1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Со кирилскиот фонт лицата со дислексија полесно читаат

Катерина Богоева
3 август 2019

„Додека не почнав да работам во ‘Ајнштајн’ не ни знаев дека имам дислексија“ вели Дамјан Николовски, кој е дел од тимот што го изработи новиот фонт DyslexicFZF, со додавката Bato

Nord-Mazedonien Verband für Dyslexie | Schullektüre
Фотографија: Verband für Dyslexie Nord-Mazedonien/D. Nikolovski

Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје го претстави во јавноста првиот, воопшто создаден кирилски фонт за лицата со дислексија  DyslexicFZF, заедно со додавката за Гугл хром, Bato. Зад оваа вредна иновација што на еден дел од луѓето им го олеснува читањето, стои тимот кој го сочинуваат: проф. др. Александра Каровска - Ристовска и м-р Маја Филиповска од споменатиот Институт, Дамјан Николовски, претседател на Здружението за дислексија „Ајнштајн“, типографот и графички дизајнер Ласко Ѓуровски, проф. Војислав Саракински, претседател на Комисијата за информациски и комуникациски технологии при истиот факултет, како и ИТ компанијата „Emit Knowledge“ на Марјан Николовски. Истовремено, беше претставена и едицијата „Лесно читливи лектири“ која им го олеснува читањето на децата со и без дислексија на издавачот „Арс Ламина“ кој исто така е дел од проектот. Едицијата веќе беше и наградена од Македонската асоцијација на издавачи на годинешниот Саем на книгата.

Случајно откритие

„Додека не почнав да работам во ‘Ајнштајн’ не ни знаев дека имам дислексија, веројатно да не работев таму никогаш немаше ни да дознаaм. Пред две години завршив економски факултет - маркетинг и работејќи во Здружението научив што таа претставува, како да им ги посочам на децата нејзините знаци, како истите да ги препознаат и родителите и наставниците.

Дамјан Николовски, претседател на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ Фотографија: Verband für Dyslexie Nord-Mazedonien

Но, дознав на пат за еден состанок во Белград кога во автомобилот на задното седиште разгледував српски прирачник за студенти со дислексија во кој имаше и тест за самопроценка. Чисто од љубопитност го направив и увидов дека и јас ја имам. Не ми се веруваше, кога го работиш тоа некако чудно ти доаѓа тој факт, но потоа наоѓав и други тестови и почнав да се преиспитувам себеси. Многу работи навистина ти стануваат појасни од моментот кога ќе дознаеш дека ја имаш: зошто си имал слаб успех во училиште, зошто наставниците ти велеле дека си мрзелив и други такви нешта. Не сум ги забележувал пред тоа грешките што сум ги правел на несвесно ниво при читањето. На пример, ќе видам две букви од еден збор и ќе кажам друг збор кој претходно сум го видел, а не тој што навистина е. На работа грешки при пишување, испуштање и преместување на букви, недовршување на зборови, тоа е нешто што и до ден-денеска ми се случува, но сега тоа не ме вознемирува“ - рече Николовски, кој отворено зборува за тоа со што лично се соочува, а во настапите во јавност ги охрабрува и другите да се соочат со дислексијата, за која, за среќа, се погласно се говори и во денешна Република Северна Македонија. „Најголем проблем ми беше додека студирав да ги претставам апстрактните работи, на пример: макроекономија и микроекономија и воопшто економијата како економија. Имав потешкотии во однос на таквите предмети, но кога доаѓаа стручните предмети, конкретно за маркетинг, ми беше многу лесно, си ги замислував работите и немаше никаков проблем“, рече претседателот на „Ајнштајн“. Ова здружение во кое членуваат наставници, родители на деца со дислексија и лица кои и самите ја имаат, работи на подигање на јавната свест за нејзиното постоење, а една од целите му е, потенцира Николовски, да излобира за одредени измени на законските регулативи во однос неа.

Образовен проблем, а не болест

„Како состојба, вели тој, дислексијата не е евидентирана во законите во државата, а многу често се случува да се поистоветуваат лицата со дислексија со лицата со посебни потреби. Многу често се случува таа и да се класифицира како болест, што никаде во светот не е. Станува збор пред се за образовен проблем и така  треба и да се третира. Немаме стандардизиран инструмент во државава според којшто таа може да се процени, но нашата соработка со Институтот за специјална едукација и рехабилитација води во насока на негово воведување. Пред околу четири години за прв пат во земјава е воведен предмет дислексија на истиот Институт. Го воведе професорката Александра Каровска – Ристовска, а од лани има и втор предмет за специфични тешкотии во учењето. Во светот, за споредба, веќе има и посебни факултети каде што таа се изучува“, напомена меѓу другото Дамјан Николовски. Тој потенцираше дека кирилскиот фонт за лицата со дислексија нему навистина му го олеснува читањето, но и дека повеќе му користи додавката Bato, направена заедно со фонтот, додавка за Гугл хром, која секоја веб - страница ја трансформира во тој фонт и има можност текстот да се зумира. A оваа додавка ја изработи компанијата „Emit Knowledge".

Марјан Николовски, Александра Каровска – Ристовска, Маја Филиповска, Дамјан Николовски и Бранка Бугариска Фотографија: Verband für Dyslexie Nord-Mazedonien/D. Nikolovski

Запрашана од каде произлезе потребата за создавање на првиот кирилски фонт  -DyslexicFZF и на кој начин истиот може да се користи, проф.др. Александра Каровска – Ристовска, посочи дека Комисијата за компјутерски и информациски технологии на Филозофскиот факултет, во соработка со типографот Ласко Џуровски, кон крајот на 2017 година го изработила тој фонт, согласно со стандардите на Британската асоцијација за дислексија, а со цел давање поддршка на студентите со дислексија во рамките на Факултетот и поединечните институти. „Овој dyslexia friendly фонт беше развиен како алатка за олеснување на флуентноста во оралното читање кај лицата со дислексија. Нашите истражувања покажаа дека со користење на овој фонт, покрај зголемување на флуентноста, се намалува бројот на грешки кои тие лица ги прават при читањето, додека истовремено се зголемува брзината на читањето. DyslexicFZF, заедно со други прилагодувања за лицата со дислексија (соодветна големина на фонтот, избегнување на пренатрупаност на текст како и овозможување избор на бои на позадината), ќе бидат инкорпорирани во Системот за менаџирање на учење (Learning Management System-LMS) кој во моментот се изработува во рамки на проектните активности на Филозофскиот факултет. Сите овие продукти се отворени и слободни за користење од страна на сите лица со дислексија. Ваквата поддршка може да направи значајна разлика во образовниот процес на тие лица и да им помогне да се реализираат во рамките на нивните можности“, рече Каровска – Ристовска..

Комплексноста на дислексијата

М-р Маја Филиповска од истиот Институт за специјална едукација и рехабилитација, објаснувајќи пак што претставува дислексијата укажа дека колку повеќе работи на неа, толку повеќе ја разбира нејзината комплексност. „Навидум изгледа дека тоа е едноставна тешкотија во читањето, но таа тешкотија се јавува како резултат на дефицити во многу различни развојни структури, во психомоториката и субјазичните функции. Во суштина станува збор за најчестата специфична тешкотија во учењето која има невробиолошко потекло и која се карактеризира со тешкотии во правилното и флуентно препознавање на зборовите, во способноста за декодирање и во проблемите во спелувањето. Што се однесува до препознавањето на дислексијата, особено се важни првите години од образованието, кога  децатасе описменуваат и ја усовршуваат вештината за читањето. Наставникот е клучен во овој период и треба да има предвид дека децата кои се веќе на 9 годишна возраст, а покажуваат знаци како што се бавно учење на врската помеѓу гласовите и буквите, огледалско и инверзно пишување на букви, тешкотии при читањето на зборовите и фрустрација при извршување на задачи поврзани со читање, потребно е да се упатат кај специјализирано лице. Секако дека одредени знаци се јавуваат уште во предучилишната возраст, пред воопшто децата да го започнат процесот на учење на читање, а на нив треба да внимаваат родителите и воспитувачите од предучилишните установи. Дел од нив се тешкотии при брзо именување на нештата, просторна ориентација, помнење на редослед, тешкотии со рима. Симптомите кај дислексијата се различни и многубројни и не значи дека кај сите лица се јавуваат потполно истите знаци“, рече Филиповска.

Таа објасни дека за да се олесни пред се процесот на  образование на лицата со дислексија, кој во најголема мера е базиран на пишани извори на информации, потребно е, освен соодветен третман, да се употребуваат соодветни образовни пристапи, како и асистивна технологија. „Изработката на крилискиот  фонт е еден начин како можат овие лица да дојдат до текстови кои се почитливи, но радува фактот што во рамките на Еразмус+ КА2 проектот Fostering Accessible Study Technologies: Accessible Learning Management System for Students with Disabilities, чиј координатор е Филозофскиот факултет, се изготвува text-to-speech софтвер, а предвидено е и создавање база за аудио книги“. Тоа, смета м-р Маја Филиповска ќе допринесе навистина да се олесни пристапот до текстуалните информации на лицата со дислексија.

Фонт со македонски кирилични карактери

А за типографот и графички дизајнер Ласко Ѓуровски, изработката на кирилскиот фонт за дислексија кој го смета за многу специфичен, навистина претставувала предизвик, бидејќи како што и потенцираше самиот, не работел на ништо слично до сега. „Тоа беше додатен мотив да почнам да истражувам околу проблемите кои ги имаат лицата со дислексија при  читањето.  Соработката со тимот кој беше вклучен во овој проект ми беше навистина корисна и многу ми помогна за да ги согледам вистинските потреби на овие лица. Веќе постоеја такви латинични фонтови кои ми послужија како патоказ за да ги применам тие искуства при изработката на кириличните карактери кои сами по себе имаат графички форми кои се посложени од латиничните.

Кирилскиот фонт за лицата со дислексија Фотографија: Verband für Dyslexie Nord-Mazedonien/D. Nikolovski

Спецификата на овој фонт е во тоа што сите форми на кириличните карактери се прилагодени на визуелната перцепција на лицата со дислексија. Основната конструкција на кириличните карактери е задржана, но видно се изместени одредени точки кои битно влијаат на тоа како лицата со дислексија ги перцепираат буквите со најмалку можни отстапувања од основните форми. Сето тоа успеав да го постигнам со многу експерименти, проби, тестови и консултации со лицата кои работеа на овој проект. Благодарност до сите кои соработуваа затоа што на крај можеме да бидеме горди на крајниот резултат, а тоа е фонт со македонски кирилични карактери кои им овозможуваат на лицата со дислексија да читаат текстови без никакви проблеми“, напомена Ѓуровски.

Споменатите 40 лектири и читанки од едицијата „Лесно читливи лектири" се презентирани како  привлечни и лесно читливи за сите ученици, не само за учениците со дислексија.  „'Арс Ламина – публикации'“, преку својот импринт ‘Либи', неодамна ги објави новите лектирни изданија. Се работи за поголем дел од листата на лектири за основно образование одобрени од Министерството за образование и наука кои се уредени со помош на специјалниот фонт и според светски утврдени технички стандарди за дислексија, поради што се одобрени и препорачани и од Здружението  „Ајнштајн“ и од Филозофскиот факултет при УКИМ“ рече меѓудругото Бранка Бугариска, директорката на издаваштво од истата издавачка куќа. Книгите беа премиерно претставени на конференцијата „Асистивна технологија за дислексија“ во Скопје, но и пред  1.350 наставници од земјата, во рамки на обуките под мотото „Читањето е супермоќ“, организирани во соработка со Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет. Бугариска укажа и дека досега лектирите наидоа на убав прием  кај наставниците,  родителите, а најмногу кај учениците, бидејќи се уредени на нов начин, модернизирани и освежени, но и адаптирани за соодветната возраст.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми