1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со укинување на законот ќе се „самоукине“ и Судот!

Катерина Блажевска 15 март 2016

Ако укине одредби од Законот за помилување, Уставниот суд и самиот ќе се „укине“ како чувар на Уставот, порачаа граѓански активисти пред вечерашниот протест. Очекувањата се дека Судот ќе ги укине одредбите од Законот.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Најверојатно ќе се укине Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Ваков епилог прогнозираат правни експерти од утрешната седница на Уставниот суд, откако тој во изминатиов месец се оглуши на реакциите во дел од јавноста, правната фела и ЕУ, дека помилувањето на сторители на изборни нерегуларности ги загрозува напорите кои водат кон градење правна држава, демократија и обезбедување услови за фер избори.

На седница затворена за јавноста, Уставниот суд утре ќе одлучува за Решението што со мнозинство од пет уставни судии (четири „против“) го донесе на 24 февруари годинава: да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.

„Уставниот суд е пред важна одлука: Ако укине одредби од Законот за помилување, и самиот ќе се 'укине' како чувар на Уставот“, порачаа граѓански активисти пред вечерашниот голем протестен марш, против можноста претседателот на државата да добие право да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, но и за други тешки кривични дела.

Отворен пат кон хаос

Голема непознаница е како ќе постапат судиите утре, но укинување или поништување на оспорениот закон речиси ќе има ист ефект, вели поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски.

„Ако не ја одложат седницата, тогаш најверојатно ќе донесат одлука за укинување на оспорените законски одредби, што би значело дотурање бензин на огнот. Она што е сега важно, судиите да се издигнат над себе и да ги сослушаат аргументите дека законските одредби се во согласност со Уставот. Такво мислење дало Собранието, Владата, а и поранешниот премиер Груевски изјави дека останува на истиот став што го имал за законот во 2009 година. Иако реално не верувам во искреноста дека тие се за останување на решенијата содржани во законот, не може пет судии од Уставниот суд да противречат на ставот дека законот е во согласност со Уставот“, вели Ивановски.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тој предупредува дека Уставниот суд може да се претвори во алатка за докрајчување на можноста за развој на државата, а нарачателот на одлуката кој оваа состојба ја гледа од страна, треба да биде свесен дека таа ќе води кон хаос.

„Сегашните законски одредби не се спротивни на Уставот. Напротив, дејствата кои би се преземале, би биле во спротивност со Уставот“, дециден е Ивановски. Тој смета дека во овој момент најдобро решение е Уставниот суд да ја запре постапата, бидејќи таква можност е предвидена со деловникот за работа.

Затворена седница- отворени протести

Предлог-одлуката што утре ќе биде ставена на маса, ја знаат само членовите на Уставниот суд. Засега не е извесно дали тие ќе заседаваат во Судот или на друга локација, имајќи предвид дека уште пред два дена за вечерва во 18 часот беше најавен протест пред седиштето на Уставниот суд од платформата за граѓанска политика „Ајде!“, кој ќе трае цела ноќ и ќе продолжи утре. Веднаш потоа уследи и најава за контрапротест, односно „собир за заштита на институциите“, организиран од партијата „Гром“ на Стевчо Јакимовски. Но, битката за освојување на платото пред Судот започна уште денеска напладне. Членови и поддржувачи на „Гром“ го „освоија“ целиот простор околу Уставниот суд, на кој „Ајде!“ го најави ноќното „бдеење над Уставот“.

Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншкиот комитет, вели дека има тенденција да се спречи граѓанскиот собир.

„Ние нема да се откажеме од планираното. Се надевам дека МВР ќе преземе се што е во нивна моќ. Најмногу се надевам дека граѓаните нема да наседнат на провокации. Според тоа што го знаеме, организирано се носат луѓе, од јавната и локалната администрација, а веќе има ангажирано лица кои ги евидентираат кој се е дојден“, рече Пировска.

На граѓанскиот протест најавија дека ќе му се придружат и други невладини организации, како и партиите СДСМ, НСДП, Обединети за Македонија, ПЕИ, ПЕП 21, Демократски Сојуз, ДОМ, Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП), ФРОДЕМ и Левица. Протестниот марш кој ќе започне пред зградата на Владата, ќе продолжи пред Народната канцеларија на претседателот Иванов и пред Собранието. Со цел да се избегне „блиска средба“ со учесниците во контрапротестот кои веќе се пред Уставниот суд, можно е протестот на „Ајде!“ и бдењето на Уставот да заврши на друга локација, во непосредна близина на Уставниот суд.

Контра-демонстрантите уште од препладнево поставија шатори пред судот.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во околината на Уставниот суд, покрај Камени мост и на плоштадот „Карпошово востание“, од попладнето има видливо присуство на полицијата.

Меѓупартиски обвинувања

СДСМ денеска ги повика граѓаните на мирен и достоинствен протест пред Уставниот суд. Според опозициската партија, дел од уставните судии немаат морален кредибилитет да одлучуваат законски и непристрасно. Како пример го посочија судијата известител, Никола Ивановски, против чиј брат е поднесена кривична пријава за неовластено организирање комар, а до денес се уште не е процесуирана. Но, посочија и кој има најголем интерес од укинување на законот.

„Факте е дека Никола Груевски и повеќе од половина членови на Извршниот комитет се осомничени за изборен криминал и тие се единствените луѓе на кои во овој момент им одговара амнестија за кривични дела за изборен криминал. Сите знаат дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ стојат за оваа иницијатива за укинување на законот“, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека СДСМ продолжува со срамното однесување, притисокот и заканите врз Уставниот суд.

„Аболицираниот криминалец Зоран Заев и СДСМ потврдија дека стојат дирекно зад т.н. невладини демонстранти пред Уставниот суд кои најавија дека се подготвени 'да јадат живи луѓе' ако добијат таква наредба од Заев и СДСМ. СДСМ и Заев потврдија дека преку своите невладини експоненти директно на уставните судии им покажаа среден прст и им се заканија дека ќе ги креваат на клоци и ќе ги влечат за уши ако не одлучат по наредбите од СДСМ. Срамно и скандалозно“, се вели во соопштението на владејачката партија.

Вчера и опозициската НСДП го повика членството да се приклучи на протестниот марш за одбрана на Уставот од уставните судии.

„Злосторничкото здружение кое ги узурпира институциите на државата за лукративни интереси на потесна фамилија, во очајнички обид за спас од политичка и кривична одогворност, посегна и по Уставниот суд. Но, ние нема да дозволиме највисокиот правен акт да се погазува за спас на една криминална група“, порача Горан Мисовски од НСДП.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми