1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со ситни чекори против промената на климата

18 ноември 2017

Конференцијата за климата во Бон остави зад себе двојба. Постои извесно напредување, но многу бавно. Јагленот станува сѐ поголем проблем, првенствено за самонаречениот ученик за пример, Германија, смета Јенс Турау.

Deutschland Weltklimakonferenz COP23
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Конференцијата за климата заврши по долги натегања, првенствено околу финансиските прашања, конечно, постигната е согласност околу натамошно постоење на парични фондови за прилагодување на сиромашните земји кон промената на климата, што беше дел од Кјото-протоколот. Во Бон се договорени први чекори ова да биде преземно и во Парискиот договор за климата.  

Дали Светската конференција за климата во Бон претставува успех,  како што државите - преговарачи сакаат да ни ги замачкаат очите? Или игнорирање на бризантноста на промената на климата, како што тврдат активистите од еколошките организации? Вистината веројатно е некаде во средината.

Преговарачите имаат право: од почеток беше јасно дека во Бон ќе се разговара само околу многу комплексните, исклучително технички детали поврзани со Парискиот договор од 2015. година. На пример, околу тоа како приближно 190-те земји-членки на ОН, можат да ги усогласат своите париски климатски цели. Тоа не звучи многу возбудливо. И сите тие прашања ќе бидат конечно заклучени дури на следната Конференција за климата во Полска. Климатскиот караван се движи навистина бавно, постојано кружејќи околу светата крава на сите досегашни климатски конференции на ОН - согласноста на нивниот крај. Потребни се навистина многу оптимизам и трпение за на тоа да се додели добра оценка. Но, контрапунктот би бил неуспех, па дури и при ваков тенок договорен именител.

Струјата од јаглен: мега-проблем

Екологистите во Бон брцнаа со прстот во една рана: никогаш досега на една климатска конференција не се разговарало толку многу за јагленот. Тој уште многу се користи, во Кина, Индија, САД, без оглед на сите напори за протежирање на обновливите енергии. Но, и во Германија, која во улога на домаќин мораше да истрпи непријатни прашања, зашто не може да ги исполни сопствените климатски цели.

Дали не беа токму Германците, кои себеси радо се гледаа во предводници на полето на заштита на климата? Очекувањата од говорот на канцеларката на Конференцијата за климата беа нереалистични, зашто јасно беше: Ангела Меркел не може да наведе никаков датум до кој Германија би се откажала од користење електрична енергија добиена од јаглен, зашто таа сѐуште не знае дали и со кого ќе продолжи да владее во Берлин. Во Бон 23 држави објавија скоро напуштање на јагленот како енергенс, а Германија не е меѓу нив. Тоа се должи на околноста што една во моментов техничка влада, не може да донесува такви далекусежни одлуки. Лош тајминг, би можело да се рече. 

Јенс Турау

По еуфоријата во Париз

Станува јасно: по еуфоријата настаната по Парискиот договор од пред две години, меѓународната климатска политика повторно спласна. Сега треба да се реализираат ветувањата од 2015. година, а тоа е тешко. Времињата за мултилатерални договори, гледано геополитички, и онака не се поволни: во источна Европа постојат проблеми со деспоти и националисти, во САД и во Турција има целосно отсуство на антени за заштита на климата.

САД се изолирани, поточно - американската влада

Поминаа времињата кога сите очи беа вперени во САД, кога тие беа главни во климатската политика. Понекогаш блокади предизвикани од Републиканците, понекогаш напредоци за време на претседателот Барак Обама, темелите во меѓувреме се одамна поставени. Земјите во развој и оние во засилен развој, како и индустриските земји соработуваат заеднички, даваат пари за прилагодување кон промените на климата, формулираат цели. Градови и региони, и оние од САД меѓу нив, во Бон јасно потенцираа: нема да дозволат да бидат одвратени и запрени од негаторот на климатските промени, Доналд Трамп.

 Сепак, тоа не е доволно. Зашто, времето полека истекува. Но, не постои друга бина за решавање на глобалниот проблем на човештвото - промената на климата. Затоа, одиме натаму.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми