Со гушкање против осаменост
16 декември 2014Лондон, европска турли-тава од народи и култури и главен град на осамените. Секој трет овде се чувствува изолиран и осамен. Така било и со Дејвид Блеквел, доселен во Лондон пред 4 години.
„Кога дојдов во Лондон, се чувствував осамен, иако дојдов со неколкумина пријатели од факултет. Но, тие живееја на другиот крај од градот. Ми беше тешко да среќавам луѓе и да градам пријателство, оти сите живееја далеку и работеа седум дена во неделата. Никој нема време, навечер си уморен. Не е лесно да создадеш социјално опкружување“, вели Дејвид.
Затоа група луѓе, во која бил и Дејвид, ја почнале кампањата „Разговарај со мене“. Идејата е лондончаните да не живеат тапо и молчеливо едни покрај други, туку повторно повеќе да се социјализираат; што би се рекло - едноставно спонтано да комуницираат со непознати. Зашто, тие би можеле утре да станат пријатели.
Дејвид одпочетокот на кампањата стекнал околу 20 пријатели. Темите за кои разговара со луѓето зависат сосема од ситуацијата и од партнерот за разговор. Дејвид дели и беџови, онака попатно. Беџот треба да сигнализира дека оној што го носи е отворен за разговор и контакти. Концепт во кој не секој е веднаш убеден.
„Мислам дека тоа функционира само краткорочно, освен ако човек не носи беџ цел живот. Но, дали на луѓето навистина им треба беџ за да можат да разговараат со други?“, се прашува Алана.
Дејвид навистина веќе нема потреба од беџ. Тој одамна е уверен во магијата на спонтаните познанства: „Штом ќе започнете вистинска конверзација и од тој разговор ќе понесете сеќавања, приказни од овие случајни средби, тоа е добро чувство. Денот ти е исполнет, чувствуваш дека живееш.“
Кој е премногу срамежлив за спонтана комуникација, може да си помогне со апликацијата на Чарли Вилијамс, која овозможува да се сретнат луѓе за гушкање. Притоа, не станува збор за секс, туку за блискост, чувство кое се чини се‘ повеќе им недостига на лондончани.
„Во голем град како овој многу си блиску до многу луѓе, на пример во метрото, но тоа не е доброволно. Немаш шанса да кажеш: ’Овде сакам да бидам блиску до тебе’, туку си приклештен до нив. Мислам дека луѓето затоа се наклонети да ги туркаат другите што подалеку од себе. Секој сака да има свој простор, а тоа значи дека е тешко други да се пуштат да влезат во него“, објаснува Чарли.
Тој се договара со Анемари, Германка која живее во Лондон. Апликацијата ја покажува оддалеченоста и најбрзиот пат до другиот. А кога ќе се сретнат... гушкање. Анемари Блуменхаген го објаснува своето прво искуство со апликацијата и гушкањето: „Беше прилично возбудливо, затоа што ми беше првпат и некако... да, едноставно тотално пријатно и некако сосема смирено и убаво. Некако поинаку, поинаков начин на запознавање луѓе.“
Гушкање против осаменост. Иако апликацијата постои само од септември, веќе има 26.000 корисници. Во просек луѓето се гушкаат 9 минути и 54 секунди. Чарли Вилијамс вели: „Има многу научни и медицински истражувања кои докажуваат дека телесните допири го продолжуваат животот, а побрзо зараснуваат и физичките и психичките рани. Затоа треба да си обезбедиме што е можно повеќе вакви допири.“
За да биде среќен на Дејвид му се доволни и неколку возбудливи разговори. За што е можно повеќе лондончани наскоро да го носат беџот „Разговарај со мене“ тој ги остава бесплатно во кафулињата. Успехот не е којзнае каков. Кутијата останува недопрена.
Со директен маркетинг оди подобро. Дејвид е веќе повторно задлабочен во разговор. Овојпат со Алесандро, Италијанец кој во Лондон живее три години.
„На луѓето не мора да им кажуваме дека идејата е добра, тие го чувствуваат тоа и ја шират. Луѓето сакаат контакти, тоа е веќе тенденција. Никој не сака изолиран град“, вели Дејвид.
И навистина: Алесандро веќе муабети со непознатиот на соседната маса. Тој е љубопитен: „Никогаш не знаеш кој е околу тебе. Можеби седиш покрај најдобриот филмаџија на светот или до некој голем бизнисмен, или пак покрај твојата идна девојка.“
Оној што седи наспроти него е сепак само студент од Германија. Сеедно, Алесандро, и пред се‘ Дејвид, се задоволни. Лондончани повторно се зближуваат и веројатно некои од нив сега се малку помалку осамени.