1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со темата ЕУ не се добиваат гласови во Турција

12 јуни 2011

Од ЕУ-еуфоријата на почетокот на преговорите за членство пред шест години во Турција не остана речиси ништо. Процесот е во ќорсокак. За турските граѓани кои денеска избираат нов парламент ЕУ одамна не е веќе приоритет.

Иако владејачката Партија на правдата и развојот на премиерот Реџеп Таип Ердоан и опозиционата републиканска Народна партија на Кемал Киличдаролу ја имаат во изборните програми, ЕУ не беше изборна тема. Турските експерти сметаат дека со темата ЕУ не можат да се добијат гласови.

Политичката предизборна битка во Турција се води се‘ пожестоко со приближувањето на денот на изборите, 12 јуни. Ударите меѓу партиите се концентрирани најчесто на корупцијата, неправилностите во приемните испити на универзитетите или компромитирачките секс-сцени на видео снимките кои кружат преку Јутјуб со водечки претставници на десноекстремистичката Партија на националистичкото движење на Девлет Бачели. Ниту една партија не кажа ни збор за ЕУ, иако приемот во неа важи и натаму за највисока цел на турската надворешна политика. Генералниот секретар на Фондацијата за економски развој во Истанбул Чихдем Нас тоа го лоцира во недостатокот од ЕУ-перспектива кај партиите:

„Гледаме дека турската јавност го изгуби интересот за темата ЕУ поради напорите кои се во ќорсокак, а темата падна и на агендата на владата“.

Генералниот секретар на Фондацијата за економски развој во Истанбул Чихдем НасФотографија: DW

Преговорите се заглавени пред се‘ поради конфликтот околу Кипар. Според Нас, турската јавност изгуби доверба во ЕУ. Причината е што според турското сфаќање, францускиот претседател Никола Саркози со поддршка на германската канцеларка Ангела Меркел водат анти-турски фронт.

Предрасуди на двете страни

Претседателот на Фондацијата Турција-Европа, Сија Муезинолу за одговорни за слабеењето на интересот за пристап на Турција во ЕУ ги смета предрасудите на двете страни:

„Очигледно е дека од една страна некои предрасуди во ЕУ-земјите против Турција се‘ уште не се надминати. Во некои земји културните и религиозните разлики со Турција во внатрешно-политичките пресметки се користат како аргументи против Турција. Но, и во Турција постојат предрасуди против ЕУ. На неа се гледа како на христијански клуб“.

Турција во водечка улога во регионот

Додека преговорите за пристап мируваат, Анкара се обидува да преземе водечка улога во Блискиот Исток. Востанијата во арапскиот свет го зголемуваат и значењето на Турција. Експертот за Европа Нас ја анализира стратегијата на турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, кој се обидува Турција да ја направи поатрактивна за Европа преку нејзината активна улога во регионот:

Реџеп Таип ЕрдоанФотографија: AP

„Мислам дека на крајот се‘ ќе зависи од изборниот резултат. Ако владејачката партија добие помал број гласови од очекуваното, целта за ЕУ-прием повторно ќе ја користи како средство за оправдување. АКП се правда со својата поддршка за членство во ЕУ против оние кругови кои и‘ припишуваат исламизам, како да сака да рече-Ние работиме за ЕУ“.

Кандидатите за пратеници од АКП се на мислење дека нивната партија не скршнала од целта за прием на Турција во ЕУ.

Автор: Хилија Којлу/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми