1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со побожна лага во посета кај папата

Кристијан Трипе/превод: Ж.А.27 јануари 2016

Тој не доаѓа во Ватикан во својство на политичар, истакна иранскиот претседател Рухани пред својата аудиенција кај папата. Но, тоа е само половина вистина - средбата беше високополитичка, смета Кристијан Трипе.

Фотографија: Reuters/A. Medichini

Сосем разбирливо е дека двајцата теолози разговараа околу своите религии. Тие го унапредија дијалогот меѓу христијанството и исламот и го збогатија од католички и шиитски аспект. Тоа е дел од нивната работа, но тоа е само половината. Другата половина се однесува на сите, па и на оние чие царство се наоѓа исклучиво на овој свет.

Франциско и Хасан Рухани се религиозни водачи и истовремено државници, последни од својот вид. Тие стојат на чело на двете последни теократски држави на Земјата. И тоа е нешто што ги поврзува (и сигурно го олеснува интеррелигиозниот дијалог, за што овде не станува збор). Притоа, разликите меѓу двете држави се толку големи, исто колку што е голем контрастот меѓу белата папска одора и црната тоба на иранскиот претседател. Контрастот не може да биде поостар.

Дискрецијата како заштитен знак на Ватикан

Состојбата на човековите права во Иран е критична. Истовремено со посетата на Рухани на Рим, организациите за човекови права потсетија - во Иран на смрт се осудени повеќемина млади, неполнолетни лица и можат да бидат егзекутирани во секој момент. Дали Франциско ја отворил оваа тема во разговорот со својот гостин, нема никогаш да дознаеме. Заштитен знак на ватиканската во легенди обвиена дипломатија е апсолутна дискреција. Во секој случај, католичката црква истапува секаде каде пред јавноста сака да се презентира како безусловен заштитник на човековите права и противник на смртната казна.

Кристијан ТрипеФотографија: DW

Иран е поактивен и поагресивен играч на Блискиот Исток: иранските офицери се советници на Генералштабот на сирискиот властродржец Башар ал-Асад. Милиции финансирани од Иран се борат на страната на сириската армија. Притоа, за шиитската верска држава важни се само голи геополитички факти и интереси - пристап кон Средоземното Море. Во регионот на Персискиот Залив Иран го заострува одамнешниот конфликт со сунитската водечка сила Саудиска Арабија, притоа води индиректна војна во Јемен и се впушта во дипломатски високоризични игри.

Посетата на Рухани на Европа беше овозможена од атомскиот компромис, откажувањето на Техеран од нуклеарно оружје и согласноста за постојани контроли. Без оглед на овој договор, за многумина во САД, традиционален сојузник на Саудиска Арабија, режимот во Техеран е оличение на „Оската на злото“. Сигурно и поради фактот што шиитската држава без заобиколување посега по градење моќ во регионот. Сето тоа не го загрижува Ватикан, напротив. Папските дипломати отсекогаш упорно се залагаа за Техеран да се најде на преговарачка маса заради ставање крај на војната во Сирија. Потребни беа години за овој став да доживее општ пробив, дека на преговарчката маса, покрај Саудијците, мора да биде резервирано столче и за Иран.

Папски баталјони

Советскиот диктатор Сталин своевремно потсмешливо и подбивно прашал: „Колку баталјони всушност има папата?“

Од световен аспект, историски задоцнет виц или дело на Светиот дух е тоа што подоцна токму еден папа, имено Јован Павле Втори и неговата тајна дипломатија значително придонесоа кон падот на комунизмот во Источна Европа. Политичките средства на Ватикан често се потценуваат. Тоа е предност за црковната држава, на таков начин кардиналите и емисарите можат да делуваат без да го чувствуваат притисокот на очекувањата. Ватикан во последно време повеќепати го шокираше светот: на пример со својата амбициозна мисија да ги придвижи Русите и Американците на заедничко уништување на сириското хемиско оружје. Со помош на Ватикан се случи и крајот на леденото доба меѓу САД и Куба.

По разговорите меѓу папата Франциско и иранскиот претседател Хасан Рухани, Ватикан соопшти дека Иран треба да помогне за запирање на насилството на Блискиот Исток и ширењето на тероризмот, како и поинтензивно да се ангажира во шверцот на оружје. Тоа е прилично јасен текст за некој кој наводно во Ватикан не дојде за да зборува воопшто за политика.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми