1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со добра изолација се заштедуваат трошоци за греење

29 ноември 2011

Пенeстата пластика е лесна како табла чоколадo. Кога ќе се стави на ѕидот од некоја куќа таа не пропушта топлината да излезе надвор. Поставувањето трае околу четири недели и чини околу 50.000 евра.

Winter Schornsteine Rauch
Помалку пари за греење, а потопло во зимаФотографија: AP

Сопственичката на една ваква куќа, Кристиjане Франк, со оваа изолација сака да заштеди трошоци за греење во зима: „До сега, без изолација, плаќавме секогаш околу 4.000 евра годишно за греење. Згора на тоа плаќавме и гас. Сега, се надеваме дека ќе заштедиме 60 до 70 процети од трошоците.”

Парното греење, што се наоѓа во подрумот на куќата, работи на нафта. Во иднина сопственичката Кристијане сака да заштеди 2.000 евра годишно, а во зима сепак да и‘ биде топло. За да се направи тоа, семејството мора привремено да живее на градилиште. Поставувањето на изолацијата ќе трае најмалку четири недели и не чини само време, туку и пари. Семејството Франк треба да плати околу 50.000 евра. Затоа, Кристијане зема кредит: „Целата работа ќе почне да се исплатува сигурно после 20 или 30 години. Но, тоа го сметаме како инвестиција за нашата пензија. Еден ден, кога ќе бидеме во пензија ќе имаме помали трошоци за греење годишно. Освен тоа, ова го правиме и за нашиот син, кој еден ден ќе ја наследи куќата и ќе живее со неговото семејство овде”, вели Кристијане.

Инфрацрвената камера ја тестира изолацијата

„Термограмот“ покажува од каде излегува топлината и каква е изолацијатаФотографија: Picture-alliance/dpa

На градилиштето има само еден човек, кој ја надгледува работата. Фирмата на Маркус Цвергерс ги произведува изолациските плочи. Со помош на инфрацрвена камера Маркус тестира колку добро е изолирана куќата: „Местата на камерата што светат портокалово точно означуваат каде се губи топлината. Потемните места на сликата веќе се изолирани со новите плочи и го покажуваат начинот и дејството на изолацијата. Сликата покажува дека тука не се губи воопшто топлина”, објаснува Маркус Цвергер, менаџер во фирмата „Сто”.

Негова задача е да развива нови видови термичка изолација. Секоја година на пазарот излегуваат околу три нови производи. Во фирмата „Сто” работат околу 4.000 соработници ширум светот. Во производствениот погон се’ се одвива целосно автоматизирано. Боите, гипсот и лепакот се прават со роботска рака. Како производствен менаџер тој мора да ги познава сите производни погони на фирмата. Во Баварија, на пример, се произведуваат исклучиво изолациските плочи. Тие се прават од пенлива пластика, односно пластичен гранулат, а тоа значи од нафта. Тогаш, се поставува прашањето: дали изолациските плочи што се ставаат на куќата се еколошки? „Количеството нафта содржано во една плоча се заштедува преку греењето во рок од една година. Плочата стои на фасадата исто толку долго колку што ќе стои и куќата. Тоа се околу 50 до 80 години, што значи, дека со самото користење на изолацијата ќе се заштеди 50 до 80 пати повеќе нафта”, објаснува Маркус.

Магацинот во Баварија секојдневно го напуштаат 20 камиони

„Пасивна куќа“ во градот Дармштат, што се топли без парно греењеФотографија: picture-alliance / dpa

Фирмата „Сто” произведува вакви плочи на три континенти, а бизнисот со изолациски материјал се развива веќе со децении. „Зад постоечкиот фабрички дел се гради нов магацин, затоа што сегашното производство веќе не ја задоволува побарувачката на пазарот. Фирмата „Сто” забележува постојан пораст, затоа имаме проблеми да го произведеме соодветното количество изолациски плочи”, објаснува Фритјоф Кердт, раководител во „Сто Инолатицион”.

За Кристијане Франк, сопственичка на куќата, дури подоцна ќе се покаже дали нејзината инвестиција навистина се исплати. За таа цел, изолациските плочи во нејзината куќа треба да издржат неколку десетици години.

Автор: Кристијан Прицелиус / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми