија во светот која покажува ефект од модифицираниот третман на Алцхајмеровата болест. За жал, сите други испитувања пропаднаа, но токму ова покажа успех“, вели професор Дејвид Смит од Катедрата за фармакологија при Универзитетот во Оксфорд.

Витаминска терапија

Приказ на мозок заболен од Алцхајмер. Левата страна го покажува здравиот, а десната заболениот мозок од оваа болестФотографија: ALZHEIMER FORSCHUNG INITIATIVE E.V.

Станува збор за релативно мала студија. Учествуваа 168 луѓе на кои им е дијагностицирано когнитивно оштетување. Лицата беа поделени во две групи. Половина од нив земаа таблети што содржат витамин Б6, Б12, Б9 или фолна киселина. Другата половина примаше т.н. „плацебо апчиња“ од неделотворна супсанца, кои најчесто се даваат наместо вистински лек, за да предизвикаат автосугестивно дејство. По две години, на обете групи им беше извршено снимање на мозоците. Плацебо групата покажа реални знаци на намалување на мозокот. Намалување беше забележано и кај групата што примаше витамин Б, меѓутоа значително помало во однос на плацебо групата - 30, а во некои случаи дури и 50 проценти.

Осумдесетгодишниот Џон Хау, кој прима витаминска терапија, верува дека ќе има подобрување.„Можеби состојбата се влошува, но вие не сте свесни за тоа влошување. Ќе станете свесни само доколку работите почнуваат да се подобруваат. Мојата жена мисли дека сум подобро, ако може така да се каже.“

Витаминот Б го забавува намалувањето на мозокот

Моќен борец против тешката болест

Како се развива болеста? Степенот на намалување на мозокот се препознава по нивото на хомоцистин - супстанција која природно се содржи во крвта. Зголеменото ниво на хомоцистин значи побрзо смалување на мозокот. Витаминот Б го намалува хомоцистинот, при што го забавува и смалувањето на мозокот.

Професор Робин Џејкоби исто така работи на оваа студија. Иако видно возбуден од резултатите, не дозволува да биде занесен од моменталната ситуација: „Се` уште не сме утврдиле дали овие витамини ќе ги спречат или пролонгираат менталните промени кои настануваат со деменција. Засега ни успеа само да го забавиме мозочното смалување.“

Но, треба да се внимава! Постојат неколку здравствени ризици од преголемото примање витамин Б. Имено, тој може да предизвика губење на чувството во рацете и нозете, а има и наоди според кои постои врска меѓу фолната киселина и рак кај човекот.

Големи надежи во резултатите од истражувањето

Од Алцхајмеровата болест најчесто заболуваат постарите лицаФотографија: picture alliance /dpa

Студијата овозможи витаминот Б да се користи само како превентивна мерка за одложување на забрзаното смалување на мозокот. Сепак, научниците предупредуваат дека ова е само почеток на истражувањата и допрва се очекуваат понапредни наоди. Она кај кое беше забележан успех е спречувањето на мозочното намалување - процес кој е во тесна врска со Алцхајмеровата болест. Истражувачите се` уште не докажале дека витаминот Б може целосно да ја излечи болеста. „Ако сето ова влијае врз деменцијата, тогаш постојат шанси и за нејзино одложување. Доколку случајот е таков, луѓето ќе можат да живеат со ваквата болест вака или онака. Нивниот живот, едноставно ќе биде подобрен“, вели Ендру Кетерингам од Здружението на Алцхајмер.

Фармацевтската индустрија потроши милиони за изнаоѓање решение за деменцијата, но попусто. Ова истражување дава нова надеж.

Автор: Штефен Бирд/ Владимир Калински

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми